Суптилна дискриминација на пазарот на трудот: Возраста и искуството не се секогаш предност

На пазарот на трудот владее суптилна дискриминација во однос на возраста. Иако во огласите за вработување како услов ретко се наведуваат полот и годините, бидејќи се работи за дискриминаторски критериуми, факт е дека поради своите години, повозрасните невработени се „прецртуваат“ уште на самиот почеток.

Изборот на потенцијални работни места, за нив е едноставно стеснет. Од 156.432 активни баратели на работа, кои се евидентирани во Агенцијата за вработување, речиси половина се на возраст од 40 до 60 години. Најмногу од повозрасните невработени се во категоријата меѓу 55 и 59 години (21.241), а половината – 10.201 се жени. Експертите оценуваат дека токму педесетгодишниците го платија најголемиот данок на транзицијата. Доколку сте повозрасни, велат упатените, побавно ќе напредувате и во кариерата, бидејќи младите имаат предност.

– Пред триесеттата, најчесто ви велат дека сте премлади за важни работи, а во педесеттите се соочувате со првите отфрлања, поради годините. Се обидов насекаде. Сите бараат помлади – вели една невработена педесетгодишна жена од Скопје.

Различни се искуствата на дел од сајтовите што објавуваат огласи за вработување.

– До самите работодавачи е дали во огласот ќе стават старосна граница како услов. Во последно време тоа ретко се случува. Ние сме само линк меѓу оние што бараат работа и огласувачите, па деталите дали некој ќе биде вработен, се случуваат на интервјуата. Инаку, општ впечаток е дека постарите лица потешко доаѓаат до работа – велат за „Слободен печат“ од „Вработување.ком“.

Во „Кариера.мк“ се децидни дека во огласите не дозволуваат дискриминација ниту по старост ниту по пол.

– Работиме транспарентно и не практикуваме никаква дискриминација, било да се работи за секретарка или за заварувач. Не постојат машки или женски работни места – ни рекоа од овој сајт.

Сепак, евидентно е дека најдобри шанси за вработување имаат лица од 20 до 35-годишна возраст. Од „Најди работа“ за „Слободен печат“ велат дека се чувствува возрасната дискриминација, особено за одредени работни позиции, а сѐ помалку се вработуваат лица без искуство. И од овој веб-огласник се согласуваат дека се помалку работодавачи ја истакнуваат возраста во огласите, а платите се утврдуваат во „четири очи“. Оттаму додаваат дека во последно време е поголем бројот на повозрасни лица што бараат работа.

Таквиот тренд го забележале и во „Пазар 3“.

– Дали е поради корона-кризата, но во последниот период имаме јавувања од повозрасни лица што бараат работа. И тоа се претежно жени, кои бараат работа како хигиеничарки, или за нега и чување стари и изнемоштени лица“, велат за „Слободен печат од „Пазар3“.

Надлежните сепак прават напори за да се елиминираат дискриминаторските права на постарите невработени. Од огласите за вработување, главно исчезна условот „не аплицирајте ако имате повеќе од 30 години“, а работодавачите се стимулираат да вработуваат и постари лица.

Врз основа на Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2020 година, Агенцијата за вработување лани во мај ги повика невработените евидентирани лица, а кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот, да се пријават во работните клубови на центрите за вработување. На подолгиот список, кој опфати повеќе таргетирани лица, беа и оние постари од 50 години. Притоа, за нивно вработување се нудеше финансиска поддршка за исплата на бруто-плата во износ од 19.000 денари, за период од 3, 6 или 12 месеци, во зависност од преземената обврска за задржување на работникот на работа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот