ВИДЕО | Андоновиќ: Промена на политиката на Бајден кон Израел, револтираниот Нетанјаху ја откажа посетата на Вашингтон

Анализа со Андоновиќ / Фото Слободен печат

14 од 15 членки на СБ на ОН гласаа за молк, само САД беа воздржани, Нетанјаху го откажа патувањето во Вашингтон

По пет ставени вета, Советот за безбедност на ОН вчера усвои резолуција со која се бара итен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во текот на месецот Рамазан, како и итно и безусловно ослободување на сите преостанати заложници. За прекин на огнот гласаа 14 членки на Советот за безбедност на ОН, а само САД беа воздржани. Резолуцијата, предложена од 10 непостојани членки на Советот за безбедност на ОН, исто така ја нагласува итната потреба да се зголеми протокот на хуманитарна помош и да се интензивира заштитата на цивилите низ палестинската енклава.

Амбасадорката на САД во ОН Линда Томас-Гринфилд рече дека иако последната резолуција вклучува промени што ги побараа САД, Вашингтон не може да гласа „за“ бидејќи не се согласува со сите делови од документот. Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш на „Х“ напиша дека резолуцијата мора да се спроведе и дека неуспехот ќе биде.

По седницата во Њујорк, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го откажа патувањето на израелската висока делегација во Вашингтон, планирано за оваа недела.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, рече дека САД се разочарани од одлуката на израелскиот премиер да не испрати делегација во Вашингтон за да разговара за алтернативите за големата инвазија на Рафах.

Усвојувањето на резолуцијата доаѓа откако Израел објави дека се согласил со предлогот на САД за размена на 700 палестински затвореници и 40 заложници кои ги држел Хамас. Хамас, пак, соопшти дека неколку прашања останале нерешени по ослободувањето на палестинските затвореници од израелските затвори.

На прославата на еврејскиот празник Пурим минатиот викенд, Нетанјаху најави дека израелската армија ќе влезе во Рафах и ќе постигне апсолутна победа, и покрај апелите на меѓународните претставници и светските лидери да не продолжуваат со офанзивата на јужниот град каде што повеќе од 1,7 милиони раселените Палестинци најдоа засолниште.

Во исто време, најавата на Израел дека ќе заплени 800 хектари земја во долината Јордан, на окупираниот Западен Брег, предизвика остра реакција во ЕУ. Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, изјави дека конфискацијата на земјиштето од страна на Израел на окупираните палестински територии е кршење на меѓународното право.

Критики за Израел стигнаа и од Германија и Шпанија. Германското МНР соопшти дека правењето на еврејски населби го кршат меѓународното право и подгреваат дополнителни тензии во оваа исклучително кревка ситуација“, додека шпанската влада посочи дека најавата на Израел „го влошува регионалниот конфликт и ги комплицира меѓународните напори да се придвижи кон прекин на огнот“.

Во меѓувреме, палестинската Црвена полумесечина соопшти дека ИД извршила повеќе напади врз болниците Амал, Насер и Ел Шифа во Појасот Газа.

Израелската армија уби 30 луѓе за 24 часа во Рафах и блокираше две болници тврдејќи дека таму се кријат членови на Хамас.

Инаку промената на политиката на Бајден кон израелската операција во Газа, се толкува како последица на предизборната трка во САД. Имено, како резултат на досегашната поддршка на Израел, демократите на Џозеф Бајден, загубија дел од гласачкото тело во САД од муслиманската и арапската заедница, што се толкува и како своевидна казна за поддршката која Бајден досега ја даваше на владата на Нетанјаху и воените операции врз Палестинците.

Од друга страна, Бајден и неговите највисоки функционери на израелскиот народ му пружија емоционална поддршка, како и сета воена и дипломатска помош што и е потребна на нивната земја од 7 октомври минатата година.

Тие бараат ослободување на заложниците, како и уништување на Хамас како воена сила.

Но, Бајден сака Израел да го направи тоа, како што рече, „на вистински начин“, односно се противат на најавениот копнен упад во бегалскиот камп Рафах каде во моментов се наоѓаат два ипол палестински бегалци, стравувајќи дека ќе дојде до голем број на цивилни жртви.

Вашингтон смета дека „постојат и други решенија освен копнена инвазија од големи размери, која подобро ќе ја обезбеди безбедноста на Израел и ќе ги заштити палестинските цивили“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот