Учениците од Могила полесно до Њујорк отколку до Битола

Додека Ковачевски од говорница во ОН аргументираше дека учењето за да се научи значи писменост, критичко размислување, истражување и развивање на потенцијалите, средношколците од Могила губат од наставата бидејќи се оставени без бесплатен превоз до Битола, превоз што им следува законски

Образованието е она што останува, откако ќе се заборави наученото во училиште, а исходот од доброто образование во 21 век значи: учење за да се научи, учење да се живее заедно, учење да се прави, учење да се биде.

Вака премиерот Димитар Ковачевски на Самитот за трансформација на образованието во Њујорк го цитираше генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш. Му недостигаше уште фразата „знаењето е сила, знаењето е моќ“.

И, додека Ковачевски од говорница аргументираше дека учењето за да се научи значи стекнување писменост, развивање критичко размислување и вештини за анализа, истражување, за носење одлуки и за развивање на потенцијалите на нашите идни лекари, научници, градители, идни лидери, на кои ќе се потпира нашиот свет, средношколците од пелагониската општина Могила губат од наставата бидејќи се оставени без бесплатен школски превоз до Битола, превоз што им следува законски.

Освен тоа, од некои села нема ни редовна линија до градот за да дојдат на настава. Па одат на училиште кога можат родителите да им го платат билетот или таму од каде не поминува автобус за Битола да ги пренесат со возило до градот. А дали и кога ќе им бидат вратени парите, никој не знае. Дотогаш, Владата, како што рече Ковачевски, е посветена на создавање услови и средина што ќе им овозможи на нашите ученици и студенти да напредуваат и да ги остварат своите потенцијали. Ама средношколците од Могила потенцијалите ќе ги постигнуваат дома, веројатно на социјалните мрежи.

И, додека средношколците од Могила го чекаат автобусот, сите ученици ги чекаат материјалите за учење, кога веќе немаат учебници. Ама и материјалите за учење, барем во дигитална форма, никако да стигнат на платформата на Министерството за образование и наука исто како што не стига ни школскиот автобус во Пелагониско. На чекање се ставени и учениците од петто одделение. И тие чекаат учебници, а добија материјали, односно еден учебник по четири предмети.

Средношколците добија некои од учебниците, ама се пожалија дека повеќето се толку уништени од претходните генерации што е невозможно да се учи од нив, а оние во стручните училишта, пак, ги немаат учебниците токму за стручните предмети.

И додека сите се со статус „на чекање“, од Министерството за образование излегоа со став дека на образовните системи им е неопходно преобмислување за да можат учениците да ги совладаат загубите во учењето предизвикани од пандемијата, да воспостават механизми за совладување на идните предизвици, да овозможат еднаквост и вклученост, како и квалитет и релевантност.

Веројатно на истиот квалитет и на релевантноста мислеше и премиерот Ковачевски кога говореше дека само луѓето што имаат способност и капацитет да размислуваат критички, можат да бидат доволно храбри да ги одбранат правото и правдата и да ги добијат своите битки, користејќи аргументи, а не насилство.

Добро е што бараат начини како да ги натераат учениците и студентите да размислуваат критички, иако не разбравме што мисли за тоа министерот за образование Јетон Шаќири, кој е на истиот Самит во Њујорк, ама не слушнавме како ќе ги мотивираат да не заминуваат од земјава и да имаат трпение уште малку да го почекаат школскиот автобус.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот