Трибина во МНТ: Иднината на македонскиот театар почнува од домашниот автор

Фотографија: Сашко Коцев

Во Македонскиот народен театар – Скопје на 3 април, по повод 78 години од првата премиера на театарската сцена, се одржа трибината „Македонскиот драмски автор на сцената на МНТ“.

Модератор на трибината во МНТ беше проф. д-р Ана Стојаноска, а за значењето на драмскиот автор говореа авторите Русомир Богдановски, Јордан Плевнеш, Дејан Дуковски и Сашо Димоски, чии драмски текстови се поставени во МНТ. Од здравствени причини не можеше да присуствува Бранко Ставрев, кој е режисер на најмногу претстави од македонски автори во МНТ.

Од досега над 400 поставени/обновени претстави во МНТ, повеќе од 100 се дела на македонски автори од различни генерации. Целта на трибината беше да се прикажат авторите од различни генерации чии дела, во континуитет, постојано се прикажуваат на сцената на театарот.

На почетокот на трибината, како вовед во темата, модераторката Ана Стојаноска истакна повеќе статистички податоци поврзани со изведба на македонски драми на сцените на македонските театри. Меѓу другото, спомна дека најигран македонски автор е Коле Чашуле со десет претстави од седум негови текстови, а на второ место е Дејан Дуковски. Но, посочи таа, театарот не е спорт и нема потреба да се споредуваат бројките, туку дека е многу важно за македонскиот театар да бидат поставени почесто и повеќе македонски драмски автори.

– Ние можеме да ги рециклираме туѓите приказни, да ги прераскажуваме безброј пати, но она што ни е важно, сопствениот идентитет, начинот на третирање на сопственото минато и начинот на поставување на патеката кон сопствената иднина почнува од домашниот автор, односно од македонскиот драмски автор – истакна Стојаноска.

Македонски автори чии текстови биле поставувани на театарската сцена се Војдан Чернодрински, Антон Панов, Ристо Крле, Васил Иљоски, Живко Чинго, Коле Чашуле, Богомил Ѓузел, Томе Арсовски, Русомир Богдановски, Јордан Плевнеш, Горан Стефановски, Дејан Дуковски, Венко Андоновски, Сашко Насев и многу други.

Клучното прашање што беше поставено на трибината беше зошто режисерите почесто посегнуваат по поставување драмски текстови од странски автори, а некои македонски автори не се поставени по дваесет и повеќе години. Искра надеж за појава на нови драмски текстови од младите генерации автори се откупните конкурси на Министерството за култура, а последниот беше објавен годинава, со цел да се поттикне продукцијата на македонски драмски текстови, но и да се даде можност да бидат поставени на сцена.

Драмските автори Русомир Богдановски и Јордан Плевнеш на трибината зборуваа за своите почетоци со театарот, притоа правејќи споредба како се работело некогаш, а каква е состојбата во поново време. Плевнеш зборуваше за создавањето на текстот за претставата „Мацедонише цуштенде“, но и за претставата „Вечната куќа“, со која беше отворен новиот објект на МНТ.

Авторот Дејан Дуковски се потсети на својот прв поставен текст „Бура“, со чија изведба се појави нова актерска генерација на сцената на МНТ. „Драмскиот текст не е издвоен од театарската сцена, туку тоа е производ што останува како лична карта на духот на времето во кое е создаден и поставен на сцената“, објасни Дуковски.

Драмскиот автор Сашо Димоски не зборуваше само од позиција на поставување на негови текстови на сцената на МНТ, туку и од позиција на директор на Велешкиот театар, каде настојуваат секоја година да изведат барем една претстава по текст од македонски автор.

– Мораме да се занимаваме со домашната драма поинтензивно, но не само во смисла на креирање или создавање нови драмски текстови и зголемување на фондот на домашната драма, туку и со поставување на навистина бисерни текстови што постојат во македонската театарска историја и традиција, и кои во секој еден нов контекст можат слободно да добијат нови читања и нови значења што во себе ги имаат кодирано. Еден од начините на кој може тоа да се направи е преку директна комуникација во театрите помеѓу драмските автори, драматурзите, режисерите и ансамблот со цел да се изнајде најдобриот модалитет како еден драмски текст, односно автор, да го добие најсоодветниот третман на сцената за која станува збор – заклучи Димоски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 174, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9.4.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот