ВИДЕО | Андоновиќ: Митинг или контрамитинг? – Во Белград власта протестира денеска, опозицијата утре

Анализа со Дејан Андоновиќ/ Фото Слободен печат

На Србија и претстојат два дена со најавени масовни собири на власта денеска и опозицијата утре, кои ги потврдуваат длабоките поделби во општеството и на политичката сцена. Покрај ова, владејачката Српска напредна партија најавува „фатални одлуки“ на своето партиско собрание закажано за утре.

Главната причина за овие масовни протести беа двете трагедии од почетокот на мај, во кои загинаа 18 основци и млади луѓе, а 20 беа ранети во едно белградско основно училиште и во селата околу Младеновац, што предизвика масовни граѓански протести и критики до властите за толерирање и промовирање насилство во јавниот простор и медиумите.

Под мотото протест „Србија против насилството“ на проевропската опозиција, изминатите два петоци беа организирани масовни протести на улиците на Белград, а преку нив беа упатени барања кои вклучуваат оставка од високи полициски функционери, меѓу кои министерот за внатрешни работи и шефот на разузнавачката БИА кои ги сметаат за виновни за последиците од поттикнување и толерирање насилство во јавноста, како и негирањето на националната фреквенција на приватните провладини телевизии кои некритички промовираат насилство и омраза во нивните програми.

Владата ги нарече тие протести, со кои во два наврати неколку часа беа блокирани клучните патишта во Белград, злоупотреба на трагедиите од страна на опозицијата која, како што обвинија не може преку избори да дојде на власт па ги злоупотребува трагедиите.

На двата големи протести на опозицијата, српскиот претседател и лидер на владејачката Српска напредна партија (СНС) Александар Вучиќ одговори со организирање на масовен протест за вечерва, најавувајќи дека во Белград ќе биде организиран „најголемиот митинг во историјата на Србија, нарекувајќи го „Србија на надежта“.

Секој од трите граѓански протести организирани од таканаречената проевропска српска опозиција беше помасовен од претходниот, со процени дека на вториот протест имало 50.000 луѓе, а на третиот до 100.000.

Овие бројки власта на актуелниот претседател Вучиќ ги негираше тврдејќи дека на протестите имало околу 10.000 луѓе.

Како што и самиот изјави, Вучиќ очекува вечерашниот собир на приврзаниците и членовите на СНС масовно да ги надмине бројката на сите досегашни граѓански протести на кои опозиционерите меѓу другото бараат тој да се повлече од претседателската функција иако тој е само на почетокот на втората година од неговиот втор петгодишен мандат.

Вучиќ и СНС се на власт од 2012 година, а редовните изборни циклуси честопати беа прекинувани со вонредни избори, во зависност од процената на политичката сила и поддршката што ја имаа во тие периоди.

Според оценките на српската јавност, Вучиќ, кој ги повикува граѓаните и неговите приврзаници за најмасовен митинг досега, всушност сака директно да го измери рејтингот и да покаже дека по повеќе од два милиони гласови на претседателските избори во април 2022 година, сè уште ужива исклучителна поддршка кај српските граѓани.

Дел од опозициските медиуми во Србија тврдат дека СНС на Вучиќ, за потребите на вечерашниот митинг ја злоупотребува владејачката позиција и ги принудува вработените во јавните претпријатија, во кои имаат свои вработени, да учествуваат на вечерашниот протест во центарот на Белград.

Истите извори наведуваат дека СНС ангажирале дури 2.200 автобуси за превоз на поддржувачи од цела Србија. Од ноќеска во Белград пристигнаа и голема група на Срби од Косово и Босна кои ќе земат учество на вечерашниот митинг за поддршка на Вучиќ.

Од друга страна со цел да се избегне конфронтација граѓанските протести на опозицијата кои изминативе два петоци се одржуваа во Белград, беа преместени за утре.

Опозицијата за утре најавува дека демонстрантите ќе формираат обрач околу зградата на државната Радио-телевизија Србија, барајќи вклучување во живо во ударниот дел на програмата, централниот дневник, каде ќе ги соопштат своите барања.

Српската опозиција ја обвинува уредувачката политика на српскиот јавен сервис дека е наклонета кон власта и дека не и дава можност на српската опозиција да ги презентира своите политички ставови

Во меѓувреме, Вучиќ, алудирајќи на промената на власта во Украина со протестите на киевскиот плоштад Мајдан во 2014 година, изјави дека „во Србија нема да има Мајдан“ и дека владата нема да се менува на улица туку на избори, навестувајќи дека тие би можеле да бидат вонредни и да се одржат уште оваа есен.

Доколку тоа се случи, овие избори би биле втори вонредни избори за помалку од две години, иако владејачката коалиција предводена од „напредњаците“ на Вучиќ има големо мнозинство во парламентот, но и се погласна лева и десна опозиција што укажува на се поголеми критики кон актуелната влада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот