Студентите наместо на огласи, работа бараат на Саем (ГАЛЕРИЈА)

Деновиве во просториите на ФЕИТ и Машинскиот факултет во Скопје се одржува петнаесеттото издание на „Job Fair 2019“ во организација на студентската организација БЕСТ-Скопје.

„Job Fair 2019“ претставува Саем за вработување и кариера, кој им овозможува на студентите да стапат во директен контакт со IT и технички фирми, кои им нудат шанса за пракса, работа или стипендија. Таму фирмите имаат свои штандови, каде тие се поврзуваат со студентите преку различни промотивни материјали, наградни игри и обуки.

– Нашата организација има CV датабаза и според статистиката од лани, од 1.000 CV што беа доставени, имаше 300 студенти кои беа повикани на интервју кај фирмите – вели Елена Блажевска, една од организаторите на настанот.

Таа дополнува дека интересот за „Job Fair“ секоја година расте, па така годинава на настанот присуствуваат 31 фирма, од кои 20 се IT, а 11 технички, за разлика од лани кога присуствувале 27 фирми.

– Задоволен сум од „Job Fair“. Ми нуди шанса да аплицирам за пракса во некои од најголемите IT фирми во земјава, што ми е потребно за сегашните студии, како и за работа во иднина – изјави Дарко, студент на ФИНКИ.

– Мислам дека овој настан е добра шанса за студентите, но и за фирмите. Имаме информации за фирмите и тоа ни дава шанса да ја најдеме вистинската средина за работа. Јас годинава аплицирав во две IT фирми – вели Ана, која исто така студира на ФИНКИ.

Блажевска додаде дека овој настан е добар и за фирмите, кои секоја година се во поголем број, бидејќи Саемот им дава шанса да се поврзат со млади и амбициозни студенти и преку организацијата тие добиваат информации за студентите, наместо да објават оглас.

„Job Fair 2019“ трае од 6. до 10. мај, од 9 до 16 часот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот