Сви за Ниш!

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Сви за Ниш, сви за Ниш! Викаше возбудената патничка во возот, во еден стар секси (мрсен) виц од Бивша Југославија.
Бивша Јогславија ја нема веќе, но поголем дел од неа заедно со плус некои држави од соседството сега се вика Западен Балкан. Добро де некои станаа европски, ама ногите сеуште им смрдат на Балкан. Елем, во тоа време од вицот и навистина се патуваше за Ниш, групно, со воз. Сега цела Балканска политичка елита патува за Њујорк. Не групно. Би било незгодно. Ќе се испокараат уште на стартот кој со кого да седи: „јас не сакам со него да седам тој многу ждрига, мене ставете ме понапред, поблиску до ВЦ- ето имам БХП, ние сакаме заедно зашто смо како едно…“ А може и да се изгубат во преводот. Ако нашиот им викне: „Ааа, комшии, ќе се караме, Србинот веднаш ќе рипне: „Ко ќе кога да „кара“ бре?“, А Бугаринот мора да се замеша: „Няма да те карам в Европа, освен ако не признаеш Гоце за Българин“!

И така овие денови сите тие еден по еден одат во Њујорк на Ген. Собрание на ОН, и всушност наместо во авионот, ќе се сретнат во кулоарите на зградата на Светската организација, на таканаречени билатрални средби, кои траат колку и блицевите на фоторепортерите. И види иронија, одат во Америка, а според протоколот како да се дома- во Европа. Ене ја Могерини и на заминување не може да се одлепи од Балканците. Сака да ги види сите заедно во Њујорк. И не само таа, Меркел искажала посебна желба да се види со Вучиќ, во Њујорк. Заев за прв пат ќе се сретне со Мицотакис, во Њујорк. Колективна срдба на Западен Балкан со ЕУ – во Њујорк. Има некоја симболика.

Ама види сега, да одиш во САД, а да се среќаваш со Могерини, која башка е и на заминување, не е лезет. Се знае, одат таму ама ако може да се сретнат со Трамп. Можеби и нема да се сретнат, ама ќе си намигнат преку маса и ишарет ќе си дадат! Па после ќе пишат соопштенија: „Нашиот Претседател се сретна со Претседателот на САД Доналд Трамп и во срдечен разговор беше подржана нашата земја на патот на евроатланските интеграции.“
Добро, има некои специфики потоа за секоја земја одделно. Вучиќ на пример си знае однапред дека ќе го тераат да го признае Косово. Другите, секоја со своја приказна. Главно ги рендаат за владеење на правото и корупцијата.

Сепак Њујорк е Њујорк, не е Ниш! А годишните Собранија на ОН се вонредно доживување за сите присутни и секако можност да се презентира државата.
Ова особено е важно за нашата земја која со Преспанскиот договор од лани конечно ја промени „времената“ референца ФИРОМ што Советот за Безбеднсот и ја надена во април 1993 и сега настапува како сегашна држава, а не како „поранешна“.

Инаку бројот на земјите членки на ОН постојано се зголемува како резултат на распаѓањето на поранешни држави. Затоа и бројот на говорници на Генералното Собрание е се поголем.
Епа сеа и странциве си го бараа. Една „фина“ стабилна држава како Бивша Југа ја растурија, а како замена добија Западен Балкан на кого не можат да му го најдат крајот. Наместо со еден Тито, сега преговараат со десетина. Помали ама поамбициозни. И можеби побогати. Како беше онаа, вечната, и по малку излитена- „тражили сте – гледајте!“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот