Со бојкотот или врз него?

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Нема што многу паметно да се додаде во вителот на информации, толкувања, коментари, ставови и контра-ставови, сите тие зајадливо засилени на социјалните платформи, изречени викендов по повод здравствените и политичките состојби во земјава. Сето тоа се одвива по добро утврдените линии на партиските поделби, но и во “ничијата земја“ меѓу тие два фронта. И едните и другите и третите се со право загрижени, освен мноштвото сеирџии кои (без маски) уживаат во какофонијата на јавната дебата, уверени дека, од некоја причина, ниту стравот од заразата ниту ставот во политиката нив не ги засега. Важно им е „да се тркала“.

Во таа густо обрасната „шума“ од емоции и пропаганда, сепак се наѕираат две дистинктивни стратегии: од една страна, власта смета дека за подобро справување со сите последици од епидемијата е неопходно што побрзо да се оди на избори, за да се добие нова власт која со полн политички легитимитет, но и со јасна одговорност, би ги имала сите вообичаени средства на располагање за излез на земјата од кризата; од друга страна, опозицијата смета дека за подобро справување со епидемијата треба изборите да се одложат до конечната здравствената битка против короната, со оваа техничка влада и со продолжувањето на вонредните состојби сè додека е тоа неопходно, на чело со нова здравствена комисија која не би била „партиски“ составена.

Во таков контекст, симболички, опозицијата се обидува министерот Венко Филипче да го претстави од „здравствен принц“ во „епидемиски џелат“; а власта се обидува министерот Наќе Чулев да го претстави од неспособен партски апаратчик во неспособен и неодговорен партиски апаратчик.

При тоа, опозицијата, сè уште немушто, вели дека доколку не се уважат нејзините ставови, ќе ги бојкотира изборите во јули. Власта, пак, сè уште немушто, вели дека на избори во јули и со тој бојкот ќе се оди. Сите чекаат кој прв и официјално ќе спомне – бојкот!

Бојкотот на изборите, македонскиот стар политички пријател, сега е, всушност, единствената нова идеја околу која ќе се води јавната полемика во деновиве до прогласувањето на изборниот датум за во јули. Тоа за опозицијата беше маргинална варијанта до пред три-четири дена, кога трендовите со заразените беа ниски. Во страв од изборните резултати, порастот на тие трендови се покажа како извонредна можност за опозицијата да фати бојкотирачка издржана политичка поза, ем на грижа за јавното здравје, ем за сопствено продолжено останување на чело на партијата, без изборен пораз. Оти, раководството на опозицијата има точна проценка дека, и покрај трендот на влошување на состојбата со епидемијата, на јулски избори би доживеале пораз, бидејќи „непартиските“ гласачи се свесни за „надпартиската“ природа и причини за ширењето на заразата.

Власта, пак, се плаши дека, доколку не се оди на избори во јули, ова „вонредно“ владеење на долги стази не може да заврши добро за неа, бидејќи ѝ остава простор на опозицијата да тера бесплатен политички сеир и (технички) од „внатре“ и (политички) од „надвор“, додека таа „технички“ се обидува да се справува со сите, а не само со здравствените последици од епидемијата. Кај нив, претпоставувам, нема технички министер кој е подготвен да продолжи технички да владее до ова време идната година.

Светот го очекува неизвесна пандемиска есен, а многу земји во таква неизвесност влегуваат и летово, бидејќи никој за вирусов не гарантира ништо, па ни тоа дека во септември ситуацијата би била подобра, ако не многу полоша, од сега.

Како ќе се разреши оваа пата-пата ситуација?

Треба внимателно да се следи што ќе бидат меѓународните реакции во наредните десетина дена, откако е јасно дека опозицијата, најверојатно, ќе се определи за бојкот, а власта за избори во јули. Од она што до сега може да се прочита, а и дискретно да се дознае, меѓународните ветришта не дуваат поволно во едрата на бојкотот. Тоа е резултат не само поради аргументите на власта, туку и заради комплетно загубениот меѓународен кредибилитет на опозицијата во целиот процес на евро-атлантските интеграции во изминатите години. Колку што СДСМ тој кредибилитет тешко го стекна, толку ВМРО-ДПМНЕ тврдоглаво го прокоцка… И уште, коцкарски, продолжува да се „вади“, по сите значајни надворешно-политички прашања за земјата.

Но, ветришта како ветришта, знаат и ненадејно да сменат правец. Бидејќи, во оваа сеопшта калакурница во светот, бурата, а не сончевото време, е новата меѓународна реалност. Можеби и заради тоа на Македонија ѝ треба што побрзо нова политичка влада.

Цивилмедиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот