Техничката влада има уставна можност да ја тргне блокадата

Заев откри дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ го има португалскиот предлог за надминување на спорот и го повика лидерот Христијан Мицкоски да го почитува она што двајцата го договориле на последната лидерска средба пред два месеца, која се одржа во четири очи.

Техничката влада на Бугарија има уставна можност да донесе одлука Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ, а ако не донесе таква одлука, тогаш можеме барем добро да го подготвиме теренот за следната политичка влада, која се очекува во август, да може да донесе таква одлука во септември, потенцираше вчера премиерот Зоран Заев. Тој обелодени дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ го има португалскиот предлог за надминување на спорот и го повика лидерот Христијан Мицкоски да го почитува она што двајцата го договориле на последната лидерска средба пред два месеца, која се одржа во четири очи. Од друга страна, Мицкоски вчера обвини дека Заев и специјалниот владин преговарач Владо Бучковски „координираат тајни преговори каде што се нуди Декларацијата усвоена од бугарскиот парламент да стане дел од преговарачката рамка со ЕУ“.

Прашан за тоа какви гаранции бара Бугарија од Македонија, премиерот Заев рече дека гаранциите може да се препознаат ако се напишат конкретни рокови за изградба на пругата, за патиштата итн.

– Станува збор за добробит на двата народа, за уште поефикасна реализација на Договорот за добрососедство, што значи побрза изградба на инфраструктурата, поголема соработка на институциите, како што почна во изминативе месеци. На Бугарија ѝ е важно, а ние тоа го разбираме, ЕУ да има фокус. Но, Договорот за стабилизација и асоцијација што го имаме со Унијата и секако преговорите што ќе почнат се гаранција и сигурност за сите 27 членки дека ние ќе напредуваме и со поглавјата и со европеизацијата на земјата и со реализацијата на двата договора, со Бугарија и со Грција. Верувам ќе се изнајдат решенија. Мене ми е важно да се охрабрат, уставно имаат можност и за време на техничка влада да донесат одлука. Тоа го очекуваме. Треба да работиме, да ги осигуриме двете страни да бидат спокојни кога седнуваме на маса, оти тие договори треба да отворат перспективи за соработка – рече премиерот.

Тој повторно не сакаше да открие детали од португалскиот предлог и повтори дека документот водел сметка за интересите на двете страни.

– За предлогот го рековме она што е дозволиво да се каже. Среќни сме и позитивно изненадени од инвентивноста и креативноста на португалското МНР, оти тоа не е земја од Западен Балкан, па да е целосно во тек. Важно е дека воделе сметка за двете страни, тоа е за нас одлична појдовна основа за постигнување договор. Нашите црвени линии, македонскиот  јазик, народ и идентитет, се нешто за што не ни сакаме да погледнеме документ, а не пак да зборуваме. Тоа им е јасно на сите и Бугарите ја прифаќаат реалноста за народот и за јазикот, но важно е како се формулираат самите ставови. Португалија водела грижа и за бугарската позиција која е внимателно обезбедена и гарантирана. Тоа ни дава надеж за исчекор. Има можност да се усогласат деталите што се важни, за на Советот на ЕУ на 22 јуни да се донесе одлука. Со техничка влада не е невозможно, но доаѓа и септември, кога ќе има политичка влада што може да донесе одлука. Ако се договориме – супер, има многу што да се работи, ако не – да направиме сè што можеме за политичката влада да одлучи во септември. 16 години чекаме, два месеца не менуваат ништо – рече Заев.

Тој додаде дека патоказот, односно акцискиот план за секторска соработка е споделен на увид во сите стручни служби во МНР и наскоро ќе биде утврден. Во врска со повикот за дуел од Мицкоски за преговорите со Бугарија, премиерот рече дека пред преговори меѓу две земји не се организираат дуели, а тој е подготвен секогаш на соочување.

– Важно е што сме се договориле на последната лидерска средба. Го одложивме пописот, набавуваме апарати за отпечатоци од прсти, ама требаше да се одблокира Собранието, а дваесетина закони сè уште се блокирани. Клиничкиот центар не мрда од место – рече Заев.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, пак, вчера преку Фејсбук го обвини Заев дека на Бугарија ѝ се нуди нивните барања да бидат дел од преговарачката рамка.

„Алармантни се информациите што ги добив од дипломатски извори за новото предавство подготвувано од дуото Заев-Бучковски. Бучковски во Софија, а Заев од Скопје, деновиве координираат тајни преговори каде што се нуди Декларацијата усвоена од бугарскиот парламент да стане дел од преговарачката рамка со Европската Унија. Дел од документот на бугарското Собрание се оспорување на генезата и посебноста на македонскиот јазик, ревизија на историјата и периодот на нашата антифашистичка борба, како и присвојување важни личности од македонската историја како бугарски и уште редица отстапки кои се погубни за Македонија.

Заев се колнеше дека не прифаќа преговори за идентитетот и јазикот, а со прифаќањето бугарската Декларација да биде дел од преговарачката рамка на ЕУ, директно нѐ става во позиција да преговараме за македонскиот идентитет и јазик. Тоа е потег еднаков на предавство на македонскиот народ. Моите информации говорат дека сето ова, дуото Заев-Бучковски планира да биде потпишано од нив, без да има расправа и усвојување на документот во Собранието на Македонија. Ако Заев го прифати ова, тоа значи дека нѐ става во позиција да го негираме македонскиот идентитет и да прифатиме дека како народ постоиме од 1945 година, што е небулоза и срам за сите нас и за нашите предци и поколенија“, напиша Мицкоски.

 

Поддршка за преговори од Рот и од Вишеградската група

 

Поддршка за членството на Македонија како и на Албанија во ЕУ, вчера од Атина изрази  германскиот државен министер за европски прашања Михаел Рот, по средбата со алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милитиадис Варвициотис.

– Двајцата го поддржуваме патот на Албанија и на Северна Македонија кон членство во ЕУ, што ќе ја направи Европската Унија и поголема и посилна – нагласи Рот.

Сараевскиот портал „Кликс“ вчера објави дека четирите земји од Вишеградската група – Унгарија, Полска, Чешка и Словачка, плус Австрија – испратиле нон-пејпер до лидерите на Европската Унија, со кој се бара поголема поддршка од ЕУ за целиот Западен Балкан. Иницијативата треба да биде испратена до првите луѓе на Европската Унија, вклучително и до Европската комисија и комесарот за проширување Оливер Вархељи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот