Горан Иванов - директор на финансова полиција / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Иванов: Најголемото даночно затајување во државата е 2,7 милиони евра

Најголемото даночно затајување во државата е цели 170 милиони денари или над 2,7 милиони евра. Извршено е од страна на правно лице и физичко лице како управител во една фирма- изјави Горан Иванов, директор на Управата за финансиска полиција во интервју за „Утрински печат“ на Слободна ТВ. Од позначајните даночни затајувања извршени од страна на правни и физички лица Иванов вели дека можат да се истакнат износите кои се движат од 24 до 17 милиони денари.

-Во моментот Управата за финансиска полиција активно постапува по околу 300 предмети но интерес на времето во оваа прилика би истакнал неколку позначајни и тоа: Се работи на предмет во кој се инволвирани голем број на правни и физички лица, кои во заедничка соработка преку изготвување на фактури со нереална содржина во текот на последните години неосновано ги намалуваат обврските за ДДВ во повеќе правни субјекти и на тој начин го оштетуваат Буџетот на Република Северна Македонија Овој предмет се работи заедно со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција- вели Иванов.

Горан Иванов – директор на финансова полиција / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

Тој објасни дека во моментот се постапува по предмет каде постојат основи на сомневање дека правни и физички лица преку невистинити фактури предизвикале штета на средства од европските фондови.

-Во изминатиот период од наша страна извршени се контроли во правни субјекти на територијата на нашата држава со дејност технички прегледи на моторни возила, кои контроли опфатија поголем број на правни субјекти и како резултат на истите е контатиран значителен износ на противправно присвоени парични средства од страна на одговорните лица за што од наша страна се поднесени повеќе кривични пријави до надлежните обвинителства. За целосните резултати Управата за финансиска полиција дополнително ќе извести- вели Иванов.

Што се однесува до контролите на големите увозници на овошје и зеленчук кои беа предмет по кој постапувааа објасни дека во изминатиот период во соработка со Државниот пазарен инспекторат, Царинската управа, Управата за јавни приходи и Министерството за внатрешни работи, спровеле проверки во поголем број на правни субјекти.

– Врз основа на Одлуките од месец април донесени од страна на Владата беа констатирани незаконитости во надлежност на Управата за финансиска полиција. Како резултат на првичните проверки Управата за финансиска полиција до ОЈО поднесе три кривични пријави против три физички и три правни лица за постоење на основани сомневања за сторено кривично дело Даночно затајување. Пријавените физички лица, во својство на управители на пријавените правни субјекти, свесно и со однапред утврдена намера, со цел да се стекнат со противправна имотна корист за себе и за правните субјекти, во периодот од 01.01.2023 година до 25.04.2023 година, значителен дел од набавената трговска стока (прехрамбени производи) евидентирана на залиха во износ од 112.727.586 денари неосновано ја присвоиле за себе и не ја евидентирале во сметководствената евиденција на правните лица како кусок, при што не пресметале, не пријавиле и не платиле ДДВ во износ од 5.636.379 денари и Данок на личен доход во износ од 12.524.718 денари- вели Иванов.

Горан Иванов – директор на финансова полиција / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

Со така преземените дејствија, пријавените предизвикале штета на Буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од 18.161.097 денари.

-Република Северна Македонија се соочува со проблемот на финансиски измами и токму поради тоа се преземаат соодветни активности, со цел зајакнување на капацитетите и соработката на сите надлежни институции инволвирани во спречување и откривање на сторителите. Финасиските измами претставуваат криминални дела кои можат да се дефинираат како намерни акти на измама кои вклучуваат финансиски трансакции, поради остварување на лична придибивка- вели Иванов.

Според него во мометов Управата за финансиска полиција работи на поголем број предмети каде постојат основи на сомневање за сторени кривични дела Измама, Даночна Измама, Измама на ЕУ средствата и слично.

– Ќе нагласам дека пред една недела јавноста беше информирана дека од наша страна до ОЈО Скопје беше поднесена кривична пријава за сторено кривично дело Даночна измама, каде сторителите предизвикале штета од преку 14.000.000 денари за кој износ го оштетиле Буџетот- вели Иванов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот