Тотален хаос во македонското пливање: Нарушено работењето на базените во земјава

фото: salaboristrajkovski.gov.mk

На околу 500 пливачи од Скопје, кои тренираа во базенот „Борис Трајковски“, им е драстично нарушен тренажниот процес поради неработење на објектот. Големото корито на Олимписки не е во функција, а ни базенот во Куманово не работи. Сето тоа се случува кога пливачите се подготвуваат за настап на СП.

Во пливањето во Македонија во моментов владее потполн хаос поради неработењето на базените и неможноста да се извршува нормален тренажен процес. Ова е оцена на претседателот на Националната пливачка федерација Горан Стојановски, кој на Вонредното изборно собрание неодамна беше избран на таа функција со огромно мнозинство гласови од клубовите.

Од денеска не работи базенот „Борис Трајковски“ поради дефект, а од пред неколку денови не работи ни базенот во Куманово. Единствено во функција во земјава е малото корито на Олимпискиот базен во Скопје, кое ни оддалеку не може да одговори на потребите на пливачите што останаа на суво. Според Стојановски, пливачката федерација прави напори во контакти со Агенцијата за млади и спорт, Олимпискиот комитет, некои министерства, па дури и преку премиерот Димитар Ковачевски. Добра волја има, но решението е неизвесно.

– Добивме информација од надлежните дека за да се реши проблемот со базенот „Борис Трајковски“, ќе треба 10-15 дена. Нашиот пливачки спорт не може тој период да го издржи без тренинзи. Познато е дека 15 дена пауза во пливањето, потоа не може да се надомести во една година. Имаме сериозен проблем. Остануваат без тренажен процес и репрезентативците што се подготвуваат за СП во Јапонија во мај. Штетата е огромна – вели Стојановски.

Сите клубови ми се јавија за да најдеме решение. Направив контакти со премиерот и со надлежните министерства. Станува збор за сериозен проблем, додава Стојановски.

Во Скопје 500 пливачи од триесетина клуба остануваат без тренажен процес. Надлежните ветија дека ќе помогнат, но како и кога ќе стигне помошта, останува на нив. Ги запознавме АМС и МОК, па дури и премиерот, кој во моменти кога има многу важни прашања, се јави и се заинтересира за проблемот. Има навестувања дека ќе се направат напори да се надмине проблемот – вели Стојановски.

Тој гледа спас во активирање на големото корито на Олимписки, чија употреба би го ублажило или би го решило проблемот.

– Но да не заборавиме дека Олимпискиот базен го стопанисува приватен субјект – вели Стојановски, кој во моментот не можеше да потврди дали со помош на евентуално субвенционирање од државата, концесионерот на базенот би се согласил да го пушти и големото корито во функција.

– Малото корито на Олимпски го користат околу стотина-двесте пливачи. Кога ќе дојдат и овие 400 од „Борис Трајковски“, ќе биде хаос. Не е решение малото корито. Големото корито би ја завршило работата, но останува да се види дали тоа ќе може да се изведе. Но, тоа сега е единственото решение да се „бајпасира“ проблемот –  рече Стојановски потенцирајќи дека многу ќе зависи од концесионерот.

Според Стојановски, решение би било Владата да го субвенционира трошокот барем еден месец додека не се надмине проблемот со „Борис Трајковски“.

Проблем е и тоа што пред неколку денови се затвори базенот во Куманово и пет клуба со 300 пливачи остануваат без тренинзи. Од Куманово информираат дека сѐ додека не помине енергетската криза, базенот ќе биде вон функција. Тоа значи некоја неодредена иднина за 300 пливачи, кои се на улица.

Олимписки базен: Базенот „Центар“ работи со нормално работно време

Од Управата на Олимписки базен „Центар“ реагираат дека базенот работи со нормално работно време и распоред со 25 метарскиот базен.

„Ние како и до сега како одговорна институција во спортот во државата излегуваме во пресрет на сите клубови и пливачи коишто не можат да ги одржуваат тренинзите во базенот во Карпош и базенот во Куманово коишто во моментов не работат и заеднички ќе изнајдеме решение истите да ги вршат своите тренинзи на Олимпискиот базен “Центар”, велат од Управата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот