Собранието усвои Декларација за одбележување четири години од членството во НАТО

Собрание / Фото Слободен печат / Драган Митрески

Собранието денеска ја донесе Декларацијата за одбележување на четвртата годишнина од членството на Македонија во НАТО и 75 години од формирањето на Алијансата во рамките на 149. седница.

Претседателот и подносител Јован Митрески, нагласи дека со донесувањето на Декларацијата ја потврдуваат определбата за давање сериозен и значаен придонес во обезбедувањето на регионалниот, но и на светскиот мир и стабилност. Четири години по зачленувањето во Алијансата, заклучи дека донесените одлуки на патот за членството, биле тешки, но вределе.

– Со оваа декларација Собранието на Република Северна Македонија во пресрет на јубилејната 75. годишнина од основањето на Алијансата ги изразува своите заложби за континуирано остварување на обврските од членството во НАТО и го потврдува опфатот на сите преземени мерки во насока на исполнување на обврските, политиките и заложбите на НАТО содржани во декларациите од самитите на Алијансата. Верувам дека за овој документ ќе обезбедиме силен консензус сличен на оној од 2020 година, рече Митрески.

Со поддршката на декларацијата кажа дека на партнерите во НАТО ќе им биде испратена пораката, како што нагласи, дека во нас имаат посветен и сигурен партнер и сојузник.

– Дополнително, со усвојување на оваа декларација на самиот крај од мандатот ќе оставиме порака на идните пратеници и за идните генерации воопшто, дека од правецот по кој тргнавме нема отстапување и дека како пратеници ги препознаваме стратешките вредности. Од нив не отстапуваме и заеднички работиме на нивно целосно реализирање, истакна Митрески.

Претходно, пратеникот на Левица, Димитар Апасиев, побара тргање на декларацијата од дневен ред, изнесувајќи аргументи дека Алијансата е агресор и кршач на меѓународното право. Според него, членството во НАТО не носи економски просперитет и оти, како што рече, буџетот се користи за милитаризација, наместо за социјални пакети за граѓаните.

Собранието ги донесе и законите за изменување и дополнување на законите за Народната банка на Република Северна Македонија, за извршување на санкциите, за виното, за основање на Медицински факултет во состав на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола. Го прифати и предлогот на автентично толкување на член 93 став 2 од Законот за урбанистичко планирање, но не го прифати барањето за давање на автентично толкување на член 19 од Законот за наследувањето.

Пратениците ја прифатија потребата од донесување по скратена постапка на предлог законите за култура, за здравствена заштита, за заштита и благосостојба на животните, законот за медиуми и за Македонската академија на науките и уметностите ги ставија на дневен ред на 149. седница.

Претседателот на Собранието даде половина час пауза, по што најави продолжување на истата седница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот