Срцето, џебот, рамото или нешто друго ќе им биде поважно на штипјани

Штип / Фото: МИА

Како градоначалник каков што досега не сме имале, ќе бидам во функција на народот, ќе ви подадам рамо, ќе им пружам раце, посебно на тие што се ранливи, вели Нигериецот Симон Поликарп, кандидат од Интегра.

Нигериецот Симеон Поликарп, кој има македонско државјанство, е меѓу четворицата кандидати за градоначалник на градот под Исарот, предложен од партијата Интегра. Поликарп, познат по прекарот Џими, во Македонија дојде во 1981 година, две години престојуваше во Пробиштип каде што учеше геологија, а потоа се пресели во Штип каде што живее со сопругата и со двајцата синови.

Кардиологот Сашко Николов од СДСМ, актуелен градоначалник на Штип, на оваа функција дојде откако го прекина пратеничкиот мандат во Собранието и победи на локалните избори во 2020 година. Сега ќе ја бара довербата на штипјани за нов цел четиригодишен мандат. Негов противкандидат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ е магистер по економски науки Иван Јорданов, актуелен пратеник. Кандидат на коалицијата ЛДП-ДОМ е Ванчо Санев, дипломиран економист и претседател на општинската организација на ДОМ во Штип.

Кандидатот на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ Сашко Николов вели дека и во краткото време на функцијата градоначалник постигнал доволно резултати за да може на 17 октомври да бара поддршка од граѓаните за цел мандат.

– Главни програмски одредници се суштински проекти со повеќедецениска важност и потреба. Ќе се фокусираме на инфраструктурни проекти во водоснабдувањето, сообраќајот, управувањето со отпад и во образованието, кои се од витално значење за развој на нашата општина – вели Николов.

Ако кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Иван Јорданов, ја добие довербата на штипјани, фаворити ќе му бидат проектите во населбата Исар – реконструкција на водоводната мрежа и на улиците – во урбаната заедница „Брегалница“ и во централното градско подрачје.

Кандидатот од ЛДП-ДОМ Ванчо Санев смета дека е неопходна замена на штетните и канцерогени водоводни цевки од азбест, материјал што е забранет во ЕУ од 2005 година.

– Општина Штип и по 16 години по таа објава на ЕУ сè уште користи азбестни цевки во водоводната мрежа во должина од 42,5 километри. Предвидувам до крајот на својот мандат како градоначалник целосна замена на азбестната водоводна мрежа. Ова е четиригодишен проект со комбинирано финансирање – вели Санев.

Поликарп од Интегра ќе се бори за гласот на штипјани со локалната развојна платформа „Инвестра 2021“.

– Како градоначалник каков што досега не сме имале, ќе бидам во функција на народот, ќе ви подадам рамо, ќе им пружам раце, посебно на тие што се ранливи. Не ветуваме многу, ветуваме само што можеме да понудиме – вели Поликарп во својата порака до граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот