Слаб интерес за поставување фотоволтаици: Што ги колеба скопјани, скапата инвестиција или бавната процедура?

Соларни панели, Фото: EPA-EFE/SASCHA STEINBACH

Со оглед на фактот дека законските измени со кои се дозволи поставување фотонапонски централи за граѓаните до 6kW беа направени пред два месеца, а за да се побара дозвола за поставување треба да се обезбедат неколку документи, можно е бројот на барањата да се зголеми во наредниот период.

Нема голема заинтересираност на граѓаните за поставување фотоволтаици на покривите на куќите или на зградите, барем според податоците од неколку скопски општините чија обврска е да издаваат решенија за оваа намена. Засега, барањата за вакви дозволи се бројат на прсти, иако долгорочно, во услови на енергетска криза и скапа струја, станува збор за многу исплатлива инвестиција. Така, на пример, во општина Чаир досега не е поднесено ниту едно барање за инсталирање фотонапонски панели во домаќинствата, а во општина Центар се пристигнати шест, од кои само едно е од физичко лице. Во Кисела Вода, пак, досега, како што велат, се доставени само четири барања.

Сепак, со оглед на фактот дека законските измени со кои се дозволи поставување фотонапонски централи за граѓаните до 6kW  беа направени пред два месеца, а за да се побара дозвола за поставување опрема за производство на струја на сончева енергија треба да се обезбедат неколку документи, можно е бројот на барањата да се зголеми во наредниот период. Секако, слабата заинтересираност може да се должи и на фактот што станува збор за скапа инвестиција, која чини најмалку 6000 – 7000 евра.

Некои од граѓаните што веќе поднеле барање велат дека процедурата е бавна и долго се чека за дозвола од општините.

Повеќе од еден месец чекам да ја добијам таа дозвола иако рокот е само неколку денови. Не знам дали има голем наплив на барања или има некаков друг проблем што толку се чека – вели жител на Кисела Вода.

Од Општина Кисела Вода објаснуваат дека оваа материја е многу малку уредена со закон, освен дека треба во рок од 5 дена да се издаде дозволата што, според нив, реално е многу тешко да се постигне.

Имаме 4 предмети од кои досега два се решени, а два се во фаза на постапка. Може да се чека повеќе од месец доколку е некомплетна документацијата или ако објектот има неколку сопственици, па се бара согласност од сите. Како и да е, на барателот му укажуваме што му недостасува, што треба да дополни за да ја добие дозволата – велат од Општина Кисела Вода, иако признаваат дека е можно малку да е забавена постапката и поради летните одмори.

Во однос на тоа дали излегуваат на терен за да ја утврдат состојбата на објектот за кој сопственикот бара дозвола за поставување фотоволтаици, од Кисела Вода објаснуваат дека тоа го прават доколку постои и најмал сомнеж дека покривот не би ја издржал тежината на таблите, особено доколку станува збор за многу стара градба.

Во Законот за градење во член 73 е наведено дека не е потребно одобрение за градење за фотонапонски панели за производство на електрична енергија со максимален инсталиран капацитет до 1МW кои се поставуваат на објекти. Во следниот член, пак, е прецизирано дека за поставување на опремата, се поднесува барање за изведување односно поставување со потребна документација до општината, општината во градот Скопје односно градот Скопје, на чие подрачје треба да се изведе градбата, односно да се постави опремата.

Надлежниот орган од ставовите 1 и 2 на овој член донесува решение за изведување на градбата односно поставување на опремата, во рок од пет работни дена од денот на приемот на барањето, доколку доставената документација е комплетна и се исполнети условите за изведување на градбата односно поставување на опремата, а во спротивно донесува заклучок за прекин на постапката со кој го задолжува инвеститорот да ги отстрани констатираните недостатоци во рок од седум работни дена од приемот на заклучокот. Доколку инвеститорот ги отстрани констатираните недостатоци и го дополни барањето во утврдениот рок, надлежниот орган е должен во рок од три работни дена да донесе решение за изведување на градбата, односно поставување на опремата, а во спротивно донесува решение за одбивање на барањето – се прецизира во член 74 став 3 од Законот за градење.

Од Министерството за економија велат дека Министерството за транспорт и врски е задолжено за олеснување на процедурите за поставување фотоволтаици за домаќинствата во согласност Законот за градба.

Министерството за економија предложи до Министерството за транспорт и врски да се направат измени во Законот за градење односно да се избрише одредбата со која општината издава решение за поставување фотонапонски системи на покрив за потрошувачите производители – објаснуваат од Министерството.

Во однос на прашањето дали Министерство за транспорт и врски има увид како оди издавањето дозволи во општините, дали има застој и има ли многу заинтересирани граѓани, оттаму велат дека Министерството како второстепен орган има увид само во оние предмети што се во жалбена постапка.

Во последнава година до Второстепената комисија при Министерството за транспорт и врски пристигнале околу 5 предмети во врска со издадено решение за поставување фотоволтаици на индивидуални куќи од страна на општината, општината во градот Скопје односно градот Скопје. До Министерството за транспорт и врски нема пристигнато реакции од правни и физички лица во однос на постапките за поставување фотоволтаици за индивидуални куќи – тврдат од Министерството.

 

ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ДОЗВОЛА ОД ОПШТИНАТА

Во член 27-а од Правилникот за формата и содржината на барањето, потребната документација и образецот на решението за изведување на градбите, односно поставување на опремата за кои не е потребно одобрение за градење, донесен од Министерството за транспорт и врски, се наведени документите што треба да се достават до општината за да се издаде решение за поставување фотонапонски панели на објекти.

Како што стои во Правилникот, тоа се:

  • Извод од урбанистички план или урбанистичко-планска документација со кој се потврдува објектот за кој треба да се постави панелот или имотен лист за објектот на кој треба да се постави панелот или правосилно решение за утврдување правен статус на објектот на кој треба да се постави панелот.
  • Ревидиран основен проект ( фаза – архитектура, фаза – градежен дел и фаза – електрика).
  • Договор со заедницата на сопственици на посебни делови на објектот или писмена согласност од мнозинството сопственици на посебни делови од објектот кои претставуваат повеќе од половина од вкупната површина на објектот, доколку панелите се поставуваат во зграда во етажна сопственост односно писмена согласност од сопственикот/сопствениците доколку се поставуваат на индивидуален објект.
  • Лиценца издадена од надлежен орган во согласност со прописите за енергетика, доколку според прописите за енергетика е предвидена лиценца за изградба на овој вид градби.
  • Согласност од Агенцијата за цивилно воздухопловство за панелите повисоки од 15 метри од највисоката точка на објектот каде што треба да се постават.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот