Срамота, комшии

Ако пред неколку години прашавте некој за Визбегово, ќе ви речеа: – Убавото селце близу Скопје кај што има многу кал и уште повеќе мешано население.

Веќе 16 години сум Визбеговец. Со години наназад, кога одев на училиште и работа, калта ни беше најголем проблем. Секогаш кога ќе заврнеше, се создаваше една леплива и густа смеса која толку проклето влегуваше во секоја нерамнина од обувките и многу тешко се отстрануваше. Пробувавме да носиме ќеси, да се бришеме со марамчиња пред да влеземе во 18ка, ама џабе, секогаш остануваше. Како резултат, често јас и моите комшии можевме да бидеме видени низ град, на училиште и работа со многу кал на обувките.

Ама знаете што? Никогаш не ми беше срам поради тоа. Калта се лепеше подеднакво на сите Визбеговци – и на обувките на Македонците и на Албанците и на Турците, Ромите, Македонските муслимани. Подеднакво на гумите на југовците и на мерцедесите. Тоа беше проблем на сите, во чие справување секогаш наоѓавме некоја чудна комшиска солидарност во вид на превоз до автобуска или град, давање на вишок ќеса или палома на соседот и сл.

И јас сум барал цигари од комшиите. Барале и од мене. И мене ми се има случено некое од комшиските деца да ми влезе во двор – тоа е редовна практика во секое село.

Затоа, се срамам од вчерашниот протест. Калта сега речиси и ја нема, ама тие луѓе успеаа да го извалкаат Визбегово повеќе од сета кал во моите 16 години визбеговски стаж – бидејќи зад нивната „загриженост“ не се крие ништо повеќе од обична себичност, елитистичност и надменост кон човекот во полоша состојба од нив самите.

Срамота, комшии.

(Фејсбук статус на авторот)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот