УТРИНСКИ БРИФИНГ | Кузмановски: Постои можност доверителите на Еуростандард банка да почнат да се тужат меѓусебно

Љупчо Кузмановски, адвокат / Утрински брифинг

Од банкротот на Еуростандард банка помина повеќе од една година, има стечаен управник, отворена е истрага и ништо не се случува.

-Стечајната постапка за Еуростандард банка тече според Законот за стечај. Но нешто спектакуларно во делот за кривичниот прогон не се случува. Од Обвинителството немаме конкретни информации, но она што може да дознаеме од јавноста и од некои приватни релации сѐ уште нема постапки во тој дел, изјави во Утрински брифинг Љупчо Кузмановски, адвокат и претставник на правната иницијатива во полза на оштетените.

Оштетените граѓани во делот на работата на Обвинителството очекуваат некаков исход до крајот на годината.

Уставниот суд донесе одлука за укинување на член од законот со кој Фондот за обезбедување депозити го губи приоритетот за наплатување од стечајната маса, па за оштетените граѓани оваа одлука на Уставниот суд мора да се спроведе.

Инаку, Фондот за осигурување на депозити е место каде што сите банки алоцираат средства за обештетување при вакви случаи на пропаѓање на банки.

По одлуката на Уставниот суд Владата веднаш реагираше и го задржи Министерството за финансии за 15 дена да донесе некакво решение за пополнување на оваа правна дупка што настана со одлуката на Уставен суд.

-Очекувано е владата да застане на страната на правата на граѓаните, станува збор за илјадници луѓе, за 3000 луѓе, но се уште нема решение во смисла на одлука од страна на владата. Очекувам дека постапката ќе продолжи во судот со стечајната постапка. Досега имаме коректни односи со стечајниот судија и стечајниот управник, добиваме информации колку што можат да дадат и не одбиваат соработка, вели Кузмановски за Утрински брифинг.

Друга работа е спроведувањето на законите во стечајната постапка и Кузмановски вели дека тука се појавува проблем при спроведувањето на одлуката на Уставниот суд која е обврзувачка и мора да се спроведе, а судот не го прави тоа.

-Статусот на Фондот како доверител не може повеќе да постои и треба да се запрат сите поединечни акти донесени пред укинувањето на тој член од страна на Уставен суд. Судот, пак, смета дека одлуката треба етапно да се спроведува и тоа да го прави Одборот на доверители. Ние сметаме дека Одборот нема ингеренции да постапува туку судот треба да му даде рамка како да постапува при редоследот на наплата на побарувањата. Но, судот не носи таква одука, вели Кузмановски за Утрински брифинг.

Постапката сега во еден дел е пред Апелацискиот суд од која оштетените граѓани очекуваат да му наложи на Основниот суд да ја почитува одлуката на Уставниот суд. Во спротивно може да се случи секој од доверителите да ги тужи останатите и да се предизвика низа нови судски постапки за намирување на побарувањата, што пак може да доведе до одолговлекување на целата постапка за обештетуваме, коментира адвокатот Кузмановски за Утрински брифинг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот