Со четири титули за осум години Голден Стејт е најновата династија во НБА лигата

Голден Стејт вориорс по седми пат е шампион во НБА лигата/фото: EPA-EFE/JOHN G. MABANGLO

Кошаркарите на Голден Стејт вориорс во четвртокот по седми пат станаа шампиони во НБА лигата, освојувајќи ја четвртата титула во последните осум години, иако пред стартот на сезоната не беа фаворити во очите на експертите.

Но, „воините“ покажаа дека никогаш не смеат да бидат отпишани кога во тимот имаат тројца лидери како Стеф Кари, Дрејмонд Грин и Клеј Томпсон кои знаат како се победува и се освојуваат титули, а притоа тренерот Стив Кер перфектно во тимот вклопи и играчи како Џордан Пул, Кевон Луни, Ендрју Вигинс, Ото Портер и Голден Стејт во целост го оправда името „воини“.

Наградата за тоа дојде пред еден ден кога беше освоена седмата титула во клупската историја, и четврта во последните осум години. Згора на тоа, во последните осум години, „воините“ имаат и два порази во големото финале, со што во целост го опрвдуваат епитетот на кошаркарска династија.

– Ништо не е поважно од тоа да се најде начин повторно да се победи, да се биде најдобар. Ова е дел од нашето шампионско педигре, искуството што го стекнавме, бидејќи градиме нешто големо веќе 10-11 години. Кога ќе стигнете до оваа фаза, до борбата за титулата, тоа искуство е непроценливо – рече Кари кој беше прогласен за МВП на финалната серија.

За Кари, Томпсон, Грин и Андреа Игудалула ова е четврти шампионски прстен, по освоените во 2015, 2017 и 2018 година.

– Секој шампионски прстен е уникатен и не треба да споменувам колкаво влијание имаат врз овој тим. Од сите титули што ги освоивме, оваа е веројатно најспецифичнаа. Не можам да кажам дали ми е е најомилена, затоа што секоја титула ја освојуваме со фантастична игра – изјави тренерот на Голден Стејт, Стив Кер.

Со победата над Бостон селтикс во големото финале, Голден Стејт стана третата најуспешна НБА франшиза со седум освоени титули .Пред „воините“ се само Бостон селтикс и Лос Анџелес лејкерс кои имаат по 17 титули.

„Воините“ првата титула ја освоија во сезоната 1946/47, а во 1961 година, група инвеститори од Сан Франциско го купиле тимот кој станал познат како Сан Франциско Вориорс. Во 1971 година тимот се сели во Оукленд и се преименува Голден Стејт, но по 48 години „воините“ повторно се вратија во Сан Франциско.

– За мене оваа титула е поинаква знаејќи низ што минавме последните три години. Имаше многу повреди, тешки порази, промени во составот, доаѓање на млади момци кои моравме да ги внесеме во системот – вели Кари.

За Кер ова е деветти прстен во кариерата, четврти во тренерската кариера (сите со Голден Стејт), додека како играч има пет (четири со Чикаго, еден со Сан Антонио). Со четири прстени тој е шести на листата на најтрофејни тренери – зад Фил Џексон (11), Ред Оербах (9), Џон Кундла, Грег Поповиќ и Пет Рајли (5).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот