„Слободен печат“ во автобусите на ЈСП: Надвор топло, внатре ПЕКОЛ (ФОТО+ВИДЕО) – Слободен печат
ВестиВи ПрепорачувамеСкопјеСлободна ТВ

„Слободен печат“ во автобусите на ЈСП: Надвор топло, внатре ПЕКОЛ (ФОТО+ВИДЕО)

Цела држава е стигната во жолта фаза заради топлотниот бран, а патниците што се принудени да користат автобус се препотуваат, реагираат – но залудно.

Жештините во Скопје се сè поголеми, температурите достигнуваат и до 40 степени, а сепак во многу од автобусите на ЈСП Скопје и речиси кај сите приватни превозници климите не се пуштени или пак во некои случаи воопшто не работат. Многу често тие автобуси возат со отворена предна врата за да има било какво проветрување во нив или со отворени прозорци на покривот. Сето тоа не помага кога цела држава е во жолта фаза заради топлотниот бран, а патниците што се принудени да користат автобус, се препотуваат. Тие реагираат, но залудно.

– Секој ден патувам со автобус 22, најчесто со приватен. На овие жештини клима не се пушта во автобусите, воздух единствено циркулира од некој подотворен прозор, но кога автобусот се движи. Сега во моментов се работи на „Партизанска“, страшна гужва е и половина час стоиме во место или се движиме по принцип тргни-застани. Во автобус не се дише, сто степени, клима нема. Не ми е јасно зошто не реагира никој? Прави ли Градот некакви контроли, има ли увид во какви услови се возат граѓаните? Треба некому да му се слоши или не дај боже нешто полошо да се случи, па некој од надлежните да реагира – вели една револтирана граѓанка, која го покани градоначалникот Шилегов еднаш да се провози со автобус на линија 22.

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

 

Системот за електронска наплата на билетите во автобусите за градски превоз е проект на Град Скопје и со него требаше да се обезбеди граѓаните со истата картичка да се возат и во автобусите на ЈСП и во приватните автобуси. Но, тоа значи и дека на патниците треба да им се овозможат приближно исти услови за превоз и кај едните и кај другите. За жал, во приватните автобуси многу ретко климата е вклучена.

– Градот Скопје редовно врши контрола врз сите лица кои вршат организиран јавен превоз во рамките на Градот Скопје, согласно Одлуката за линиски превоз на патници во градот Скопје, Одлуката за авто-такси превоз на патници на подрачјето на градот Скопје, како и Одлуката за јавниот градски и меѓуопштински (приградски) превоз на патници во град Скопје. Согласно овие прописи, автобусите мора да се проветруваат и температурата мора да биде помеѓу 10 и 25 степени – одговорија од Град Скопје.

Тие тврдат дека доколку превозниците не се придржуваат до овие одредби, можат да бидат санкционирани од страна на овластените инспектори за патен сообраќај на Град Скопје.

– Нашите инспектори се на терен и ги контролираат автобусите и оваа состојба, а дополнително истите ќе ги засилат нивните активности на терен – велат од Градот.

И покрај тврдењето од Град Скопје, нејасно е како, доколку се прават контроли на автобусите, состојбата не се менува, не се казнува и ништо не се презема за да им се овозможат на граѓаните хумани услови за патување.

„Слободен печат“ се качи во автобусите на ЈСП за да ја почувствуваме жешката атмосфера на која се жалат жителите на Скопје. Направивме и анкета, а мислењата на граѓаните слушнете ги во видеото.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close