Весникот мора да биде агора, да спојува идеи и луѓе

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Идејата е да се влезе во еден вид комуникација со весниците и неделниците од регионот, да се обиде „Слободен печат“ да ја шири својата граѓанска идеја со нашите колеги од регионот, да се зборува, комуницира и да развива „критичко мислење“. Ние нужно, а тоа важи за сите оние кои мислат и пишуваат во овој регион, упатени сме едни на други.

Идејата на новинарството, барем за мене, е наменета за луѓе кои знаат да мислат, говорат и да пишуваат и, се разбира, таа своја компетенција (или „способност“) успеваат да ја бранат преку професионални средства. За жал, сево ова што го набројав го има многу малку во нашите медиуми. Во таа смисла, „Слободен печат“ можеби е единствениот бастион што ја брани слободата на информирање и слободата на став од сите печатени медиуми во нашата земја. Сакам да кажам дека го глорификувам „Слободен печат“ како простор во кој може да се дебатира затоа што секој друг простор е „зафатен“, ако ме разбирате што сакам да кажам.

Природата на новинарството е да пружи простор, да комуницира, да посредува во онаа „критичка јавност“. „Слободен печат“ како најтиражен дневен весник во Македонија влегува во еден проект – односно влезе во комуникација и во посредување со други дневни и неделни весници на целиот овој регион. Генералниот директор на „Слободен печат“, Миро Јовановиќ, заедно со уредништвото на весникот, стапиле во контакт, на мое големо задоволство и одушевување, со следните весници: „Ослобоѓење“ од Сараево, „Вјести“ од Црна Гора, „Капитал“ од Софија, „Недељник“ од Белград, „Ефимерида Тон Санктакток“ од Атина, „Коха“ од Приштина, „Дело“ од Љубљана, „Андолија Ејџенси“ од Анкара…

Идејата, ако добро разбирам, е да се влезе во еден вид комуникација со весниците и со неделниците од регионот, да се обиде „Слободен печат“ да ја шири својата граѓанска идеја со нашите колеги од регионот, да се зборува, комуницира и да развива „критичко мислење“. Ние нужно, а тоа важи за сите оние кои мислат и пишуваат во овој регион, упатени сме едни на други. Затоа што сите оние весници кои во себе имаат „своја политика“ и припаѓаат на оној либерално-демократски свет, многу тешко доаѓаат до соговорник. Е, сега, зошто е тоа така, тоа е една долга приказна за нашата балканска историја, за моделите на власт во овој регион, за сиромаштијата, за бедата, за катастрофалните навики за читање, и за оние луѓе што доаѓаат до заклучок дека на овие простори личните перспективи се најблаго речени катастрофални.

Ако смеам така да се изразам, и од мојата соработка со луѓето од „Слободен печат“ забележувам дека нашите вредносни погледи се залагање за граѓанско општество, парламентаризам, демократија и за мирно решавање на сите спорови, а таквите вредности се и врвни вредносни судови и на „Слободен печат“.

Таквите вредносни судови во нашиот контекст, бидејќи ние многу добро знаеме што значи да се залагаш за такви вредности, свесни дека национализмот „ти клечи“ пред секој ќош, а, пак, од практична позиција знаеме што Никола Груевски – во врвот на својата моќ – правеше од медиумите, и како тој го разбираше парламентаризмот и плуралноста. Имено, удираше на сите медиуми (и јавни личности) кои имаа некое влијание, а ги премолчуваше или ги простуваше оние луѓе и медиуми што немаа некое големо јавно влијание.

Многу малку, море што малку, со оваа пандемија ние немаме никакви комуникации со нашите соседи, без разлика од која фела доаѓале. Со новинарската речиси и да немаме комуникација, освен можеби приватно, ама тоа е нешто сосема друго. Така што со овој гест се потенцираат на две работи: „Слободен печат“ ја афирмира на регионално ниво јавната дебата, и второ, не упатува едни на други. Секој со своите (колумнистички) коментари за реалностa во која работи, мисли и пишува.

Мене лично би ми преставувало задоволство кога „Слободен печат“ би ми овозможил „физички“ разговор низ регионот, а тоа значи дека со голем „шарм“ и енергија би зборувал за моите перспективи во државата од некоја многу повидлива агора, да речеме, што знам, може Сараево, или може  Атина, или било кој друг град, нема воопшто да се бунам. А би бил дури и задоволен кога некој мој коментар/текст би го пренеле во „Вјести“ од Црна Гора или во „Недељник“ од Белград, да речеме. Би се „фрцкал“ како паун на зелена полјана, ако ме разбирате. Се на се, го поздравувам потегот на „Слободен печат“ што се обидува да ги шири видиците, па дури и ако сакате, „да го шири подрачјето на борба“, што би рекол М. Уелбек. Без разлика на која тема, дали е тоа Косово, мигранти, договорот на Северна Македонија со Грција, односите со Бугарија, не е важно, важно е луѓето од регионот да комуницираат меѓу себе, да се гледаат и да се дружат, да споделуваат искуства, да коментираат теми и проблеми, сосема сеедно. Затоа што, сепак, ние сме упатени едни на други.

Би сакал да завршам со онаа Хегелова максима која вели „читањето дневен весник е секојдневна молитва на модерниот човек“. Што значи дека ако електронскиот медиум поприма елементи на гротеска, печатените медиуми мора да го задржат својот критички филтер и да останат демократични, а новинарите се тие кои мора да ги детектираат лагите и манипулациите. Тоа мора да биде нивната борба (или нашата?), покрај зачувувањето на критичката мисла, да се потрудиме да ги „избегнуваме конанозираните/или стандардизираните мисли“ (У. Еко).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот