СЗО вели училиштата мора да се отворат, МОН сѐ уште без план и идеја

Родители го испраќаат своето дете во училиштето основното училиште „Киро Глигоров“ / 1 октомври 2020 година / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески

Светската здравствена организација (СЗО) веќе има подготвено препораки за повторно отворање на училиштата, како и листа на обврски што треба да ги преземат училиштата низ светот за повторно да ги отворат вратите.

Сѐ погласни се апелите од здравствените експерти, учениците од септември да се вратат на настава со физичко присуство, се разбира доколку епидемиолошката слика со коронавирусот е како во моментов. Според лекарите, Министерството за образование годинава на смее да доцни со почетокот на училишната година, како што тоа беше случај лани, туку таа мора да почне од септември, додека времето е сѐ уште топло, а ризикот за ширење на коронавирусот е мал. Особено кога од есен се очекува во земјава да пристигне и индиската варијанта на ковид-19.

Светската здравствена организација (СЗО) веќе има подготвено препораки за повторно отворање на училиштата, како и листа на обврски кои треба да ги преземат училиштата низ светот за повторно да ги отворат вратите. Ставот на СЗО е дека одењето на училиште, ќе им донесе многубројни бенефиции на учениците.

„Затворањата на училиштата имаат јасни негативни влијанија врз здравјето, образованието и развојот на децата, семејниот доход и целокупната економија. Некои од позитивните работи што ќе ги добијат учениците со ова се овозможување на студентите да завршат со студии и да продолжат на следно ниво, ќе се подобри психолошката состојба, суштинските услуги, како и социјалната благосостојба на децата“, стои на официјалната страница на Светската здравствена организација.

Според препораките на СЗО, училиштата мора да одржуваат хигиена, да ги идентификуваат учениците и наставниците со поголем ризик на зараза и да преземат соодветни мерки, поголема комуникација помеѓу родителите и учениците, како и одржување физичко растојание во училниците. СЗО препорачува и секое училиште да преземе дополнителни мерки, поврзани со имунизацијата, односно да се создадат програми преку кои ќе се едуцираат и наставниците и учениците за важноста на вакцинирањето.

И покрај тоа што главниот заклучок на СЗО е дека враќањето на учениците е значајно и треба да се работи на тоа, сепак во нашата земја сѐ уште е неизвесно како ќе започне следната учебна година.

Од МОН не ни одговорија дали е возможно учебната година да започне порано или пак да се организира настава на отворено. Оттаму неодамна изјавија дека сѐ ќе зависи од епидемиолошката состојба во текот на летните месеци и дека сѐ уште не се знае по кој модел на настава ќе се учи од септември.

Поранешниот директор на Центарот за јавно здравје и епидемиолог д-р Александар Стојанов во разговор за „Слободен печат“ вели дека, ако епидемиолошката состојба е како сега, во тој случај учениците без никаков проблем би можеле да се вратат во училишните клупи наесен.

На прашањето дали може да се искористи топлото време и учебната година да почне порано, со цел за учениците да се организира и настава на отворено, Стојанов вели без разлика на тоа што распустот за учениците е долг, не верува дека тоа може да се реализира кај нас.

– Немам сознание дека учебната година би можела да започне порано, но не знам дали има друга држава во светот каде што децата имаат три месеци распуст. И во Германија учебната година почнува во август со години наназад, не знам тоа дали е поврзано со временските состојби или не. Сепак, кај нас луѓето одат на одмори во јули и август, па и нивните деца одат со нив, така што и тоа е поврзано. Не знам како би се реализирало тоа, но ако епидемиолошката слика е како сега, учениците треба да се вратат на училиште од септември – дециден е Стојанов.

Според него, клучно е училиштата да ги почитуваат посебните протоколи и мерки како одржување растојание, дезинфекција и намален капацитет од 50 отсто на учениците во една училница во една смена. Стојанов изразува и надеж дека во следниот период вакцинацијата ќе се одвива побргу.

– Единствено индискиот сој може да ја влоши состојбата. Училиштата не се проблем, учениците ќе се вратат, проблемот е што сѐ уште не сме вакцинирани. Нека дојде и индиски сој, ако имате 70 до 80 отсто вакцинирана популација, тогаш нема да има проблем – заклучи д-р Стојанов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот