Социјалните мрежи им ја крадат среќата на младите генерации

Финците со години се најсреќната нација на светот - Фотографија Profimedia

На првото место веќе седма година по ред е Финска – Северна Македонија е рангирана на 84. место од 143 земји, а при средината е ако се споредува со земјите од регионот

Младите генерации се помалку среќни од постарите, како да страдаат од „средовечната криза“ уште пред да созреат, покажуваат првичните анализи од Извештајот на ОН за глобалниот Индекс на среќа.

На врвот земји со најсреќно население веќе седма година по ред е Финска, а на дното, како и на претходните неколку листи, е Авганистан. Северна Македонија е рангирана на 84 место од 143 земји, а при средината е ако се споредува со земјите од регионот. Највисоко рангирана е Словенија (21 место), а следуваат Косово (29 место), Србија (37 место), Хрватска 63 (место), Грција (64 место), Босна и Херцеговина (65 место), Црна Гора (76 место) и Бугарија (81 место). На последното место во регионот се Албанија, на 87 место, и Турција на 98 место. Србија забележала најголем скок на листата во споредба со претходниот извештај.

На врвот во Европа и во светот се скандинавските земји, сѐ до Исланд. Најсреќни во Европската Унија се чувствуваат жителите на Германија (24 место) и Франција (27 место), а САД паднаа на 23 место и првпат по повеќе од десет години не се меѓу првите 20 најсреќни земји во светот. Кина е на 60 место, а Индија на 126. Првпат меѓу 20-те најсреќни земји се Костарика и Кувајт.

„Тајната“ на Финците

Индексот се пресметува врз основа на изјаснувањата на луѓето дали се чувствуваат среќни, но и врз показатели за шест клучни фактори: социјалната грижа, приходот, здравјето, слободата, благосостојбата и корупцијата.

– „Тајната“ на среќата на Финците е близината до природата и добрата рамнотежа помеѓу работата и слободното време – вели Џенифер Де Паола, истражувач од Универзитетот во Хелсинки, специјализирана за оваа област.

Таа смета дека Финците „можеби имаат посоодветно сфаќање за тоа што е успешен живот“ во споредба со Американците, кои „успехот“ често пати го поврзуваат со финансиската состојба.

– Довербата во институциите, ниската корупција и слободниот пристап до здравството и образованието се исто така клучни. Во финското општество е проткаено чувството на доверба, слобода и висок степен на автономија – вели Де Паола.

Младите се трујат со социјалните мрежи

Како „неочекуван“ заклучок од новиот извештај е посочен падот на чувството на среќа кај помладите генерации. Американскиот лекар Вивек Марти смета дека за тоа придонесува масовното приклучување на социјалните мрежи.

– Да им се дозволи на децата пристап до социјалните мрежи е како да им се дадат непроверени лекови – вели доктор Марти. Тој како „лудост“ го оценува неуспехот на владите подобро да ги регулираат социјалните мрежи.

Извештајот покажува дека помладите луѓе во Северна Америка веќе се помалку среќни од своите родители, а сличен „историски“ пресврт се очекува и во Западна Европа. Токму чувството на младите генерации дека не се многу среќни ги исфрли САД и Германија под 20 место на листата, прв пат по десетина години.

Во САД младите на возраст од 15 до 24 години се чувствувале посреќни од своите родители сѐ до 2017 година. Во Европа генерацискиот индекс се приближува и се очекува наскоро да тргне во спротивна насока.

– Извештајот е знак за тревога дека младите луѓе во САД навистина трпат, а тоа чувство сега се шири и меѓу младите низ светот – смета Марти.

Средовечна криза пред матурирање

Професорот Јан-Емануел де Нев, главен уредник на истражувањето, вели дека во некои делови од светот децата многу рано паѓаат во криза, слична на средовечната, поради што повикува на итни соодветни политики.

– Падот на чувството за благосостојба во САД, Канада, Австралија и Нов Зеланд е спротивен на втемелениот тренд дека децата се посреќни сѐ додека не го достигнат врвот, а тоа се случува во средовечната возраст – објаснува Де Нев.

Најтипичен пример на генерацискиот јаз на среќата се САД. Ако се рангираат земјите според индексот на среќата само на младите, САД тогаш се дури на 62 место, зад Гватемала, Саудиска Арабија или Бугарија. За споредба, Северна Македонија е рангирана на 67 место, ако се сметаат само младите.

Да се укинат „лајковите“

Ако се рангираат само повозрасните генерации, Американците се меѓу првите десет најсреќни нации.

– Во САД, Канада, Австралија и во Нов Зеланд чувството на среќа е во пад во сите возрасни категории, но особено меѓу најмладите, кои се најнесреќни. Во 2010 година младите беа посреќни од средовечните – се наведува во извештајот.

Иако директно не се посочени можни причини за падот на среќата кај младите, се претпоставува дека, освен социјалните мрежи, најбитни фактори се нееднаквоста во примањата, кризата со домувањето и стравот од војни и последици од климатските промени.

Марти вели дека младите Американци поминуваат по речиси пет часа секој ден врзани на социјални мрежи, а една третина остануваат будни до доцна на своите уреди, наместо да спијат. Тој бара итни законски мерки за да се намали штетата што младите ја трпат од социјалните мрежи – на пример, да се исклучат „копчињата“ за реакција и „бескрајното“ листање содржини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот