Судство од гаќи истресено – Слободен печат
ВестиВи ПрепорачувамеМакедонија

Судство од гаќи истресено

„Бруки“ и „срамота“, вчера беа најчестите два коментара во јавноста по пуштањето на Јанева во домашен притвор и по обелоденувањето на СМС-пораката од Рускоска до судиите.

Остра кавга избувна вчера помеѓу судиите од Апелацискиот суд и шефицата на ЈО за гонење организиран криминал и корупција Вилма Рускоска, откако Кривичниот совет на Апелација завчера попладне ја уважи жалбата на разрешената специјална обвинителка Катица Јанева и ја пушти во домашен притвор. Рускоска, изреволтирана од одлуката на судиите, завчеравечер им пратила заканувачка порака, а тие вчера ја пријавија до сите надлежни институции за кршење на Уставот и за мешање во судските одлуки!

„Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага. Заради судии како вас, никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите.“ Според соопштението на Апелација, ваква била пораката што Рускоска му ја пратила на еден од членовите на Кривичниот совет, кој учествувал во жалбената постапка на обвинетата Јанева против првостепеното решение за продолжување на мерката притвор.

Притворот е ограничена мерка

„Бруки“ и „срамота“, вчера беа најчестите два коментара во јавноста, по пуштањето на Јанева во домашен притвор и по обелоденувањето на СМС-пораката од Рускоска до судиите.

– Не смее јавен обвинител да се заканува на судии – вели универзитетскиот професор по кривично право Гордан Калајџиев за „Слободен печат“.

Според него, постапката на Рускоска не само што е спротивна на етичкиот кодекс на јавни обвинители, туку е на линија на злоупотреба на функцијата.

Во врска со одлуката за домашен притвор на Јанева, Калајџиев вели дека не може да ја коментира конкретната одлуката затоа што не знае на што се повикува, каква е навистина здравствената состојба на Јанева итн.

– Како и да е, притворот е ограничена мерка и не може да се користи со години против некој. Притворот треба да трае додека трае истрагата, додека се обезбедуваат докази итн. И препораките од Стразбур до нашите судии се да не се користи прекумерно мерката притвор. Ако истрагата е завршена, ако се обезбедени докази, ако е одземен пасошот на обвинетиот и се изречени и други мерки за обезбедување, нема спорно да се одлучи за домашен притвор. Сега јавноста не може да знае дали судот згрешил или не во овој случај, но Рускоска, која летоска ја пушташе Јанева на одмор на море во ситуација кога на целата јавност ѝ беше јасно дека е вмешана во „Рекет“, најмалку има право да прави драми – вели професорот Калајџиев.

Во соопштението, Апелацискиот суд известува дека колегиумот недвосмислено ги оценил искажаните сомневања на Рускоска како паушални, неосновани и грубо мешање во работата на судот.
„Ваквото однесување на јавен обвинител е искористување на позицијата и обид преку јавен настап да се наметне постоење елементи на корупција во постапувањето на Кривичниот совет и да се изрази неосновано и паушално сомневање во поглед на правилноста и законитоста на одлуката за определување мерка куќен притвор, која по притворот е најстрога мерка за обезбедување присуство на обвинетите во кривичната постапка. Ваквото постапување е преседан во правосудниот систем, со кој директно се нарушува угледот на судот, како и принципите на уставната поставеност на судската власт и слободното судиско убедување при донесување на судските одлуки, што во секој случај претставува кршење на Уставот, законите и Етичкиот кодекс на јавните обвинители“, се вели во соопштението од Апелација.

Судиите додаваат дека „токму ваквото недолично однесување на јавен обвинител што раководи со ЈОГОКК, грубо го нарушува принципот на независноста на судството, а токму тоа може да биде пречка за пристапување на нашата држава во ЕУ, на кое се повикува обвинителката“ и наведуваат дека за постапките на Рускоска писмено ги известиле сите надлежни институции.

ЈО: Рускоска била разочарана

Јавното обвинителство, пак, под чија надлежност е ЈОГОКК, вчера истакна дека „реакцијата на надлежниот јавен обвинител во предметот Рекет треба да се разбере како израз на моментално разочарување, по сознанието за донесената одлука во предмет во кој по опсежна предистражна и истражна постапка и поднесено обвинение, очекува судска разрешница“. Во соопштението до јавноста ЈО нагласува дека ги почитува судските одлуки и не се меша во работата на судската власт.

Завчера попладне Апелација ја уважи жалбата на Јанева и одреди куќен притвор, по што таа, целосно покриена и со лисици на рацете, беше спроведена од Истражниот затвор во Шуто Оризари до станот на нејзиниот син во близина на Клубот на пратеници. Оттаму ќе го чека првото судско рочиште закажано за 3 декември во 10 часот, а предметот, според електронскиот систем АКМИС, ќе го суди судечки совет со кој ќе претседава судијката Васка Николовска-Масевска.

По одлуката за домашен притвор, обвинителката Рускоска во медиумите најави дека ќе поведе финансиска истрага против судиите што ја донеле одлуката.

– Не знам кои се судиите. Чекам да го добијам решението, но ќе поведам финансиска истрага – рече таа.
Според нејзините изјави, одлуката на Апелацискиот суд е срам за судството и така нема да стасаме во ЕУ. Таа потсети дека претходно Јанева понуди гаранција во недвижнини за да биде пуштена, а судот тогаш не ја прифати, но овој пат одлуката е спротивна и е без дадена гаранција.

Според Апелација, жалбата на Јанева е уважена и првостепеното решение е преиначено со мерка куќен притвор, заедно со мерки за претпазливост, како одземање на пасошот и забрана за комуникација со инволвираните во аферата „Рекет“.

Во оваа мегаафера Јанева е обвинета заедно со Бојан Јовановски (Боки 13) и Зоран Милески Кичеец дека изнудиле 1,5 милион евра од бизнисменот Орце Камчев за да добие олеснувања во истрагата „Империја“ што поранешното Специјално јавно обвинителство ја водеше против него. Според обвинението, Јанева зела награда од 50.000 евра и мебел вреден 5.000 евра. Таа е второобвинета во случајот за делото злоупотреба на службената положба и запретена ѝ е затворска казна од шест месеци до пет години. Јанева во притвор беше од 21 август до завчера. Во Шутка останува само првообвинетиот Боки 13, кој заедно со третообвинетиот Кичеец беше притворен на 15 јули, но Кичеец беше пуштев во куќен притвор на 24 септември.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close