Тодоров: Само триумф над Естонија не е доволен за ЕП, потребни се уште една-две победи

ацо тодоров

Кошаркарите денеска ги стартуваа подготовките за квалификациите на ЕП 2021.

Македонската кошаркарска репрезентација денеска и официјално ги започна подготовките за квалификациите за ЕП 2021, под палката на новиот селектор Александар Тодоров.


Од повиканите кошаркари, единствено Предраг Самарџиски негативно одговори на повик на селекторот кој е задоволен од тимот кој го има на располагање.

– Тоа што за мене е најважно во овој момент е дека ова е најоптималниот состав имајќи го во предвид здравствениот билтен, како и волјата на некои играчи. И претходно кажав дека никого со сила нема да тераме да игра за репрезентацијата. Добив само еден негативен одговор од сите кошаркари кои ги контактирав, Самарџиски ни соопшти дека нема прекин во втората турска лига и затоа нема да може да ни помогне. Реално можеше да се стиска преку федерација, но не сакавме да правиме такви работи, да се закануваме со суспензии, тоа нема да се случи тука додека сум јас селектор. Јас сакам да имаме група што сака да игра 100%, а за тоа да е случај самите кошаркари мораат да сакаат да бидат овде – вели Тодоров.

Првиот противник на кошаркарите е селекцијата на Естонија (20 февруари, СЦ Борис Трајковски). Иако Естонија е директен конкурент за пласман на Евробаскет 2021, Тодоров смета дека само една победа не е доволна за пласман на ЕП.

– Естонија ние прв противник, и тоа што успеавме да го сработиме е индивидуална анализа на сите кошаркари одделно. Го знаеме и потесниот список, знаеме што да очекуваме, кои играчи на која позиција играат, кои кошаркари ќе го понесат товарот на овој натпревар. Цела подготовка за средбата ќе биде подготовка на база на претпоставки бидејќи и ние сме со нов селектор како нив. Едно е сигурно, со една победа нема да може да се обезбеди пласман на Евробаскет бидејќи очекувам во второто коло Естонците да ја победат Италија, која ќе патува сериозно подмладена во Талин.

Ние имаме проблем многу повеќе да ги цениме странците отколку што заслужуваат. Да не игравме со Естонија во група, кој би знаел да каже еден естонски кошаркар. Тука е и Италија, група деца што се собрале и што ќе играат, што играат во потопли сали, во федерација со 20 пати поголем буџет од нашата. Сите се добри селекции, но не се некои од кои треба да се плашиме. Јас ги почитувам сите ривали, но не сакам да говорам со стравопочит, а за нас со самопонижување“, порачува Александар Тодоров.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот