Судскиот совет под силна осуда од сите институции и релевантни организации

Фото: МИА

Судски совет на Република Северна Македонија со 8 гласа „за“ и 4 „против“ денеска ја одложи итната седница за избор на нов претседател на Советот, која заменик-претседателот Селим Адеми ја свика вчера откако во незаконска процедура ја разреши претседателката Весна Дамева, која стапи на функцијата пред само пет месеци.

Образложението со кое беше предложено одложувањето на изборот на нов претседател, според Адеми е што еден член на Советот од вкупно 13 е оправдано отсутен, а сите членови на одржаниот колегиум пред седницата се согласиле дека за таква важна точка на дневен ред Советот треба да одлучува во полн состав.

Разрешената претседателка Дамева возврати дека седницата се одложува затоа што Советот не го обезбедил потребното мнозинство од 8 гласа за да се избере нов претседател и дека со последните случувања во Советот се нарушени сите понатамошни однесувања и постапувања на сите членови.

– Се надевам дека во наредните денови ќе имате доволно време за да се обезбеди потребното мнозинство. Ќе оставиме да видиме и дали вашето незаконсо разрешување без спроведена постачка на некој начин ќе се легализира, дали преку Уставен суд или поинаку, не навлегувам. Но, ваша обрврска како заменик-претседател и одговорен претседавач на оваа седница е да нè заштитите од сите можни влијанија, притисоци, закани итн. Доблесно е да се каже и дека ако секој член на Советот до овој момент нема дефинирано став за изборот на нов претседател, тогаш ние не сме на ниво на задачата и да бидеме дел од ова судско тело. Седницата беше закажана вчера, сме имале доволно време, образложете ги причините зошто се одлага – му рече Дамева на Адеми.

На ова Адеми ѝ се обрати на Дамева со саркастичен тон, а во еден момент и со висок тон.

– И вчера и денеска ве изнаслушавме, зборувате во наводници, ако толку сте транспарентна излезете пред медиумите и одржете прес-конференција и кажете дали јас, Селим Адеми имам извршено притисок врз вас или врз други членови. Вчера расправавме пет часа, работевме, има институции и ќе кажат што е законски, вие сте член на Судски совет и денеска сте присутна тука.  Предлогот го ставам на гласање – рече Адеми, по што со поединечно изјаснување изборот на претседател се одложи.

Пред седницата се одржа колегиум, за кој медиумите известија дека оттаму се слушале расправии, викотници, повикување на одговорност и слични нервозни и обвинувачки коментари.

Целосно ќе исчезне довербата во судството

За хаосот што настана во Судскиот совет два дена не стивнуваат реакциите, како од правната фела, невладините организации, така и од институциите. Главно оценките се дека довербата во судството целосно ќе исчезне, а ситуацијата е многу сериозна.

Ставот на претседателот Стево Пендаровски за случувањата на вчерашната седница на која беше разрешена Данева е дека се случиле сцени кои не му доликуваат на телото кое има многу одговорна улога, со оглед на надлежностите што ги има во изборот и разрешување на судии и оценување на работата на судиите и грижата за угледот на судството.

– Со вакви постапки, дополнително се намалува кредибилитетот, не само на Судскиот совет, туку и довербата на граѓаните во правосудниот систем – е ставот на шефот на државата.

Во врска со прашањата како Весна Дамова и Селим Адеми се избрани за членови на СС, Пендаровски информира дека тој ја предложил Дамева од редот на истакнати правници, согласно уставните надлежности на претседателот и по извршени консултации, а Адеми е избран по предлог на Собранието.

Реагираше и Министерството за правда кое од Судскиот совет го побарал записникот од завчерашната седница и усвениот дневен ред, со цел да добијат повече информации.

– Министерството за правда со голема загриженост ги следи настаните во Судскиот совет. И покрај тоа што Советот е самостоен и независен орган кој треба да ја обезбеди самостојноста и независноста на судската власт, она што во моментов се случува во голема мера ќе влијае на натамошната доверба на граѓаните во судството. Се надеваме и посакуваме да се надмине целокупната ситуација а Судскиот совет да биде орган кој ќе води грижа за угледот на судството – соопшти Министерството.

Пратеници: Ова е одбрана на судиите кои се во служба на политиката

Државната комисија за спречување на корупцијата соопшти дека за разрешувањето на Дамева очекува да реагираат и да се вклучат сите релевантни државни субјекти.

– Имајќи ја предвид позиционираноста на Судскиот совет како највисок орган на судската власт, кој треба да се залага за бескомпромисно почитување на принципот на владеење на правото и за обезбедување на независноста на судската власт како трет столб на власта, ДКСК изразува сериозна загриженост за случувањата – соопшти Комисијата.

ДКСК ги потсетува лицата на највисоки државни функции дека имаат обврска да ги почитуват начелата на законитост и интегритет од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, односно дека се долќни да посташуваат согласно Уставот и законите и дека никој не смее да ја користи функцијата и положба за личен или за интерес на друго лице. ДКСК укажува и дека е забрането какво било влијание при избор, именувања и разрешување на раководни места.

И пратениците ги осудија настаните во Судскиот совет и ги оценија како крајно негативни. Пратеникот Фадил Зендели од Беса рече дека тоа што се случува е скандалозно и се случува под влијание на власта.

– Целава работа е од кои причини и кои политички влијанија ова се случува. Тоа се случува за се одбранат судиите кои длабоко се во служба на политиката. Се гледаше дека не е во согласност со одредбите како функционира оваа институција – рече Зендели.

Одредени судии, додаде, особено во Апелација си земаат право да амнестираат високи функционери од минатото, под политички притисок.

– Тоа не смее да се случува, а се повторува под влијание на власта. Правосудството треба целосно да се реформира – смета Зендели,.

Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека она што се случи вчера во РСС е преседан и реприза на 27 април пред шест години, кога му било преземено е столчето на Трајко Велјановски, кој во 18 часот ја заврши седницата.

– Ја презедоа неговата улога, си ја продолжија седницата и до денеска ние така функционираме – насилно. Кога насилството ќе го почувствуваат на својот грб овие денес што се на власт, тие тогаш реагираат. Затоа немаме никакво сочувство за нив – рече Стојановска.

Пратеникот Мартин Костовски од СДСМ рече дека лично таквото однесување го оценува како негативно.

– Советот е независна институција и прашањето за оваа ситуација треба да го поставите таму. Јас сум пратеник од СДСМ и не сакам да навлегувам во коментирање и анализа на едно независно тело – рече Костовски.

Тој додаде дека СДСМ во овие изминати години на власт прават се што можат за граѓаните и во пракса да почуствуваат што значат европски манири, навики и однесување.

Од невладините организиации реагираше Блупринт групата за реформи во правосудствотото, која оцени дека не постои правен основ за разрешување на претседателката на Судскиот совет.

– Ниту Деловникот не содржи одредби што ги уредуваат постапката или причините за разрешување на претседател на СС, што значи дека не постои правен основ за донесување на одлуката . Уште повеќе, според Деловникот, тој што предложил да се гласа, нема право на глас во случајот – укажуваат од Блупринт групата.

И тие се загрижени, како што наведуваат, од ескалирањето на состојбата при утврдувањето на дневниот ред на завчерашната седница на Судскиот совет и апелираат членовите да го преиспитаат своето постапување во конкретната ситуација и притоа да ја покажат и докажат својата непристрасност, независност во работењето и дејствувањето како членови на Судскиот совет.

– Во моменти кога довербата во судството е на незавидно ниско ниво, нужно е Судскиот совет да биде стожер на судската власт преку обезбедување и гарантирање на самостојноста и независноста на судската власт и да биде институција во која судиите и граѓаните ќе имаат голема доверба, а не институција која ниската доверба дополнително ќе ја руинира поради непочитување на законите и произволно постапување, со што директно го поткопува уставниот и правниот поредок во земјата – велат од Блупринт.

Тие напоменуваат дека во Законот за Судски совет е наведено дека за разрешување на судија е потребно да гласаат 8 члена од присутните членови со право на глас, а во конкретниов случај гласале 7 члена без претходна дискусија и без запазување на постапката која се применува за разрешување на судија.

Низа правници, адвокати и професори завчера попладне го искаќаа својот став на социјалните мрежи. Професорката на Правниот факултет, Ана Павловска Данева повика да не се молчи.

– Потпретседателот на СС ѝ го одзеде зборот на претседателката и продолжи да ја води седницата, па ја разреши спротивно на Закон и Деловник. Сите молчат! Утре може да се случи првиот (или вториот, третиот…) вицепремиер да му го одземе зборот на премиерот и да продолжи да ја води Владата! Сите пак ќе молчат! И него ќе го пуштат низ вода. Битно нивните функции, паушали, хонорари да останат нечепнати – напиша професорката Павловска Данева.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот