Сто милиони денари од градската каса за зелени коридори, плоштади и паркови

Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ планираат следната година да подигнат ново урбано зеленило на јавни површини и да го реконструираат зеленилото на 28 локации низ Скопје. За таа намена во градскиот Буџет за 2021 година се планирани 100 милиони денари.

Покрај изведбата на зелени коридори и уредувањето на средишното зеленило на повеќе улици и булевари, во програмата е предвидено и уредување плоштади позади државното Собрание и кај Дом на АРМ, површини каде со години не е интервенирано. Зелен плоштад ќе се направи и во Капиштец, на улицата „Васил Ѓоргов“ во близина на Домот за деца без родители „11 Октомври“. Градот планира изведба на уште неколку паркови, еден од нив во Општина Шуто Оризари, потоа помеѓу реката Лепенец и складиштата на „Маврово“, но и во Карпош помеѓу булевар „Илинден“ и пешачката патека покрај Вардар, во делот на депонијата.

Наредната година хортикултурно ќе се уреди и кејот на Вардар од двете страни, а ќе се интервенира и на зелената површина на Кале.

– Ќе се продолжи со засадување на 600.000 цвеќиња на подрачје на град Скопје, како и со набавка и садење на 7.000 високо квалитетни парковски садници и декоративни грмушки за обновување на дрворедите од урбаното зеленило покрај булеварите, магистралните и собирните улици, мајор коритото на реката Вардар, како и во парковите, зелените плоштади и коридори, доколку се укаже потреба заради реконструкција или надмината физиолошка старост на стеблата – се вели во Програмата за подигање и одржување на зеленилото на подрачјето на град Скопје за 2021 година.

Град Скопје има надлежност да го уредува и одржува булеварското и парковско зеленило во Градски парк, паркот на Франкофонија, паркот „Жена борец“, на Водно, во паркот на природата Гази Баба и во СРЦ „Сарај“.

Во Градски парк, според планираното, треба да се продолжи со хортикултурно уредување и реконструкција на постоечкото зеленило со поставување забавни детски реквизити и друга урбана опрема. Во програмата се предвидува и реконструкција на урбаното зеленилото покрај велосипедските патеки и пешачките патеки, но и на друго урбано зеленило за јавна употреба во Градот, а кое е од големо значење за рекреација на граѓаните, како и на други неуредени зелени површини за кои ќе се укаже потреба за нивно хортикултурно уредување.

-Во текот на 2021  година ќе продолжи активноста за сечење на тополи. Се предвидува да бидат исечени околу 100 стебла во Градски парк и на други локации, заради надмината физиолошка старост на растението во градско подрачје – објаснуваат од Градот.

За хортикултурно уредување и реконструирање на јавното зеленило во  Буџетот за 2021 се планирани 100 милиони денари, што не е доволно за сите планирани проекти.

– За планирање, подигање, и реконструкција на јавното зеленило за сите погоре наведени локации, потребни се финансиски средства во износ од 160 милиони денари, меѓутоа исполнувањето и завршувањето на наведените проекти, во најголем дел ќе зависи од поволните временски услови за работа – се вели во Програмата.

 Финансирањето на активностите за одржување на јавното зеленило со сите потребни операции што е во надлежност на Градот Скопје , се врши преку одвојување на 19,5 отсто од цената на потрошената, фактурирана и наплатена вода  и цената за одведување урбани отпадни води.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот