Со проектилите врз украинското жито, Русија ги торпедира и своите партнерства

Фотографија ЕПА: Максим Шипенков

Секој ден од блокадата остава без храна стотици илјади луѓе, ја зголемува светската цена на храната, но и ја зголемува загриженоста во земји што досега ѝ беа наклонети на Русија

Со упорното секојдневно гранатирање на хангарите во Одеса и украинските инсталации за извоз на жито и храна, Русија всушност ја гранатира и сопствената позиција на светската сцена.

Блокирањето на украинските резерви наменети за извоз остава без храна многу сиромашни земји во Африка, дури и некои што го поддржуваат наративот на Москва за „специјалната операција“ во Украина. Москва, во исто време, во Советот за безбедност на Обединетите нации со вето блокираше резолуција за продолжување на коридорот за хуманитарна помош до северозападна Сирија, а ја поддржа воената хунта во Мали за крај на мировната мисија на Обединетите нации.

Русија пред една недела одби да ја продолжи Иницијативата црноморско жито, која лани беше договорена со посредство од Обединетите нации и од Турција. Претседателот Путин се жалеше дека иницијативата е „еднострана“ и дека „не се почитува ниту едно од барањата на Москва“. Конечната одлука за повлекување беше донесена откако неколку часови пред крајниот рок украински проектили го погодија и го оштетија Керчкиот мост што ја поврзува Русија со анектираниот украински полуостров Крим.

Глобална криза со храна

Аналитичари сметаат дека со блокирањето на извозот на украинско жито Москва настојува да изврши притисок да бидат олеснети санкциите од западните земји, особено за извозот на руска храна. Обединетите нации предложија од санкции да бидат ослободени руските земјоделски банки, но тој предлог беше одбиен.

Секој ден од блокадата остава без храна стотици илјади луѓе, ја зголемува светската цена на храната, но и ја зголемува загриженоста во земји што досега ѝ беа наклонети на Русија.

Во најповолна позиција да изврши притисок врз Москва е турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој веќе придонесе за усогласувањето на Иницијативата црноморско жито, но и чија земја е главен трговски партнер на Русија и логистички партнер за извоз.

Руски проектил на сончогледово поле кај Харков – Фотографија ЕПА, Сергеј Козлов

Иако се на спротивните страни во војните во Сирија, во Либија и при судирот на Ерменија и Азербејџан, иако Турција е членка на НАТО и ѝ продава оружје на Украина, двете земји ја зголемуваат соработката на многу полиња – енергетиката, одбраната, дипломатијата, туризмот и трговијата. Анкара купува гас од Русија, а руска компанија ја гради првата турска нуклеарна централа. Трговската размена помеѓу Турција и Русија лани речиси двојно се зголеми на 68,2 милијарди долари, што отвори сомневања во САД дека Москва ги користи добрите односи со Анкара за да ги заобиколи санкциите од западните земји.

Топло-студени односи

Озгур Унлухисарџикли, директор на Германскиот маршалов фонд во Анкара, забележува дека односите помеѓу Русија и Турција вибрираат меѓу топли и студени уште од времето на султаните и царевите.

– Некое време се натпреваруваат, некое соработуваат. Понекогаш се натпреваруваат и соработуваат во исто време. Колку ќе се нарушат односите, сега зависи од тоа како Русија ќе одговори на приближувањето на Турција кон Западот – вели Унлухисарџикли.

Набљудувачи во Москва шпекулираат дека Русија била решена уште во мај да се повлече од договорот за извоз на украинско жито, но решила да го продолжи за уште два месеца по барање од Ердоган, кој беше во неизвесна изборна битка за уште еден претседателски мандат. Затоа Москва е уште повеќе разочарана од прозападниот пресврт во политиката на Ердоган, кој, меѓу другото, го деблокираше членството на Шведска во НАТО, му беше домаќин на украинскиот претседател Володимир Зеленски и ги ослободи украинските борци што беа чувани во „домашен притвор“ во Турција „до крајот на војната“. Во новата влада во Анкара се вклучени „прозападни“ министри.

– Путин е разочаран. Тој ја поддржа кандидатурата на Ердоган, а сега ќе мора да биде соочен со поактивна и поизразено прозападна Турција – вели Керим Хас, експерт за турско-руски односи.

Москва возврати со вето на резолуцијата за хуманитарениот коридор до регионот под контрола на опозицијата во Сирија, каде што од доставување храна и друга помош зависат повеќе од 4 милиони луѓе. Во Турција сѐ уште се згрижени 3,4 милиони бегалци од Сирија, а руското вето ја минира иницијативата на Ердоган за постепено враќање на бегалците, на доброволна основа, на сириската територија што е под контрола на турските сили. Ветото се толкува како обид на Москва да го засили мигрантскиот бран кон Европа.

Бесплатно руско жито

Загрозена е и дипломатско-економската иницијатива на Русија во Африка. Некои африкански автократски режими ги ангажираа платениците од руската приватна армија „Вагнер“ за да се пресметаат со политичките противници или за да ги обезбедуваат рудници, фабрики и суровини. Путин организира руско-африкански самит во Санкт Петербург до крајот на јули. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, најави дека на агендата ќе биде иницијативата на Москва за испорака на „бесплатно жито“ за африкански земји.

Со Иницијативата црноморско жито на Украина ѝ беше овозможено со транспортни бродови преку строго контролиран коридор во Црно Море да испорачува 32,9 милиони тони жито и друга храна до глобалните пазари. Дури 57 отсто од украинското жито беше наменето за земји во развој.

Путин ги обвини западните земји дека го користат договорот за извоз на жито за „бесрамно да се збогатат себе си, наместо да ги нахранат гладните“. Африканските земји, сепак, знаат дека Русија е таа што ги гранатира силосите и ги блокира бродовите.

Иако досега нема реакции, потенцијално загрозени се и односите на Русија со Кина, за која се наменети дури 25 отсто од украинското жито.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот