Состојба со коронавирусот во светот до 13 часот

Фото: Профимедиа

Според најновите податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразени вкупно 2.346.819 лицa. Од нив починати се 161.097, а оздравеле 605.642 луѓе.

– Австралија денеска ја проблематизираше транспарентноста на кинеските власти во однос на одговорот на епидемијата на коронавирусот и побара покренување меѓународна истрага за појавата и ширењето на коронавирусот. Австралиската министерка за надворешни работи Марис пејн изјави дека е исклучително загрижена во однос на кинеската транспарентност за епидемијата на коронавирус.

– Коландски еквиваленти за изразите „корона-кашлач”, „забрана за ракување” и „карантинска забава” се некои од новите зборови во холандскиот јазик, исковани во текот на пандемијата на коронавирус, се наведува во новиот интернет речник.

– Во Србија од вторник ќе почне постепено ублажување на рестриктивните мерки, соопшти претседателот Александар Вучиќ и најави дека во првата половина на мај ќе биде исплатена еднократна помош од по 100 евра за секој полнолетен граѓанин.

– Јужна Кореја денеска пријави само осум нови случаи на инфекција, што е прва едноцифрена бројка на нови случаи во последните два месеца.

– Австрискиот канцелар Себастијан Курц денеска им го честиташе Велигден на сите православни верници и им се заблагодари што годинава не го прославуваат заеднички празникот, почитувајќи ги мерките на австриската Влада. – Им благодарам на сите православни верници што годинава се откажаа од заедничко славење. Ви посакувам, и покрај актуелната ситуација, среќен Велигден, напиша Курц на својот Фејсбук профил.

– Во Иран, 87 лица починаа од коронавирусот во изминатите 24 часа, со што вкупниот број на смртни случаи достигна 5.111, изјави денеска портпаролот на иранското Министерство за здравство, Киануш Јаханпур. Ова е мало намалување на бројот на починати во однос на саботата, кога беа пријавени 73 жртви.

– Во Велика Британија сè уште не размислува за укинување на мерките за изолација воведени поради пандемијата на коронавирус, бидејќи зголемувањето на смртните случаи од Ковид-19 е причина за длабока загриженост, изјави денеска Мајкл Гов, еден од министрите во британската влада. Четири недели по воведувањето на овие мерки, Велика Британија е близу до врвот на здравствената криза, во која досега починаа повеќе од 15.000 луѓе, со што земјата стана петта во светот, а во текот на изминатите три дена бројот на починати се зголемуваше за повеќе од 800 дневно.

– Италијанските медиуми пишуваат дека полицијата која проверува дали граѓаните ги почитуваат мерките за ограничено движење, понекогаш во тоа и претерува. Карабињерите напишале казна од 533 евра на родители, кои со автомобил ја воделе осумгодишната ќерка на контрола во болница, по направена трансплантација. Медицинска сестра, по 24-часовно дежурство, останала без можност да се врати во својот дом, откако полицијата го запрела нејзиниот сопруг кој требал да ја земе и го казнила со 533 евра. Еден маж е казнет со 280 евра, откако полицијата го сопрела и се посомневале дека неговата фризура е уредно потстрижена и средена, во време кога сите бербери и фризери не работат. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот