Вакцините се халал, што побрзо вакцинирајте се, апелира имамот од Берн до Албанците во Швајцарија

Имамот Мустафа Мемети од албанската џамија во Берн / фото: Lecanton27.ch

По редицата написи во швајцарските медиуми дека болниците се полни со пациенти-Албанци кои се вратиле од летните одмори во родните краишта, како и наводите за фалсификување ПЦР тестови во Србија, Косово и други балкански земји, повеќе организации, интелектуалци, па и имамот од џамија во швајцарскиот главен град Берн, се вклучија во апелите кон албанската заедница за вакцинација.

Според швајцарскиот весник на албански јазик Ле Кантон 27, бројот на новозаразени и смртни случаи од ковид-19 во Швајцарија е алармантен, а повеќе од 500 жртви на вирусот досега биле од албанската заедница, како и 25.000 заразени, главно од Косово.

Во Швајцарија од почетокот на пандемијата се забележани вкупно околу 11.000 смртни случаи од ковид-19. Според податоци од членови на албанската заедница, болници, лекари-Албанци и погребни компании кои ги пренесува весникот, вакцинирани се околу 30 отсто од 60.000 луѓе од албанско потекло, колку што живеат во земјата.

„Моето семејство и јас, заедно со луѓето во џамијата, бевме меѓу првите што позитивно одговорија на повиците за вакцинација, затоа што тоа е во најдобар интерес на нашето здравје, нашите семејства, на кантонот и пошироко во општеството. Во исто време, во нашата средина ние ги поттикнуваме, апелираме и повикуваме не само до нашите верници, туку и до целата албанска заедница да се вакцинира и да ги почитува мерките и правилата на Швајцарската влада околу овие обврски. Затоа, јас ги повикувам сите граѓани да ги остават настрана теориите на заговор со разни шпекулации за вакцините и да се вакцинираат што побрзо, наспроти пропагандите на разни сајбер-армии“. Ова е потребно и превентивно, затоа што Исламот е религија на превентивата, да се спречи најлошото. Вакцината не е само халал, туку исто така и еден хуман, нужен чин на нашето време“, вели за весникот Ле Кантон 27 имамот на албанската џамија во Берн, Мустафа Мемети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот