Сојузот на средношколци почнува кампања со која ќе се подобри полагањето државната матура

Фото: МИА

Средношколците велат дека поради пролетниот распуст годинава матурантите имаат само три дена да се подготват за првиот испит од матурата.

Преку собирање предлози и идеи Сојузот на средношколци ја започнува кампањата со  која ќе се подобри начинот на кој се полага државната матура. По тој повод, вчера во ЕУ Инфо-центарот се одржа дебата „Од средношколци за средношколци“, на која претставници од сите средни и општи стручни училишта дебатираа и предлагаа заклучоци со кои ќе го олеснат и подобрат начинот на кој матурантите ги полагаат испитите. За време на дебатата биле донесени околу десеттина заклучоци.

Ива Трпески, прва потпретседателка на Сојузот на средношколци за „Слободен печат“ изјави дека овој пат се договориле пред време да започнат да ги решаваат сите проблеми со кои се соочуваат околу полагање на испитите.

– За матурантите е проблем што не се доволно информирани, во однос на тоа ако има промени околу самиот испит, па затоа бараме да има подобра комуникација. Исто така, иако е мал процентот на ученици кои заминуваат во странство – околу осум отсто, голем дел од генерацијата од 2004 година не беа прифатени на одредени места надвор од Македонија, бидејќи не ја земаат како веродостојна матурата. Сметаме дека и доцнењето на резултатите од матурата е исто голем проблем – вели Трпески.

Во однос на подготовките за државната матура, таа појаснува дека едно од барањата е порано да заврши оценувањето, за учениците да имаат конкретни оцени и да има недела посветена на подготовки за матура, но поради пролетниот распуст, што се воведе годинава, тие имаат само три дена да се подготват за првиот испит.

– Нашето барање е или да се помести пролетниот распуст или да нема распуст за да имаме доволно време да се подготвиме за полагање на првиот испит – вели потпретседателката на Сојузот на средношколци.

Тие побараа и формулите за предметите математика и физика да бидат достапни за време на полагањето, како и да добијат базен на прашања, кој ќе им биде достапен еден месец пред испитите, кон крајот на април.

– Минатата година базенот на прашања пристигна до професорите, некои од нив ги доставуваа, а некои не и се соочивме со проблеми – додава таа.

Сојузот на средношколци бара и скратена програма за екстерните испити, конкретно само за мајчиниот јазик, но и доколку се полага математика или англиски јазик, да се полага само на материјал од прва и втора година.

Од Сојузот на средношколци најавија дека до крајот на овој месец барањата треба да бидат доставени до Министерството за образование и очекуваат поддршка околу нивните барања.

Од Министерството за образование за „Слободен печат“  велат дека при креирањето на политиките, мерките и активностите кои ги засегаат учениците, секогаш ги вклучува здруженијата и организациите кои ги застапуваат.

-Комуникацијата со Сојузот на средношколци ќе продолжи и во иднина и штом ги добиеме нивните сугестии и предлози, ќе бидат разгледани и соодветно ќе се одлучи – велат од МОН.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот