ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Проф. д-р Горан Марковски: Сигурноста на градбите зависи и од моралниот материјал на човекот

д-р Горан Марковски - декан на градежниот факултет / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Одговорноста и совесноста на субјектите се клучни за квалитетно градење не само во нашата држава, туку секаде во светот каде што постои организирано општество и пишани закони од оваа област, вели професор Марковски во разговорот за „Утрински печат“.

Непосреден повод за разговорот со истакнатиот инженер, професорот Горан Марковски, кој на Градежниот факултет предава Бетонски и дрвени конструкции, беше катастрофалниот земјотрес во Турција и прашањата во врска со квалитетот на градбите – и на нашите – што се отворија по него.

– Земјотресот во Турција покажа една специфична ситуација, а тоа е дека градовите се најдоа пред страшен напад и удар и сите беа речиси неподготвени. Ако го користам спортскиот речник, сите ние бевме без подготвена одбрана што резултира со страотен пораз и со огромен број загубени човечки животи и причинета голема материјална штета. Според мене, тоа е цивилизациски пораз како резултат на нашиот однос во градењето на општествените односи, а овде директно иницирано како последица на лоша практика во градежништвото. Рано е да се даде стручно мислење и оцена за земјотресот во Турција и тоа што се случи со градбите, иако има првични информации, сознанија и констатации што повистинито ќе ни ја претстават сликата – вели професор Марковски.

Според него, одговорноста и совесноста на субјектите се клучни за квалитетно градење не само во нашата држава, туку секаде во светот каде што постои организирано општество и пишани закони од оваа област.

– Станува збор за примена на моето правило наречено 4С. Тоа се зборовите стручност, стандарди, сериозност/свесност и совесност. Стручноста е соодветна на знаењето, стандардите подразбираат правила и принципи во проектирањето и градењето. Другите зборови се дел од човековата личност и природа. Свесноста и сериозноста се клучни за однесувањето на човекот во изведувањето одреден градежен зафат. Четвртиот збор е нашиот таканаречен морален компас, а тоа е совесноста при извршување на задачите. Имам впечаток дека исчезна чувството на срам кај човекот за неморална постапка. Состојбата со квалитетот на објектите е најризична во бесправно изградените објекти или кај објектите што се изградени спротивно на законот за градба – вели Марковски.

Тој смета дека оценката за квалитетот на градењето не може да биде една и општа – ниту дека сите објекти се сигурни и безбедни, ниту дека постојните се неквалитетни односно лошо изградени.

– Асеизмичкото градење почнува со урбанизацијата или со просторното планирање. Денес со истражувачки методи и техники е утврдено кои се подрачјата со повисок ризик од земјотреси. Поради ова е исклучена можноста да се изведуваат масивни градби и масовна градба во тие подрачја. Периодот наречен транзиција ги промени односите во оваа област и тие препораки што се почитуваа до деведесеттите години, едноставно беа отфрлени. Луѓето се сомневаат во работата на институциите што се надлежни да го следат и да го контролираат градењето. Поради оваа скептичност и неверување во институциите, не може да го убедите нашиот граѓанин дека градбата се врши според најстроги правила, стандарди и критериуми. Оцената за денешните градби или оние по деведесеттите години би можела да биде повисока само ако се почитуваат одредени правила во процесот на градење, а не се директно условени од правилата на областа градежништво, туку се наоѓаат во човековата природа. Станува збор за карактерот и за личните карактеристики на индивидуата – објаснува Марковски.

Како професор, тврди дека степенот на знаење што го стекнуваат студентите од областа на градежништвото е голем и во споредба со периодот од пред неколку децении тие поседуваат многу повеќе знаење.

Целиот разговор со проф. д-р Горан Марковски, декан на Градежен факултет погледнете го во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот