Сопственик на стан во Лимак: Илјадници евра за прозори во кујна кои не се отвораат, клими кои се вклучуваат кога сакаат, влага…

Станови на Лимак / Фото Твитер / Колаж на СП

Купиле нови станови во центарот на Скопје за стотици илјади евра, но ги виделе кога им биле предадени клучевите. Сменет распоредот на станот, фиксни прозорци во кујна кои не се отвараат, а се чистат само од надвор, влага, клими кои протекуваат по неколку минути откако ќе се вклучат, радијатори позади врата. И многу ѓубре, прашина, зацементирани селотејп ленти.

Вака дел од станарите меѓу кои и Игор Трајковски ја објаснуваат за „Слободен печат“ состојбата на становите што ја затекнале кога влегле во својот дом.

Од „Лимак Скопје“ велат дека се во континуирана и непрекината комуникација со сите сопственици на станови кои се наоѓаат во комплексот „Diamond of Skopje“.

Комуникацијата се одвива на дневна основа, велат дека нивните купувачи се задоволни, а тие излегувале во пресрет и на секое поединечно барање на купувачите, за изведба на одредени елементи во внатрешноста на становите, согласно нивните желби и замисли. Трајковски пак вели дека станот на денот на превземањето бил премногу валкан.

– Станот беше валкан како да ти предаваат кочина. Не се гледаше целосно паркетот. Одводните сифони беа целосно затнати со малтер. Две врати не се отвараа целосно зашто имаше поставено радијатори зад нив кои го попречуваа нивното отварање. Баравме барем да стават стопери за да не се скршат стаклата кои директно удираа на радијаторот. Нивното објаснување беше: така е кај сите по проект. А во проектот кој ни го дадоа на потпишување на преддоговорот вратите се отвараат целосно 90 степени – вели Трајковски.

Тој објаснува дека имало и промени во спалната соба.

– Цел еден дел недостасуваше зашто го поместиле купатилото и ја зголемиле собата за машини за перење/сушење (utility room). И за сето тоа се вадеа дека можат да го направат. Такви им се преддоговорите што никогаш не знаеш што ќе добиеш на крај. Ниту имаат обврска да те известат дека го менуваат планот на станот додека го градат. Потоа се појавија проблеми и со климата. Се вклучуваше и кога не е зададена команда. Цели викенди имаше работено на максимум беспотребно среде лето, што добро се покажа на сметките за струја. Повторно никакво обештетување – вели Трајковски.

Станарите обвинуваат за недостатоци, Лимак објаснува дека становите се со ригорозни мерки за контрола на квалитетот

Тој објаснува дека цели 2 месеца ја менувале електрониката на климата. Потоа го ископале и ѕидот на другата клима зашто имало или ќе имало течење на цревата. И сето тоа врз нов паркет.

– Таман го исчистивме станот за што дадовме не малку пари, повторно го направија кочина и така ни го оставија. Подоцна се појави и влага на еден од ѕидовите поради течење на парното. Шест месеци после преземањето уште го поправаат. И ова не е сѐ. Надоместокот за одржување е посебна приказна. Допрва ќе расат трошоците за одржување. Зашто сѐ уште не се плаќа за одржување на лифтови, техничко одржување на зградата, чистење паркинзи, фасада и што уште не. А буквално сите 120  станари што сме во групата нѐ излажаа дека одржувањето ќе биде 0.5 евра од квадрат. А сега се ближи до 2 евра квадрат – вели Трајковски.

На фотографиите кои ги добивме од него се гледаат радијатори позади врата кои оневозможуваат да се отвори вратата. Фиксен прозорец во кујна кој оневозможува природна вентилација кој не се отвара, ниту има пристап до него, бидејќи се чисти од надвор.

– На нивна милост ќе исчистат некогаш. Се вршат прекопувања, длетување, варосување (на нов стан, со нов паркет), и сѐ  тоа трае со месеци. Влага на ѕидови поради течење на инсталација за парно во под или ѕид, којзнае каде им поминуваат цевките. Повторно мајстори, чекање, сега, утре, после, чекај трговскиот го правиме, чекај кула B ја правиме, чекај кула C ја правиме… чекај додека да се распадне гипс картонот од влага – вели Трајковски.

Тој поднел приговор, но добил одговор дека „така е кај сите, не само кај тебе. Во кујна и во дневна“. Станот требало да биде готов лани, но го добил во јуни годинава.

– Иако требаше да биде предаден на крајот на 2022 кога и беше целосно исплатен. Сѐ уште немаме имотни листови и после 12 месеци целосно исплатен стан – вели Трајковски.

Се сретнал со дел луѓето од „Лимак“, но се однесувале како да се од друга фирма.

– Се жалат од „претпоставените” , се жалат дека и тие се затечени, дека не знаат за ветените цени за одржување, дека се сега од скоро тука. Инаку тие од продажба ги отпуштиле. Па нема кој и да го потврди тоа. Имаат некои небулозни објаснувања од типот: најекслузивно место е и мора да е скапо. Како да имаат одврзани раце да наплаќаат колку што сакаат, да вработуваат колку што сакаат луѓе, за колку сакаат големи плати, и за сето тоа да си платат станарите. Без притоа да видат дали го кршат законот за домување – вели Трајковски.

Тој објаснува дека одржувањето е неколку пати поскапо од ветеното.

– Луѓе повеќе плаќаат за струја и осигурување за зградата отколку за своите станови. Никој нема контрола за што сѐ се троши струја, гледаме само кабли приклучени на нашите штекери кои водат кон другите градилишта. Сите можни граници ги преминаа – вели Трајковски.

Од „Лимак“ велат дека секој дел од комплексот, вклучително и резиденцијалниот е подложен на ригорозни мерки за контрола на квалитетот, за да се осигура дека сите аспекти на изградбата ги исполнуваат највисоките стандарди. Дополнителна потврда на ова е и официјалниот успешен технички прием на објектите.

– Во моментов над 300 семејства од блоковите А и Б го имаат завршено примопредавањето на станови без да вложат каква било поплака, напротив тие се задоволни и среќни од сопствениот избор, фалејќи ги условите за живот што ги нуди нашиот уникатен проект. Секоја објект кој се пушта во употреба минува низ процес на прилагодување. Ние сме вклучени во овој процес и посветени на разрешување на предизвиците што ќе се појават, колку и тие да се ретки и специфични. Наш врвен приоритет е транспарентноста, осигурувајќи се дека секој сопственик на стан е целосно информиран за секоја фаза од процесот и условите што произлегуваат од неа – велат од „Лимак“.

Според нив, со предавање на становите започнале на 15.05.2023 година по добивањето технички прием за градбата и потоа немало изведба на градежни работи. Првата сметка за управување со објектот и негово одржување ја испорачале шест месеци подоцна, во октомври 2023.

– Нивото на одржување на објекти какви што се резиденцијалните згради на „Лимак“ подразбира обезбедување на бројни услуги за удобност на секојдневното функционирање на објектот, неговите станари и нивните посетители, по највисоки стандарди во живеењето. Најголем број од тие услуги се зависни од движењата на влезните трошоци кои ги дефинира пазарот. На сите станари  транспарентно им се достапни овие трошоци по ставки и ние тоа го правиме многу транспарентно, секогаш кога тоа од нас е побарано. Притоа, фирмата која се грижи за одржувањето е под наша контрола и работи без профит. Сопствениците знаат дека по истекот на првите две години од пуштањето на објектот, станарите ќе можат да си одберат друга фирма по свој избор – велат од „Лимак“.

Објаснуваат дека трошоците за одржување и функционирање на секој од објектите вклучува само и исклучиво трошоци од конкретниот објект.

– Потенцираме дека на секој купувач му е на располагање компаниската гаранција и нашиот тим за постпродажба и управување со објектите е лесно достапен за решавање на секое отворено прашање. Финализирањето, пак, на имотните листови зависи од катастарскиот процес, кој е надвор од нашата директна контрола. Сепак, ја разбираме важноста на ова прашање за нашите клиенти и правиме сѐ што е во наша моќ овој процес да се забрза – додаваат оттаму.

Во „Капитол“ 0,42 евра за одржување по квадрат, во „Џевахир“ о,60, во „Лимак 1,4 евра

Секој резиденцијален објект има одредена сума која станарите ја плаќаат на месечно или годишно ниво зависно од договорите. Во „Капитол“ цената е 0,42 евра по метар квадратен, во „Џевахир“ е 0,60 евра, а во „Лимак“ 1,4 евра за метар квадратен. Во „Парк резиденс“, пак, цената е 0,95 евра по квадрат. Оваа цена опфаќа главно обезбедување, одржување на лифтови, противпожарен систем и чистење на заеднички простории.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот