ВИДЕО | Бојана Јанева, кустос во МСУ: Скопје и народот кој живее тука има желба за уметност

Музејот на современа уметност во последните неколку години доживува вистинско освежување, низ музејскиот простор продефилираа дела на уметници кои можат да се видат по големите светски музеи. Не само што се врати публиката во МСУ, туку тимот на музејот успеа да привлече нова, млада публика што е исклучително тешко во услови кога културата во нашето општество е ставена на маргините.
Бојана Јанева или „нашиот дијамант“ како што ја нарекуваат нејзините колеги е кустос во МСУ, кој успеа да придонесе многу во заживувањето на музејот со организирање на музејските тури како кустос-водич.
„Работам со многу љубов и со длабоко верување дека скопјани и сите кои доаѓаат од другите градови, па и од странство, треба да бидеме горди и среќни што поседуваме еден ваков објект со толку големо државно, културно наследство. Јас верувам дека сите ние сме оптоварени со премногу секојдневни проблеми и тешкотии, и ретко си даваме момент на оддишка, кога ќе се уживаме себеси, ќе уживаме во нашата околина и ќе дознаеме нешто за нашата историја и нешто повеќе за уметноста. Токму од тоа мое лично верување дојде и идејата да го работам ова во Музејот на современа уметност, секако заслуга има и мојата директорка Мира Гаќина, која на некој начин ме откри и предложи да ги работам музејските тури. Мојата визија за тоа што треба да биде Музејот на современа уметност за луѓето кои живеат тука, ја делам со сите останати колеги и колешки. Скопје и народот кој што живее тука има желба за уметност, желба да дознае повеќе. Културниот живот порано значеше секоја вечер посета на концерт, изложба или театарска претстава, тоа е составен дел од социјалниот живот, посетување на културни и уметнички места и јас навистина верувам во публиката“, вели Бојана за „Утрински печат“ за својата и работата на тимот во Музејот на современа уметност.
Една од главните цели на музејот покрај уметничката програма е и едукација на младата публика. Речиси секојдневно се организираат посети од деца од градинки, основни училишта, средношколци, па сѐ до студенти од архитектура, историја на уметност, ликовна уметност, дизајн.
„Едукативното одделение во Музејот на современата уметност е едно од најстарите во нашите културни установи, јас само ја наследив работата на моите колешки и со голем жар пристапив кон барање на училиштата, остварување на контакти за деца од предшколска и школска возраст. Станува збор за едукативни работилници, во кои децата прво ја гледаат поставката која ја има во моментот во музејот, а потоа им нудиме можност тие самите да изработат свои креации. Пристапот кон децата е навистина поинаков, затоа и постои таа професија, музејска едукација, и во целиот свет веќе се верува во значењето на едукаторите и начинот на алтернативно, поинакво образование кое нуди слобода којашто ја нема во школскиот курикулум.“
На 6 април се очекува отворањето на 14-ото биенале на млади уметници со наслов „Будења“. Бојана за „Утрински печат“ ни ги откри деталите за тоа кои се куратори на изложбата, колку млади уметници ќе земат учество и на што се осврнува годинешната тема на биеналето.
„Биеналето на млади уметници е организирано од страна на МСУ уште од 1967, со повремени прекини и е многу значајна институција и една од најпосетуваните изложби што ги имаме во музејот. На годинешното биенале сме тројца куратори, Ива Димовски, која ги држи конците на биеналето, Никола Узуновски, уметник кој соработува со МСУ и комуницира со уметниците, а јас сум повеќе како помош. Оваа година ќе имаме 38 млади уметници пријавени од целиот свет, а темата е ‘Будење‘. Гледавме да имаме општа тема, каде уметниците ќе имаат слобода да ги покажат своите размислувања и начини на работа, и секако се поврзува со пандемискиот период и тоа како уметниците ги доживуваат тие промени“, вели Бојана.

Музејот на современа уметност е симбол на светската солидарност и солидарно Скопје, тема со која се занимава изложбата во Кунстхале Виена, со дела од вредната колекција на музејот. За првпат во Виена ќе биде претставена селекција на дела од МСУ, а Бојана ни раскажа за важноста на изложбата која е од национален интерес.
„Оваа изложба е организирана од страна на Кунстхале, во музејскиот кварт во Виена, каде ќе може да се видат најзначајните дела од нашата колекција. Ова за првпат се случува, ваква голема патувачка изложба во соработка со куратори кои не ја претставуваат само колекцијата, туку на нивна покана има и 9 уметници кои се инспирирани од приказната на музејот, како е настанат, солидарноста и донациите на дела на уметници од целиот свет“, објаснува Бојана за концептот на големата патувачка изложба на МСУ во Виена.

Повеќе од разговорот со Бојана Јанева можете да погледнете на следниот линк: