Состав и нутритивни карактеристики за храната за домашни миленици

Она што е најбитно е дека и за кучињата и за мачките составот на една храна треба да биде правилно балансиран.

Правилниот избор на храна претставува вечна дилема кај сопствениците на домашни миленичиња, како и начинот соодветно да се избере вистинската формула за исхрана и правилна диета. Денес  во морето на понуди на готова комерцијална храна паралелно со модерните текови кои наметнуваат домашно приготвена храна или уште попрецизно свежа храна, која не е третирана, навистина е тешко да се определиме за решение за кое ќе бидеме сигурни дека е најадекватно за нашиот миленик, како и за задоволување на неговите диететски потреби во текот на еден ден.

И за да ги разрешиме основните нејаснотии што значи правилна исхрана на домашните миленици прво треба да ги погледнеме еволутивните факти и физиолошките особености на различните видови животни кои се чуваат како домашни миленичиња, а тоа најчесто се кучињата и мачките, разни видови глодари и крзнени животни, птици, рептили, акватични животни и останати егзотични видови. Во овој текст ќе се задржиме на првите два вида миленици, кучињата и мачињата, кои се и најраспространети кај нас и воопшто во светот.

Еволутивниот тек на развојот кај месојадните животни какви што се кучето и мачката условил формирање на дигестивен систем кој е  наменет за процесирање и варење на храна од анимално потекло и денес со сигурност се знае дека и кучињата и мачињата се доминантни месојади, а мачките се исклучиво само месојади.

Она што е најбитно е дека и за кучињата и за мачките составот на една храна треба да биде правилно балансиран со присуство на голем процент протеини од животинско потекло кои се лесно сварливи, масти кои се присутни во храната во вид на масни киселини потребни за одржување на енергетското ниво во организмот и метаболичките процеси, потоа јаглехидратите и растителните влакна, кои покрај дополнување на енергетската вредност имаат значајна улога за правилно функционирање на дигестивниот систем.

Витамините и минералите се нераскинлив дел од добро балансираната диета и предуслов за одржување на здравјето на миленикот.

Во денешно време експертите за исхрана на домашни миленици акцентот сè повеќе го ставаат на нутритивните карактеристики на самите состојки и нивното искористување од страна на организмот, отколку на самиот состав на храната. Не се ретки примерите на храна која се декларира како премиум или суперпремиум храна со состав по рецепт кој како да излегол од кујната на познат француски готвач, со состојки кои воопшто не се искористливи од страна на животните, а некои дури имаат и негативно влијание со состојби кои варираат од појава на нелагодност, надуви, диареа и слиќно, па сè до појава на потхранување, опаѓање на влакното, кожни иритации, алергии и сл. Затоа е толку битно и се инсистира да се обрати поголемо внимание на нутритивните карактеристики на храната и состојките во неа.

На последиците од примена на храна која е адаптирана за примена кај животните укажува и фактот на често интервенирање од наша страна и нејзино прилагодување спрема потребите на исхраната која ние ја користиме, а таа може да биде и претежно составена од растителни продукти (вегетаријанска и веганска храна). што во краен случај ќе резултира со нејзино неискористување, лоша конверзија и тешки последици по здравјето на кучето или мачето.

И да се вратиме на почетокот на оваа приказна. Останува потребата режимот на исхрана за секој миленик поодделно да се договара преку консултации со ветеринарниот доктор или со ветеринарни нутриционисти, кои се и најмногу упатени во оваа проблематика. Честото потпирање врз информации добиени со пребарување на интернет или совети од лица кои се некомпетентни за оваа проблематика резултира со несакани штетни последици за здравјето на нашите миленици.

Храната за нашиот миленик не е наша емотивна желба, таа треба да претставува одговор на неговите нутритивни  потреби за долг и здрав живот.

Спец. д-р Глигор Мојсов, ДВМ

Специјалист по ветеринарна хирургија

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот