Уапсен охриѓанец во чиј клуб полицијата затекнала Русинки и Украинки „на црно“

Полицијата во Охрид ноќеска привела охриѓанец во чиј угостителски објект, кој претходно бил пломбиран, затекнала 18 гости и 11 државјанки на Русија и Украина што таму престојувале и работеле „на црно“. Сите се уапсени, а од објектот се одземени пари, телефони и техника за снимање.

– На 16.01.2021 година во 01.30 часот Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога  оружје и опасни материи во координација со полициски службеници од Одделот за специјални полициски операции и Државниот пазарен инспекторат извршија контрола во угостителски објект на улицата Железничка во Охрид, сопственост на Д.Т.(30) од Охрид, при што било утврдено дека објектот работи и покрај претходно изречената забрана за работа и ставената пломба на 06.01.2021 година од ДПИ. Притоа внатре биле затечени сопственикот, четири лица од персоналот, 18 гости и 11 странски државјанки од Русија и Украина. Од извршената контрола е утврдено дека во објектот се врши дејност после 18.00 часот, спротивно на мерките за спречување на пандемијата со ковид-19. При претресот, извршен со наредба на судија на претходна постапка од Основен суд Охрид,  пронајдени се и одземени поголема количина на парични средства сместени во посебни нумерирани кутии, мобилни телефони и техниката за видео надзор – се вели во соопштението на полицијата.

За настанот е известен јавен обвинител од ОЈО Охрид, по чија насока од слобода се лишени сопственикот и сите лица што се затекнати во објектот, против кои ќе биде поднесена кривична пријава по член 206 од Кривичниот законик, кој се однесува на мерките за заштита од епидемијата од коронавирусот. Инспекторите од Одделението за странци против 11-те странски државјанки ќе поднесат соодветен поднесок и тие ќе бидат спроведени пред судија за претходна постапка поради тоа што биле без регуларен престој во државата и без работна дозвола.

Државниот пазарен инспекторат повторно го пломбирал угостителскиот објект во Охрид, кој има забрана за вршење на дејност во времетраење од 30 дена. Против сопственикот ќе биде поднесена кривична пријава и за претходното кривично дело –  оштетување и кинење на пломба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот