Таравари го разрешува Села, Села го разрешува Таравари

Викенд исполнет со смени, разрешувања и избор на нов партиски лидер во Алијанса за Албанците ќе претстои на двата паралелни конгреси на партијата, еден закажан од партискиот претседател Арбен Таравари вечерва, во хотелот „Александар палас“, и другиот свикан од претседателот на Централното собрание (ЦС), Зијадин Села, закажан за в недела, во Националната опера и балет. Таравари ќе го разреши Села од претседател на ЦС, додека Села ќе го смени Таравари од лидер на партијата. Ова, според брифинзи од двата табора на Алијанса за Албанците, накусо се очекува да биде епилогот од двата конгреса.

На вонредниот конгрес што Таравари го закажа вечерва, според информациите, делегатите ќе дадат поддршка на кандидатурата на партискиот лидер за шеф на државата. Втора точка ќе биде да се прогласи за ништовно Централното собрание што се одржа минатата недела и разрешување на Села од претседател на Централното собрание. Според извори од таборот на Таравари, Централното собрание свикано од Села за нив е нелегитимно, бидејќи на него не присуствувале две третини од членовите. Ова ќе го докажат преку веќе добиени нотарски изјави на членови на Собранието со кои тие тврдат дека не биле на состанокот свикан од Села. Според приврзаниците на Таравари, на Централното собрание имало лица кои не се членови, а со фалсификат потписи се претставиле дека се дел од Собранието. Ако продолжат со работа, од таборот на Таравари најавуваат кривични пријави за тие лица. На Конгресот, според најавите, ќе има и статутарни промени, односно Села ќе биде разрешен од функцијата претседател на Централното собрание, а се очекува да биде укината и партиската кадровска комисија, кој минатата недела предложи разрешување на сега ексминистрите за здравство и за информатичко општество Фатмир Меџити и Азир Алиу, а и ги предложи новите министри Илир Демир и Наим Бајрами.

Арбен Таравари – претседател на алијанса на албанците / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Со самото разрешување на Села од функцијата, според крилото на Таравари и Конгресот кој тој го закажа за в недела, ќе биде нелегитимен и не статутарен.

По Конгресот, се очекува Таравари да избере и ново Претседателство на партијата, бидејќи потпретседателите Елми Азири и Илире Даути, генералниот секретар Кренар Лога, како и техничкиот секретар застанаа на страната на Села. Од потпретседателите само Бујаре Абази остана со Таравари.
Од крилото на Таравари велат дека два од трите печати на партијата се кај Таравари и дека ако Села не го врати третиот печат, ќе го бараат по судски пат или ќе бараат поништување на печатот. Оттаму велат дека ако Села и приврзаниците не се откажат од Алијанса и продолжат да ја „злоупотребуваат“ и веб-страницата на партијата, и за тоа ќе поднесат тужба.

 

Откако вчера ја официјализираше кандидатурата за претседател на државата, Таравари свика вонреден конгрес на партијата.

„Врз основа на член 31 точка 1 од Статутот на Алијанса за Албанците, свикувам вонреден конгрес, петок, 16 февруари 2024 година, во 19 часот, во „Александар палас“ во Скопје. Промената започна!“, објави Таравари на неговиот фејсбук-профил.

Вонреден конгрес пред една недела закажа и Села. Одлуката е всушност на две третини од членството на Централното собрание што Таравари не го признава.

„В недела се одржува Конгресот на Алијансата за Албанците. Нема промена во датумот и локацијата. Добредојдовте во нашиот дом! Секоја друга информација што кружи освен оваа официјална информација е лажна и е обид за измама и дефокусирање на членството. 18.2.2024, 13 часот, Опера и балет – Скопје“, објави Зијадин Села, а оваа објава, која стои и на фејсбук-профилот на партијата, ја пренесоа и други негови приврзаници.

Зијадин Села претседател на алијанса на Албанците / фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески

Од крилото на Села веќе се изјаснија дека не го признаваат Централното собрание кое неодамна го свика Таравари, бидејќи таму немало две третини од членовите на партиското тело и дека било собир на граѓани и состанок со членови на партијата. За „Слободен печат“ велат дека на Конгресот в недела прва точка ќе биде разрешување на Таравари од функцијата претседател на Алијанса за Албанците и избор на нов лидер на партијата.

Според информациите, за нов претседател на Алијанса во трка се две дами, пратеничката и потпретседателка на АА, Илире Даути, и претседателката на Форумот на жените Вјолца Бериша. Дали првпат на лидерската функција на Алијанса ќе застане дама ќе зависи од членовите на Конгресот, бидејќи, како што брифираат, голем притисок се прави Села да се врати на претседателската функција во партијата што тој ја основаше. Неодамна, прашан дали тој ќе ја преземе партијата, Села одговори: „Не се повлеков за да се вратам“, односно дека кога се повлече од лидерската функција на Алијанса, сакал да биде пример дека во партијата не треба да има вечни лидери.

Раздорот во Алијанса за Албанците се случи кога Таравари, без одлука на Централното собрание, реши партијата на изборите да коалицира со опозицискиот Европски сојуз за промени, додека Села остана на позицијата дека партијата треба самостојно да оди на избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот