„Стела“ – Прв македонски долгометражен филм за деца

По едногодишни интензивни подготовки, продукциската куќа „Дрим Фектори“, заедно со режисерот Стојан Вујичиќ го најавуваат почетокот на снимањето на првиот македонски долгометражен филм за деца „Стела“, јавува Хаштаг.мк.

Снимањето, ќе се одвива на територијата на Македонија и тоа во Скопје, а потоа продолжува и во живописниот Галичник, како и во Штутгарт – Германија, истакнува продуцентот Огнен Антов.

„Стела“ е приказна за едно куче – шарпланинка, едно дете и еден дедо. Звучи идилично, но не е… Откако детето Николa ќе се обиде да се самоубие поради „булинг“ во училиштето, изгледа дека никој не ќе може да допре до него. Престанува со секаква вербална комуникација. Шарпланинката Стела е единствената која не бара ништо од него, не поставува прашања, не бара одговори. Доволно е неговото постоење и среќна е од неговата близина. Детето ќе почне да се поистоветува со неа, па неговиот глас може да се слушне единствено кога лае. Дедото, кој избегал од луѓето да живее сам на бачилото, неволно ќе го прифати Никола за во текот на оваа авантура да станат семејство бегајќи од своето вистинско семејство. Не знаејќи, со тоа ќе се доближат до она од што бегаат, но сега променети ќе можат да продолжат со животот или мирно да заминат од другата страна на вечноста.

Во филмот главните улоги ги толкуваат: младата шарпланинка Стела, 12 годишниот Петар Маниќ (кој е за прв пат на филм), Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Симеон Дамески и Христина Поповиќ, позната од филмскиот хит „Парада“.

Сценариото е на Ева Камчевска, кинематографијата е на Гого Клинчаров, костимограф на филмот е Милена Миленковиќ, а снимател на звукот е Срѓан Бајски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот