ВИДЕО | Башевски: Управниот одбор на НУБ „Св. Климент Охридски“ предупредуваше на состојбите

Димитар Башевски: Управниот одбор на НУБ „Св. Климент Охридски“ предупредуваше за состојбите, за тоа има документи. Откако медиумите објавија фотографии кои ја прикажуваат руинираноста на читалната и другите простории во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ (НУБ), а комисијата на Министерството за култура утврдила бројни слабости во работењето на институцијата, претседателот на Управниот одбор на НУБ, Димитар Башевски апелира да не се дозволи сосема да пропадне оваа значајна културна инстиуција.

„НУБ е меѓу неколкуте најважни културни национални установи, формирани веднаш по ослободувањето, од страна на тогашните култури дејци со јасна свест за книжевите, културните и за научните потреби на идната држава. Ја воделе важни имиња и многу се водело сметка за тоа. Нашата библиотека многу заостана зад сличните институции, не само во богатиот свет, туку и во регионот. Добро е што деновиве медиумите укажаа на состојбите во неа. Библиотеката е една од најкрупните и најзначајните национални установи, а веќе во голема мера руинирана и со не мали проблеми во внатрешното работење. Не е од голема полза ако државата, односно Министерството за култура сега би се обидувало да се изземе од одговорност. Не се работи за тоа дека сегашниот министер или сегашниот состав на Министерството има одговорност, бидејќи за еден многу краток период се сменија неколку министри за култура, а во библиотеката има и наследени проблеми, наталожени со години. Сега е добро ако државата реши да не остави една таква институција да се руинира. И не се работи само за инвестициите, менаџментот на библиотеката мжеби за овие прашања не може многу да стори, но секако повеќе ќе беше направено внатре во работата на библиотеката ако поангажирано ги следеше насоките и ако ги реализираше заклучоците на Управниот одбор.

За тоа што укажуваше Управниот одбор постои документација, записници, постојат упатства, а ги има и редовните извештаи до Министерството за култура. Постојано беше укажувано бидејќи она што е проблем на библиотеката се гледа со голо око, воопшто не е тешко да се види. Проблем е и тоа дали библиотеката во таквата состојба може да фати чекор со времето и како што врви времето заостанувањето е и ќе биде уште поголемо“, вели за Утрински брифинг, писателот Димитар Башевски, претседател на УО на НУБ „Св. Климент Охридски. Зградата на Националната и универзитетска библиотека датира од 1972 година. Во 2009 година, беше изграден нов дополнителен објект, но тој не функционира поради тоа што нема греење и други услови, а се користи како магацински простор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот