Со свој камен по своја глава

Благојче Атанасоски

Што да се каже за земјата што по петнаесет години сè уште е најкорумпираната членка на ЕУ во која царуваат организираниот криминал и корупцијата? Ништо, освен дека е жална! И жално е што целата политичка и општествена свита денеска силно негодува поради холандско-австриското вето за нејзин влез во Шенген зоната. Не било во духот на европското поведение. Која иронија, кое лицемерие.

Како по иронија на судбината, наредното вето што некоја земја членка на Европската Унија го употребила како инструментариум за да спречи натамошна интеграција е холандското вето употребено врз Бугарија и Романија да не добијат зелено светло за влез во Шенген зоната. Имено, по цели петнаесет години од полноправното членство на овие балкански и црноморски држави во најголемиот политички и економски сојуз на стариот континент, аргументите на холандската влада (премиерот Марк Руте), но и на Австријците се дека двете земји сè уште не се подготвени да влезат во слободниот движечки пазар на стоки и услуги, но и население низ Унијата.
Уште полошо, директно холандскиот премиер без дипломатски ракавици изјави дека не може земја во која може да влезете за педесет евра (алудирајќи на корупција при потплатување граничен цариник) да биде подготвена за Шенген зоната, со што го навлече гневот на официјална Софија. А таа, во изминатите три години со секоја своја изјава, постапка и „политика“ го навлекуваше нашиот гнев, на сите македонски граѓани, на македонската влада, општество, но и на Албанија и на албанските граѓани, како колатерална штета од тоа фамозно бугарско вето, кое свесно и намерно го испречија пред нашите евроинтеграции. За иронијата и фрустрацијата да биде уште поголема, Хрватска која стана членка во 2013 година, значи прилично подоцна од Бугарија и Романија, доби амин од сите европски земји да се придружи кон слободниот пазар, бидејќи според нормите таа ги исполнила предвидените критериуми.

Ќе им дојде ли памет?

Цели три години водев своевидна битка да му докажам на заблуденото бугарско општество и на националистичката бугарска политичка каста дека ветото ќе претставува најголемиот пораз на бугарската надворешна политика и дипломатија кон Македонија и македонското национално прашање, внатре во земјата и дека омразата ќе биде мултиплицирана, за жал, и забетонирана во наредните децении. И апелирав наместо да ги превртуваме коските на Гоце Делчев, на илинденците, та дури и тие на царот Самоил, целокупната општествена енергија да ја насочиме кон подигнување на меѓусебната надворешнотрговска соработка, подобрување на патната и железничка инфраструктура, односно на изградба со европски пари на ужасните инфраструктурни врски од двете страни на Осоговието, кон размена на културни и образовни проекти, соработка на секое општествено поле, што ќе ја подобреше секојдневната комуникација и соработка, токму така во духот на потпишаниот Договор за добрососедство и пријателство.
Сепак, агентурните соработници на руските служби, како најголеми руски измеќарки од долапите на најмрачните тоталитарни мината, го извадија на површина сиот децениски потиснуван гнев и фрустрации од национално-политичките разврски на Балканот по Втората светска војна за бугарските интереси и го создадоа „проблемот“, односно го измислија ветото. Кога ги прочитав имињата на потпишаните претставници и претседатели на здруженија на загрижени македонски Бугари, кои бараат средба со еврокомесарот за проширување Оливер Вархељи и кога видов во нив неколку осведочени соработници на нашите удбашки параполициски служби и структури и уште неколку сомнителни дека се соработници на вечната наша судба-удба, ми се потврдија моите тези во изминатите години дека ветото е смислено, операционализирано и реализирано од кујните во Кремљ, со Белград и Будимпешта како главни подизведувачи на Балканот и со нивните подружници и во Македонија и во Бугарија.
Дури, во комуникација со пријатели, вистински македонски Бугари, чесни луѓе, овие денови ми кажаа дека се повлекле и сфатиле дека сепак Белград ја води играта. Ха, тоа секому кој може да собере два и два во односите помеѓу Македонија и Бугарија му беше кристално чисто јасно, но само исфрустрираните, длабоко искомплексираните, заблудените и огневените, кои добро ги познаваат состојбите, сепак не можеа да видат, односно да погледаат. Сега им се подотворија очите, конечно. За жал, огромното, неграмотно, историски и национално нееманципирано, неедуцирано и елементарно неписмено население и во Македонија и во Бугарија ќе продолжи и понатаму да верува дека проблемот е во Гоце Делчев и во цар Самоил, односно во докажување на нивните етнонационални белези и припадности. Тоа што во јавноста се презентира и се претставува е само забава за народ, една карикатурална театарска постановка во која ролјите ги играат креатури и карикатури платени со дебели пари. Кукловодите се на илјадници километри далеку од нас, а нашата публика е егзалтирана и навива, мислејќи дека се води некаква национална битка за спас, односно за спречување од бугаризација. Жално и за актерите, но најмногу за нас!

Бугарија уште долго ќе тоне во своите историски комплекси!

И, што да се каже за земјата што цели две години од преповторени парламентарни избори тоне во тешка политичка криза и не може да формира стабилна политичка влада што ќе ја води земјата низ најголемата светска енергетска и инфлаторна криза по Втората светска војна? И која по цели петнаесет години сè уште е покажувана со прст како најкорумпираната и најсиромашната земја членка на Унијата во која царуваат организираниот криминал и институционализирана корупција. Ништо, освен дека е жална! И жално е, што целата политичка и општествена свита денеска силно крешти и вреска, негодувајќи за холандско-австриското вето и дека тоа не било во духот на европското поведение и добрососедство. Која иронија, кое лицемерие.
За уште поголема жал, на хоризонтот не гледам дека тоа милје полека, но сигурно ќе се смени во децениите што следуваат, односно нашите источни соседи ќе најдат внатрешен институционален и општествен капацитет да излезат од дупката и од духот на рускиот тоталитарен советизам и конечно да се однесуваат како вистинска европска земја, која се помирила со своето трагично и траорно историско минато, извлекла поуки од него и нема да ги повторува истите грешки.
Такво нешто, за жал, нема. Ниту во бугарската општествена и научна интелигенција, ниту кај обичните луѓе, најмалку, пак, во политичката елита. За наша, но многу повеќе за нивна жал.

Авторот е политиколог

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот