Снегот предизвика хаос во Атина, прогласен неработен ден

Снег Атина/ Фото Dimitrios Karvountzis / Zuma Press / Profimedia

Заглавени возачи со часови на улици и булевари, полесно повредени патници на воз, паднати дрва, прекини во снабдувањето со електрична енергија, остави зад себе невремето „Елпида”, снежната бура што од вчера наутро ја зафати областа Атика поширокиот дел на Атина, а денеска, со одлука на грчката Влада е неработен ден за јавниот и приватниот сектор, пишува Катимерини.

Особено тешка беше ситуацијата на автопатот што ги поврзува атинските предградија, каде што стотици автомобили над 12 часа останаа заглавени и синоќа беше активирана војската која во текот на целата ноќ интервенираше за да им помогнат на возачите, а операцијата продолжи и утрово.

Непознат е точниот број на возила заглавени, веројатно се над 1.000, а некои и 20 часа подоцна, сè уште не се отстранети.

Дел од возачите во обид да стигнат на друг начин до нивните домови ги напуштиле возилата, дел биле пренесени во локални хотели за да ја поминат ноќта.

Конкретниот автопат е во сопственост на приватна компанија и министерот за климатска криза и цивилна заштита Христос Стилијанидис рече дека целата одговорност за хаосот на автопатите ја носи компанијата.

Слични проблеми имаше и на булевари во Атина, со заглавени возила.

Поради снегот, воз што сообраќаше од Атина кон Солун, запре во близина на градот Ливадија, а во обид да биде извлечен, дошло до мал судир со влечната машина поради лизгавите шини, при што најмалку девет лица се здобиле со полесни повреди.

Противпожарната служба на Грција за 24 часа добила 964 повици за помош во поширокиот регион на Атина.

Во седум региони од Грција меѓу кои и Атика, поширокиот регион на Атина, денесшниот ден е прогласен за неработен, ќе останат затворени јавниот и приватниот сектор, а повторно има силна препорака до граѓаните да избегнуваат непотребни движења.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот