Тина Мицковска ја раскажа приказната за мечето Теди од Зоолошката во Штип, кое беше заробено во нехумани услови

Поранешната новинарка, која од хоби се занимава со диџејство, а во моментов е лице за односи со јавност на скопската Зоолошка градина, конечно успеа во спасувачката мисија на мечокот Теди и најавува уште вакви акции за спас на животни што живеат во несоодветни услови. За „Слободен печат“ Тина ја раскажа приказната за мечето Теди.

Во Зоолошката градина во Штип, со години живееше мечокот Теди, кој како мал го донесол д-р Јовица Угриновски. Тој исто така се грижел мечето да добива месечни донации во храна и се обидел да финансира изградба на поголемо и достојно живеалиште за него. Но, од разни причини ова не било можно да се реализира, поради што мечето живееше во нехумани услови. Веста допре до Тина Мицковска, лице за односи со јавност на скопската ЗОО, која пред една недела на својот фејсбук-профил ја објави радосната вест дека Теди заминува да живее слободно во природниот резерват Белица, во Бугарија. Подоцна таа ја сподели својата среќа објавувајќи ги фотографиите од мечокот што слободно шета во природата, благодарение на нејзината упорност, поддршката што ја добила од скопската ЗОО и секако соработката на „4 шепи“, светски позната организација за заштита на животни, која тесно соработува со фондацијата на актерката Брижит Бардо.

Тина редовно објавува на Фејсбук фотографии со животните од Зоолошката градина, со кои ги расположува луѓето

– За Теди се информирав од штипските активисти и веднаш отидов во Штип да ја проверам состојбата. Буквално ми се скрши срцето кога го видов во тесен кафез и со една стара када. Веднаш објавив апел на Фејсбук и за среќа ме контактираа од организацијата „4 шепи“ со радосна вест дека ќе може да го вдомат Теди во некој од нивните резервати. Потоа настапи тежок и долг процес на соочување со луѓе што се противеа Теди да замине, но благодарение на поддршката што ја имав од активистите и од моите колеги од Скопје ЗОО, успеавме да се избориме против сè. Подготовката на документите за патување траеше долго, потоа фати и пандемијата, а дента кога Теди замина во својот нов дом во Белица, Бугарија, за само неколку часови успеавме да ја фатиме отворена грчката граница. Ако не заминеше тој четврток, сигурно ќе чекавме со години тоа да се случи – вели Тина.

Ми споменавте дека Теди не е Ваш единствен проект. Следуваат и други активности за спас на животни, кои исто така се во заробеништво во нехумани услови.

– Постојано на социјалните мрежи добивам информации за диви животни што се продаваат или се чуваат во нехумани услови. Дел од нив заедно со здруженијата за заштита на животните и мојата матична Скопје ЗОО успеавме да спасиме, но голем дел сѐ уште се во такви услови. Токму и затоа Министерството за животна средина, заедно со Скопје ЗОО, невладини организации, експерти и Швајцарска амбасада, започна да работи на студија за Прв македонски спасувачки центар за диви животни. Се надевам дека кога ќе се направи тој центар, ќе имаме можност да спасиме што повеќе диви животни. Во меѓувреме, секако, колку имам можност помагам на улични животни – мачиња и кучиња, кои периодов во голем број имаа можност да си најдат топол дом.

Во штипската Зоолошка градина, со години мечокот Теди живееше во нехумани услови, во мал кафез

Кога љубовта кон животните е голема, од рана детска возраст човекот спасува од улица и чува животинки. Се сеќавате ли на Вашето прво спасено животинче?

– На денот на свадбата моите родители нашле мало кученце и го вдомиле, па со тоа куче јас растев, ме чуваше како да ми е поголемо братче. Потоа се сеќавам дека со мајка ми постојано спасувавме и собиравме животинки дома. По најголеми дождови, по снегови сме оделе со километри пеш и со мачиња в раце. Мислам дека тоа беше клучно од мали нозе да имам голема емпатија кон животните, но и кон луѓето.

Денес Теди живее слободно во резерватот на Белица во Бугарија

Какви беа реакциите на Вашите дома за Вашите спасувачки активности. Дали можеби сте доаѓале до дискусии, како што сакаат кај нас луѓето да кажат – „ете, од мала покажува што ќе биде, ветеринар или спасител на животни“?
– Често ме караа бидејќи знаев да претерам со носење животни дома, а тоа сè уште се случува. Со вујко ми и сестра ми постојано прибираме понекое маче или куче, ги носиме по ветеринар и ги лекуваме и ги стерилизираме. Порано постојано се случуваше и да се искарам со некои соседи, кои воопшто немаат емпатија кон животните. Дома на моите сум им носела и жаби, желки, ежиња, птици, гуштери. Но, моите знаеја дека нема да бидам ветеринар, бидејќи многу се потресувам и не можам да гледам страдање на животни, па така полесно ја поднесоа одлуката да бидам новинар. Иако сега не живеам со моите родители, често знам „да им кренам притисок“ со тоа што ќе им однесам некое спасено животинче на гости.

Зоолошката градина во последниве години заживеа, се реновираше, многу работи се сменија на подобро, освен свеста на луѓето. Низ цела ЗОО има написи дека не треба да се хранат животните и како треба да се однесуваме при посета, но сепак наидувате на проблеми со однесувањето на поединци. Според Вашето мислење, што е потребно да се смени кај луѓето да почнат сериозно да ги сфаќаат пораките?
– И пред да бидам дел од тимот на Скопје ЗОО, редовно се апелираше дека не треба да се хранат животните, но, за жал, свеста по тоа прашање кај дел од посетителите е на ниско ниво. Иако направивме безброј кампањи, поминував викенди и викенди во стражарење пред живеалишта заедно со колегите и со волонтери, сè уште има луѓе што фрлаат храна. Им објаснуваме дека од зелка животните имаат стомачни проблеми, дека јаболкото е штетно за некои животни бидејќи се дијабетичари, дека смоките и чипсовите може да бидат кобни за животните. Искрено, единствена мерка што може да го сопре сето ова е парична казна.

Како во овие услови на пандемија функционира ЗОО? Дали ги исплаши луѓето, па поретко доаѓаат или, пак, сега уште повеќе стана нивно место за семејна прошетка?
– Во време на пандемија, градината за викенди е посетена помалку од вообичаено, нормално поради ограничување на влезот. Но, затоа, пак, преку недела понекогаш имаме поголема посета сега, отколку пред пандемијата. Зоолошката ја чувствуваат како безбедно место, на отворено, па се случува многу семејства да доаѓаат речиси секојдневно на посета.

Кога не сте на работа и не сте посветена на помагање на животните, слободното време како го минувате?
– Освен животинките што ми се прва љубов, секогаш кога можам сум дел од хуманитарни акции и хуманитарни настани за наши сограѓани. Емпатијата ме води низ животот, па најголемиот дел од слободното време ми е посветен на тоа. Мала држава сме и сметам дека сите треба да си помагаме колку што можеме.

Како ја живеете новата реалност со пандемијата, која нè натера да живееме еден поинаков живот?
– Ми паѓа тешко, како и на сите. Но, гледам денот да го исполнам со убава енергија која ја добивам од животните, а потоа и да им ја пренесам на другите. Моите фотографии со животните знам дека расположуваат многу луѓе, а дечињата најмногу се радуваат на нив. Затоа и постојано апелирам – вдомете си миленик и животот ќе ви биде многу поубав и посреќен!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот