Тесен пораз на македонските одбојкари против Јапонија во Кавадарци

фото: Одбојкарска федерација на Македонија

По триумфите над Романија и Израел, македонската одбојкарска сениорска репрезентација во новиот контролен натпревар пред настапот на Европското првенство, загуби од Јапонија со 3:2 во сетови во Кавадарци.

Првиот сет го доби ривалот со 25:23, во вториот бевме доминантни со 25:17, потоа поведовме со 32:30 во третиот, но Јапонците направија пресврт со 25:23 и со 15:13.

Статистички избраниците на селекторот Јошко Миленкоски имаа три поени повеќе од напад (56) и поголема ефикасност, направија четири блока плус (14), освоија идентичен број асови како ривалот (шест), забележаа седум контри повеќе (31), дури имаа и подобар прием, но на крајот го претрпеа првиот пораз во подготовките за ЕП 2023 во Скопје.

Никола Ѓорѓиев беше најефикасен за нашата селекција во овој натпревар со 31 поен, по 17 имаа Александар Љафтов и Филип Савовски, Владо Милев реализираше 11, Филип Маџунков девет, Филип Деспотовски два, а Ѓорѓи Ѓорѓиев и Стојан Илиев по еден поен.

Македонските одбојкари денеска ќе одмораат, во салата „Јасмин“ од 20.00 часот ќе играат Јапонија и Израел. Нашите најдобри одбојкари в недела во Кавадарци ќе тестираат уште еднаш против израелската репрезентација во тренажниот процес за првото машко сениорско европско првенство во историјата на независна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот