Со ребалансот настрадаа 97,5 милиони евра за капитални проекти

Владата ветува дека ќе се гради на коридорите 8 и 10, а опозицијата предвидува дека и тие проекти што останаа се за „пумпање на очекувањата“

Капиталните инвестиции редовно страдаат при секој ребаланс на буџетот. Овој пат, ребалансот се прави за да се изнајдат пари за поддршка на животниот стандард на граѓаните, за зголемување на платите на наставниците и за зголемување на пензиите што треба да се направи од септември, како и за субвенционирање на минималната плата.
Со ребалансот ќе се скратат 97,5 милиони евра што со претходното планирање беа наменети за капиталните инвестиции. Сега, капиталните инвестиции се планирани на 523,6 милиони евра. Но, податоците од Министерството за финансии покажуваат дека до 20 мај се реализирани само 114,7 милиони евра, па прашање е дали за 7 месеци и 10 дена ќе успеат да се потрошат уште 408,9 милиони евра за капиталните проекти.
Министерот за финансии Фатмир Бесими тврди дека ќе има вложувања на Коридорот 8. Според најавите, ќе се прошири автопатот Тетово – Гостивар, ќе се гради нов автопат Требеништа – Струга – Ќафасан, делница Гостивар – Букојчани, делницата Ранковци – Крива Паланка и Крива Паланка до границата со Бугарија, како и автопатска делница Кичево – Букојчани и делницата Кичево – Охрид. На Коридорот 10 е планирана делницата Прилеп – Битола.
Во делот на железничката инфраструктура, планирано е финансирањето на трите фази од изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга – Коридор 8, како и изградба на железнички граничен премин со придружни содржини „Табановце“.
Во областа на гасификацијата е предвидено изградба на магистрални гасоводи делница Скопје – Тетово, Гостивар – Кичево и делница Свети Николе – Велес и изградба на гасоводи меѓу Македонија и Србија, Косово и Грција.
Од ВМРО-ДПМНЕ го дочекаа на нож новиот ребаланс на буџетот и меѓу другото велат дека се напумпани ветувањата за капиталните проекти.
– Жалосно е што сè уште вештачки предвидуваат и пумпаат очекувања за реализација на патот Гостивар – Кичево, а не можат да изградат ниту 1 метар од автопатот Кичево – Охрид, навистина е смешно, навистина се трагични. Не можат да го доизградат ниту патот до Блаце, а веќе планираат изградба на патот Гостивар – Кичево – изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.

За 5 години нереализирани 350 милиони евра

„Слободен печат“ ги прегледа официјалните документи за тоа како се реализирале капиталните инвестиции. Минатата година сме ја завршиле со реализација на капитални инвестиции од 79 проценти и за таа намена биле потрошени 380,5 милиони евра. Пандемијата почна во 2020 година, а тогаш сме имале реализација од 84,5 проценти и потрошени 262 милиони евра. Според Завршната сметка за реализацијата на буџетот од 2019 година, процентот на реализација е понизок отколку во пандемијата. Односно тогаш се реализирани 76,4 отсто од предвидените пари, со што за капитални проекти се потрошени 289,6 милиони евра. Уште полоша била состојбата во 2018 година кога се реализирале само 67,7 отсто од капиталните инвестиции и за значајни проекти е потрошени само 197,5 милиони евра. Реализацијата во 2017 година беше 84,9 проценти со потрошени 323 милиони евра, а во 2016 година се реализирани 76,5 отсто и се потрошени 276 милиони евра. Така, ако се анализираат само податоците за последните 5 години, разликата меѓу планираните и реализираните капитални проекти била околу 350 милиони евра!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот