„Уа северџани, Вардар е нашата Proud“

Фото: Слободен печат/Ана Анастасовска

Ете помина и тоа. Вардар стана европски шампион, нè направи горди уште еднаш, нè зацрта на европската ракометна мапа, а за нашите момци слушнаа сите. Да бидам искрена, не сум некој спортски тип, не гледам многу ракомет, иако овојпат сакав да го гледам финалето, но немав каде. Но, се радувам бре на вакви победи и тоа како.

Некако емотивно сум поврзана за овој клуб и за ова име, стара скопјанка сум, татко ми отсекогаш навивал за Вардар, како мала ме носел на фудбалски натпревари на Вардар, ми раскажувал како на времето оделе и се забавувале на градска плажа покрај Вардар. Сите тие негови убави спомени ме врзуваат за Вардар.

Но она што ми е криво е што ова име се користи за политички цели и манипулации, за поделба на народот. Вчера на Фејсбук напишав дека на следни избори ќе гласам за онаа партија која на градскиот плоштад ќе собере толку народ колку што собра Вардар, без сендвичи и списоци. Ме израдува сликата од преполниот плоштад. Народот знае да се радува и да слави.

Но, она што ме здоболе беа националистичките и политички извици, навредите упатени кон другите етнички заедници. Она што ме здоболе беа навредите за оние другите, за „северџаните“. Она што ме здоболе беше што уште еднаш се покажа и докажа дека како општество и тоа како сме поделени, не само по етничка основа, туку и по политичка. Тоа што бившиот режим го билдаше 10 години, сè уште не е искоренето и нема да се искорени уште многу години.

„Уа северџани, Вардар е нашата Proud“, беше главната порака овие денови. „Северџаните“ и „клетите шиптари“ немале право да се радуваат на Вардар. А зошто? Зарем „северџаните“ не се Македонци? Зарем „клетите шиптари“ не живеат во Македонија, зарем тие не го сакаат Вардар и не се радуваат на успесите на Македонија?

Зошто премиерот и претседателот да се срамат и да се плашат да се појават на плоштад? Зошто да стравуваат дека ќе бидат навредувани или можеби нападнати? Зарем Вардар не е нивни клуб? Зарем тие не навиваа вечерта за Вардар? До кога ќе се делиме и навредуваме?

Ме боли тоа што децата ми растат во вака поделено општество. Само се залажуваме дека живееме во мултиетничко општество и дека градиме општество за сите. Јас како мала сум имала другари, соседи Албанци, Турци, Бошњаци и Роми. Се сеќавам на Мерсим и Мурат од приземје, Семра од спроти мене, Енис и Елвир од мое одделение. Со сите нив сум играла и сум седела во школските клупи. Моите деца немаат такви другари. Моите деца не знаат на кој јазик зборуваат нивните сограѓани. Моите деца ме прашуваат зошто мамо „смрт за шиптари“?

Но, јас им објаснувам, исто како што мене моите родители ми објаснувале, дека сите се луѓе и сите треба да се почитуваме.

Политичарите од власта, не само Заев и неговите, туку и оние другите, Али и бандата околу него, нека си стават прст на глава и нека размислат зошто вчера не беа пожелни на плоштадот. Нека почнат да работат на концептот едно општество за сите за кој толку многу се залагаат и за кој верглаат само во празно. Нека почнат да ги казнуваат оние кои шират говор на омраза. Почнете на младите генерации да им давате пример за тоа како некогаш се живеело во братство и единство. Како се негувал тој концепт во Југославија.

Засукајте ги ракавите и направете ги Македонија, Вардар, Работнички, МЗТ, Шкендија, Слога, на сите. Направете „северџаните“ и „комитите“ да бидат Македонци, бидејќи тие тоа и се.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот