ВИДЕО | Интервју со Теа Трповска, блогерка за храна: Вегетата ми е тајна состојка

Фото: „Слободен печат“

Да се пишува на блог за храна не е толку едноставно како што изгледа на социјалните медиуми. Во денешното издание на СП. серијалот „Слободно со Агнеса“, ве запознаваме со блогерката Теа Трповска од Скопје, која целата љубов и пасија ја вложува во готвењето и нејзиното семејство.

Нејзиниот стил на готвење е современ, но и традиционален. Инспирацијата позади нејзиното готвење е нејзиното семејство. Таа пазари еднаш во неделата и секогаш е спремна со нови рецепти и, најважно, свежи намирници.

„Обожавам да одам на пазар, обожавам да купувам, да се шетам низ тезгите. Тоа многу ми помага за менталното здравје. Многу ми е убаво на пазарче…“, вели таа.

Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Нејзината приказна со готвењето започнала пред дваесетина години, кога Теа имала само петнаесет години и живеела со нејзините родители, готвејќи разни рецепти.

Теа вели дека е пресреќна што има платформа каде што може да ја искаже својата креативност преку готвењето.

„Многу ми е убаво што имам платформа на социјалните медиуми, каде што можам да ја споделам мојата љубов кон храната и готвењето. Засега немам некој предизвик, затоа што се сметам себеси за благословена, да можам да споделам сè, автентично. Дури и кога имам соработки со брендови и фирми, се чувствувам многу благодарно што можам да им ја донесам мојата приказна и визија на сите тие луѓе кои ме следат на Инстаграм“.

Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Нејзин омилен оброк е појадокот, а вечерата не ѝ е толку важна. Таа вели дека еден доцен појадок и еден убав ручек ѝ се доволни.

Зборувајќи за експериментирањето со храна, Теа вели дека не ескпериментира толку колку што треба. Тоа, можеби, се должи на нејзиниот страв од неуспешен рецепт и залудно потрошено време.

„Не експериментирам доволно колку што треба, колку што сакам. Иако, многу сакам да експериментирам со различни зачини. На пример, да ми текне да ставам нане во кускус салата. Знам дека оди, но не можам да го ставам во количина во којашто ја имам замислено во глава. Само така малку, колку да кажам дека има нане…“.

Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Дестинации кои ја поврзуваат со храната се средноисточните земји, од чии кујни се инспирира и создава рецепти за нејзиниот блог.

Содржината на нејзиниот блог е разовидна – рецепти кои нѐ потсетуваат на детството, ретро рецепти, рецепти инспирирани од балканската кујна, па дури и рецепти кои настанале сосема случајно.

Теа често ја спомнува нејзината мајка Маре во нејзините видеа, од која има наследено многу рецепти. Тој сентимент ја потсетува на заедништво, на носталгија по нејзиното готвење и своевиден „копнеж по нејзиното детство“.

Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Таа има уште една страница која ја нарекува „виртуелна пекарница“,  на која објавува многу видови печива. Теа се надева дека оваа година ќе отвори вистинска пекарница, односно мало и слатко бистро во кое ќе уживаат сите гости.

Кога ја прашав дали нарачува храна, нејзиниот одговор беше: „Многу, многу, многу ретко“.

„Нарачувам само пица, толку сум досадна. Тоа е така затоа што пицата ми е најбезбедна опција и не нарачувам нешто друго освен пица. Тоа е бруталната вистина“.

Нејзината „тајна“ состојка е вегетата. Овој зачин ѝ буди чуства на носталгичност и ја користи, речиси, во секое јадење.

Проследете го целото видео тука:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот