ВИДЕО | Даночната политика за медиумите остана непроменета и во ковид-кризата

Во цената од 15 денари за печатен примерок, повластената даночна стапка од 5 проценти учествува со 0,71 денари, додека при електронската продажба на весникот, од наплатените 15 денари, 2,3 денари одат за данокот на додадена вредност, кој во овој случај е 18 отсто.

Печатените медиуми, како насекаде во светот така и во Македонија, се погодени од корона-кризата. Од една страна, тоа е резултат на намалениот промет, а од друга страна од намалените реклами. Порталите, пак, особено во ова „ново време“, кога секој пребарува информација повеќе, како за пандемијата, така и за други содржини за кои сега има повеќе време во однос на нормалните услови на живеење, доживуваат поголема експанзија, но од економска гледна точка, тоа не е придружено со поголеми приходи.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Гледано како кој било бизнис-сектор што вработува и создава додадена вредност, но гледано и од аспект на нивното значење во процесот на информирање и градење јавно мислење, медиумите во корона-кризата се најдоа во мерките на владите за економски опстанок и одржливост во време на пандемијата. Даночната политика, пак, остана непроменета. Оданочувањето на весниците е со повластена даночна стапка од 5 проценти, но ако некој сака електронски да се претплати на весник, тогаш данокот е 18 проценти. Ова е тема за која треба да размислат креаторите на даночната политика, порачува управителот на „Слободен печат“, Мирослав Јовановиќ.

– Различните даночни стапки звучат малку парадоксално, можеби тоа треба да се „исполира“, да се доведе во иста линија, земајќи предвид дека продаваме идентичен производ. Останува да разговараме за ова со претставниците на Владата, да објасниме за што станува збор. Засега ова е незначителен износ, но иднината на медиумите ја гледаме во електронската продажба и затоа треба да се отпочне тој разговор, но еве тоа нека остане за некои подобри времиња – вели Јовановиќ.

Во цената од 15 денари за печатен примерок, повластената даночна стапка од 5 проценти учествува со 0,71 денари, додека при електронската продажба на весникот, од наплатените 15 денари, 2,3 денари одат за данокот на додадена вредност, кој во овој случај е 18 отсто.

Печатеното издание има поголеми влезни трошоци, какви што се хартија, бои, плочи. За сите овие репроматеријали, влезниот данок на додадена вредност е 18 проценти. Но, секако, на крај данокот што се плаќа е разликата меѓу излезниот данок, односно данокот што е пресметан во цената за крајниот купувач, и влезниот данок, односно данокот што се наоѓа на фактурите за репроматеријали и други трошоци што се направени за да се произведе крајниот производ. Сепак, влезните даноци за репроматеријали, или за други трошоци, е ставка што финансира еден процес до краен производ, но и до краен купувач, а факт е и дека секогаш постои разлика меѓу бројот на печатени и на продадени примероци. Ова е нормален процес на оданочување што се случува за секој производ или услуга, во која било дејност. Она што сега, во време на пандемија, им паѓа тешко на сите фирми е неизвесноста, планирањето на производството, ликвидноста…

За разлика од зголемената читаност на вестите на порталите, електронската продажба на весниците е сѐ уште во зародиш. Продажбата на електронските изданија на печатениот весник „Слободен печат“ засега најмногу е интересна за нашите во странство, додека за домашната популација останува навиката пишаниот медиум да се купи во трафика. Но, во време на пандемија, кога стравот го ограничува движењето, прометот на весниците значително паѓа. Годината што помина ја одбележаа и целосните „локдауни“, а крајниот резултат беше намалена продажба на весникот „Слободен печат“ во 2020 година во однос на 2019 година за 21 процент. Овој податок може да се смета за репрезентативен и илустративен во однос на тоа што се случува со прометот на сите весници во Македонија.

– Најголем пад на месечно ниво за весникот „Слободен печат“ имаше во април во однос на март, кога продажбата се намали за 19 проценти. Но, потоа, мај во однос на април покажа раст на продажбата. Поголем пад, од 7,2 проценти, е забележан во август во однос на јули, а поголемо закрепнување, од 7,5 проценти, во декември во однос на ноември. Освен влијанието на пандемијата, во месечните промени треба да се земе предвид дека месеците каде што има повеќе празници се секогаш со помал промет, затоа што помалку денови се продава весникот – објаснуваат од секторот финансии на „Слободен печат“.

Следењето на состојбата со порталот „Слободен печат“, пак, покажува дека читателите во време на пандемија значително се свртеа кон електронско следење вести.

– Во време кога сме ограничени со секакви препораки за заштита од пандемијата, луѓето повеќе се ориентирани кон веб-страницата и можам да се пофалам дека тука имаме бум со порталот Слободен печат, во смисла на број на посети и прегледи – вели Јовановиќ.

Но, интересот за содржините на порталите не е следен со интересот на огласувачите, затоа што во време на пандемија тие се соочени со свои тешкотии и со кратење на трошоците. Како најтешки месеци во однос на закупот на рекламниот простор, било да е тоа во печатениот медиум или на порталот, се покажале април и мај минатата година.

Како е во Црна Гора?

И покрај долгогодишните барања за намалување на даноците и придонесите за платите на новинарите и другите медиумски работници и воведување на нулта стапка на ДДВ за дневниот и периодичниот печат, црногорските власти не ја сменија даночната политика дури и за време на епидемијата на коронавирус. Ниту како што неофицијално е соопштено на „Вјести “, тоа прашање е на агендата на новата влада.

Единствената поддршка во овој дел беше репрограмирање на даночниот долг за компаниите кои редовно плаќале даночни обврски, а намалени се и придонесите за нововработените работници од евиденцијата на Бирото за вработување. Даноците и придонесите за плати останаа непроменети, а во вкупниот износ на плата тие изнесуваат 41,5 проценти и вклучуваат придонеси за пензиско и здравствено осигурување и платени придонеси по основ на невработеност.

Ако на тоа се додадат плаќањата за Синдикатот и за Стопанската комора, тогаш може да се пресмета дека вкупните даноци и придонеси се околу 65 отсто од нето износот. Покрај тоа, данокот на суровини, кој изнесува 21 процент, не е променет, а истите даноци и такси сè уште ги плаќаат електронските медиуми.

 

Приказната за влијанието на пандемијата на ковид-19 врз економскиот опстанок на медиумите е создадена во соработка со дневниот весник „Вијести“ од Црна Гора и „Слободен печат“ од Северна Македонија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот