Утопијата и малограѓаните

Фото: Архива

Идеалот за кој сета интуиција и индукција ни покажуваат дека е реален и активен, па оттаму никогаш не е далеку од тоа постепено да се претвори во реалност. Ако ова е точно, а се чини дека е токму такво и логички издржано, фактички ја разобличува како целосно глупава и безвредна често употребувана фраза – „за идеали гинат будали“.

Сите наши малограѓани, секој поминат ден во нивното луксузно, но опскурно опкружување, ги приближува, како што впрочем ги приближува и сите човечки суштества, со онаа чудна ама вообичаена математика на универзумот, кон онаа точка во која се завршуваат сите животни патувања. Сите, па и тие, патуваме во смрт, по утврден возен ред и без исклучоци.

Но, буржуите, односно малограѓаните мислат дека ќе живеат вечно и затоа скоро никогаш не разговараат и не се грижат за нешто друго освен за најнепосредната и најсекојдневната стварност. Сета малограѓанштина на куглата земска влече зад себе облаци од празни и бесмислени зборови, сè околу нив е преполно со порнографски слики, илузии, афери, патетични спомени, бесмислени луксузи… Идеали за нив не постојат.

Идеали и будали

Утопијата им е недостижен поим. Ја сметаат за бесмислена. Тие се секогаш само – практични. Ако во нешто не здогледаат профит, тогаш тоа е безвредно.

Сосема мал дел од нашите малограѓани се олигарси и од неодамна, сосема случајно, или целосно незаслужено и криминално, насобрале огромно богатство, па денес не прават ништо друго освен што лежат врз вреќите полни со пари и ’ржат на сите оние што замислиле дека луѓето треба да се еднакви и рамноправни, а не да бидат нечии слуги и робови. Другиот, поголем, дел се ситни буржуи и лумпенпролетери, кои, ем им завидуваат на првите, ем си завидуваат меѓу себе. Сите заедно волчешки крвожедно завиваат на секоја утопија (визија) која проектира еднаквост и достоинство, а највисоката „мудрост“ до која стигнале во нивниот шугав живот е онаа – „за идеали гинат будали“.

Тие наши плиткоумни малограѓани никогаш нема да сфатат дека идеалот е секогаш израз на некаква енергија и се граничи со психологијата на сонувањето, на утопијата, на длабоко осознавање на животот. А, знаете, само обичните идиоти не сонуваат и никогаш, никогаш не се длабоки. Всушност, идеалот за кој сета интуиција и индукција ни покажуваат дека е реален и активен, дека никогаш не е само сон и утопија, дека не е ниту фатаморгана во пустината на некаква скршена, исцрпена и жедна душа, тој плодотворен идеал е конкретен чин, па оттаму никогаш не е далеку од тоа постепено да престане да биде идеал и утопија и да се претвори во реалност. Ако ова е точно, а се чини дека е токму такво и логички издржано, фактички ја разобличува како целосно глупава и безвредна често употребувана фраза – „за идеали гинат будали“.

Неспособност за емпатија

Впрочем, прашајте го кој било малограѓанин што подразбира под прогрес, ќе ви одговори дека тоа се парите кој тој треба да ги заработи и скапиот автомобил кој замислил да го вози. Сосема сигурно нема да чуете некаква среднорочна или долгорочна визија за развојот на градот или државата. Под овие негови зоократски и индустриски филозофии во кои „за идеали гинат будали“, тој малограѓанин е толку американизиран и холивудизиран што наполно загубил секаква способност за емпатија и способност да разликува природна појава од натприродна, фикција од стварност, морален свет од физички. Затоа не може да сфати дека единствениот вистински прогрес за него, за неговиот град, за неговата држава, за човештвото е ослободувањето на човекот од секоја – принуда! Ослободување од власта на парите, од стремежот за поседување. Ослободување од старото, гнило и декадентно општествено-економско уредување. Секако, тешко ќе е да се пробиеме низ тие мрачни малограѓански простори на ситносопственичка логика, до непосредната и јасна вистина дека човекот на човек треба да му биде човек, а не стопан, кодош и завидлив непријател. Дотогаш, до времето додека човештвото го направи тој коперникански пробив, наместо утопија, во светот ќе доминира дистопија во која „идеалот“ ќе биде капиталистите да се претворат во робовладетели, а работниците во робови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот