Судири на протестот против рестриктивните мерки во Берлин (ВИДЕО)
Вкупно 18 полицајци се повредени, од кои тројца се примени во болница, во растерувањето на демонстранти во Берлин откако полицијата прекинала голем собир против мерките воведени поради сузбивање на епидемијата на коронавирусот, одржан и покрај растот на бројот на новозаразените, објави германската полиција во неделата.
Организаторите на протесниот собир одржан во неделата не се погрижиле да се следат хигиенско-санитарните препораки, изјави портпаролот на берлинската полиција за агенцијата DPA.
Полицијата го прекинала собирот на кој присуствувале околу 20.000 луѓе. Кога некои од присутните не сакале да отстапат, полицијата сметала дека прават прекршок што предизвикало реакција од присутните.
Полицајците ги симнале од сцената некои од организаторите, со бурно негодување од демонстрантите и примениле сила кога едно лице не сакало да ги послуша нивните наредби. Меѓутоа, една упорна група останала пред бината, а некои од нив полициајците ги привеле или насилно отстраниле од просторот.
Полицијатга вели дека околу 17.000 луѓе учествувале во првичната поворка низ центарот на Берлин која завршила кај градската знаменитост Бранденбуршка порта. Организаторите, пак, тврдат дека се собрале 1,3 милиони демонстранти.
Според објавата на берлинската полиција, во саботата биле распоредени 1.100 полицајци чија задача била да го надгледуваат собирот и да ја растераат толпата. Полицијата ќе подигне тужба против организаторите на протестот кои не одржувале физичко растојание. Малкумина од демонстрантите носеле маски и ја одржувале физичката дистанца, додава полицијата.
Во изминатите 24 часа во Германија се регистрирани 955 новозаразени, според податоците на референтниот Институт Роберт Кох. Новите бројки покажуваат најголем дневен раст на новозаразените од мај. Со тоа бројот на зарзените во земјата од почетокот на епидемијата се зголеми на 209.653 лица. Бројот на починатите, пак, достигна 9.148, односно е зголемен за седум од претходниот ден.