Триесет и четири концерти и шест театарски претстави на програмата на годинешното 61 издание на Фестивалот „Охридско лето”

Повеќе од 500 уметници од 18 земји ќе бидат дел од магијата што уметноста ќе ги донесе на годинешното 61 издание на најреномираната и најголемата музичко- сценска манифестација во земјата, Фестивалот „Охридско лето”. Врвни концерти со познати светски имиња, со приоритет на македонски уметници кои имаат светска слава, национални оркестри и театарски куќи. Спој на еминентни домашни изведувачи кои заедно ќе настапат со светски познати имиња од уметноста, за потврда на Фестивалот „Охридско лето” како еден од најголемите промотори и афирматори на врвната уметност.

– Гордост, но и голема одговорност е да се зборува за врвна програма во време на ковид-пандемија кога секој настан се реализира по строго утврдени заштитни мерки. Годинава започнуваме во традиционалниот термин 12 јули, а фестивалската возбуда ќе трае до 20 август кога, како и секоја година, се спушта завесата на „Охридско лето” истакна на денешната прес-конференција директорката на Фестивалот, Наташа Поповиќ.

Таа додаде дека месец дена пред почетокот на Манифестацијата во целост се завршени активностите за средување, опремување и адаптација на сцените и сценските простори за реализација на сценско-техничкиот дел од фестивалот.

– Минатата година како тим покажавме дека можеме да се справиме со сите предизвици и да се заштитиме од сите опасности што ги носи пандемијата. Тоа нѐ направи годинава да сме уште повеќе подготвени и поискусни за реалицацијата на претстојните 40 фестивалски вечери, рече таа.

Што се однесува на свеченото отварање на Фестивалот, оваа година тоа ќе биде во знакот на Големиот Чајковски, со спектакл сочинет од најубавите дела на рускиот виртуоз, преку делови на балетската трилогија „Лебедово езеро”, „Оревокршачка” и „Заспаната убавица”, и извадоци од балетот „Ана Каренина” и операта „Евгениј Онегин”, во изведба на Националната опера и балет.

Станува збор за грандиозен проект од над 90 уметници на сцената на Античкиот театар, балетските првенци, солисти, ансамблот и оркестарот на Националната опера и балет, предводени од диригентската палка на маестра Бисера Чадловска.

Селекторката на музичката програма на Фестивалот, Даница Стојанова, најави 34 уметнички концерти со прекрасна динамика, програма што, како што рече, од самиот почеток до крајот претставува една голема музичка приказна која има за цел да ја прослави уметноста преку различни музички композиции.

– „Охридско лето” како фестивал е со голем интегритет и единствен од Македонија кој нуди врвен квалитет и како таков е многу познат во целиот свет. Оттука и покрај специфичната состојба и сите пропратни ризици, програмата ја правев следејќи ја мојата единствена цел и должност кон уметноста, како и мојот професионализам односно да се задржи и подигне уште повеќе квалитетот на фестивалот, рече таа.

Меѓу најдобрите и најхрабрите кои ќе допатуваат од повеќе страни на светот се врвни имиња како Александар Штаркман, Ѓуљсин Онај, Вихан квартет, Ирина Графенауер, Мате Бекавац Кирил Родин, Жени Захариева, Маја Богданович, Даниел Родан, Стојан Димов и Дино Имери, Дарко Костовски, Васко Дантас, барокниот ансамбл „Театро ала мода”, Горѓи Цинциевски, Саимир Пиргу и Мерита Таршана, гудачки квинтет на филхармонијата од Загреб на чиј концерт ќе настапи нашиот млад виолинист Александар Иванов, Калина Мрмевска, Надја Неволовиќ, женскиот хор под раководство на диригентот Ивица Зориќ Менада, мешаниот хор на филхармонијата од Приштина, Елоизе Карлин, Барокни дијалози со камерниот ансамбл на Македонска филхармонија, Алесандро Фатони и Џорџо Мартану,Петру Иуга и Михаил Хориа, Хајди Елзесер и Ненад Лечиќ, Лирска вечер со фестивалски камерен оркестар и вокални солисти под диригентската палка на Паскал Галоа, Захариас Тарпагос и Валерија Харитиду, дуото гитари Горан Кривокапиќ и Даниел Церовиќ, Владимир Марковиќ и Јулијана Шуловиќ, Драган Средојевиќ и Ненад Ивовиќ.

Во слободната програма се два проекти „З З квартет” и Балкански танцов проект Сви марш на плес со кореографија на Игор Киров, додека за роденденот на фестивалот ќе настапат нашите извонредни уметници групата „Синтезис”, националната институција Танец, 35-години од камерниот оркестар Саша Николовски Ѓумар на МММ со солист Богдана Бушевска и диригент Борјан Цанев.

Концертите ќе бидат реализирани во Античкиот театар, во црквата „Света Софија” и Долни Сарај. Музичката програма на фестивалот обезбеди 34 концерти од кои два се во офф-програмата.

И љубителите на театарот годинава ќе имаат прилика да уживаат во квалитетни театарски креации од земјава и надвор од неа.

Александар Поповски, драмскиот селектор на Фестивалот „Охридско лето” најави дека оваа година програмата е составена од она што домашната продукција успеала да го создаде во овие специфични услови во кои мораа да работат тетарите.

– Сосема сум свесен за ситуацијата во која се наоѓаме и за разликата помеѓу желбите и она што е реалност. Сметам дека треба да го славиме секој изговорен збор од сцените, секоја геста, ској аплауз. Мислам дека ако нешто можеме да научиме од оваа ситуација е тоа колку многу е важно она кое го работиме и колку силно мораме да го чуваме она што го нарекуваме театар, порача во видео-пораката Поповски.

На драмската програма ова фестивалско издание се шест театарски претстави, на неколку сцените на Античкиот театар, Предворјето на Света Софија, Долни Сарај, дворот на училиштето „Свети Климент” и Центарот за култура„ Григор Прличев”, секоја од нив со различни и уникатни естетики.

Тоа се претставите „Крик за љубов” на Охридскиот театар, History of Mother Fuckers” преработка на Вилијам Шекспир на Битолскиот театар, Српскиот народен театар од Нови Сад ќе ја донесе животната драма на Џенис Џоплин, Театарот комедија со претставата „Вечера за глупаци”, Македонскиот народен театар ќе се претстави со „Само глас”, а драмската програма на „Охридско лето” ќе биде заокружена со претставата „На отворено море” во изведба на актерската екипа на Југословенскиот драмски театар од Белград.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот