Скопскиот „Предатор“ демнел на грчки мобилни телефони како СМС-порака за вакцинација

Фото Слободен печат

Истрагата за шпионскиот софтвер „Предатор“, создаден од фирмата „Сајтрокс“ со седиште во Скопје и македонско-израелски основачи, продолжува да демонстрира фрапантни организирани начини на кои што се ловеле жртвите односно таргетите во Грција, каде оваа афера го доби името „Предаторгејт“ по аналогија на „Вотергејт“. Фирмата „Сајтрокс“ од Скопје, која го создала овој инвазивен софтвер за инфицирање на мобилни телефони, минатата недела се најде на црната листа на САД, затоа што нивниот производ е опасен и со него се загрозувала приватноста на граѓани кои не се предмет на кривични истраги и не смеело да се следат со посебни истражни мерки и затоа што претставува закана за националната безбедност на САД.

На оваа одлука на САД, ѝ претходеше фактот дека предмет на сајбершпионажа со „Предатор“ била жена со двојно државјанство, и американско и грчко – Артемис Сифорд, менаџерка на „МЕТА“ (Фејсбук) во Грција, чиј мобилен телефон бил инфициран со „Предатор“ цели два месеци без објаснување од грчките служби. Јадицата на која што требало да се фатат жртвите на шпионскиот софтвер „Предатор“ во Грција биле меѓу другото и СМС-пораки за вакцинација против коронавирусот, открива истрагата на Агенцијата за заштита на податоци на Грција во најновиот извештај.

Меѓутоа, тоа биле лажни СМС пораки, чија единствена цел била да ги измамат проминентните сопственици на мобилните телефони во Грција, да кликнат на линкот и со тоа да им биде инфициран мобилниот телефон.

„Мал број на СМС пораки, иницијално личеле на тие пратени од грчката владина апликација за вакцинација. Извршивме увид и инспекција во апликацијата и најдовме дека овие лажни пораки не се испратени од таа владина апликација за вакцинација и дека таа не е пробиена“, се вели во извештајот на Агенцијата за заштита на податоците.

Во него се додава дека петмина жртви се обратиле во Агенцијата за помош откако биле цел на напад односно обид да бидат инфицирани со „Предатор“.

Како изгледа „мамката“ за Предатор?

„СМС пораките содржат краток текст и линк до вебсајт, кој што е наведувачки затоа што многу наликува на вистинската веб-страница. Ако корисникот кликне на линкот, тогаш шпионскиот софтвер се инсталира на уредот. СМС пораките се испраќани преку веб сервис, од веб на СМС, со користење на припејд картички.

За време на истрагата, Агенцијата октри повеќе од 350 СМС пораки кои што се поврзани со овие обиди за инфекција на мобилни телефони, од кои 220 содржеле лажен линк до веб-страница. Над 120 пораки се пратени за тестирање, на неидентификувани пробни телефони (burner phones). Агенцијата веќе ги извести сите 92 лица сопственици на телефонските броеви што ги примиле овие СМС пораки со ваквите карактеристики“, извести Агенцијата за заштита на податоците на Грција.

Истото грчко државно тело за заштита на податоци, во јануари годинава, ја казни 50 илјади евра фирмата „Интелекса“ во чија сопственост е скопската „Сајтрокс“. Причината беше тоа што „Интелекса“ не сакала да соработува со истрагата за контроверзниот софтвер во Грција, која се отвори откако почнаа да се појавуваат разлутени новинари и политичари чии мобилни телефони биле инфицирани со софтверот за следење на комуникациите.

Агенцијата за заштита на податоците на Грција тогаш извести дека истрагата им е насочена кон случаи каде софтверот „Предатор“ бил инсталиран на мобилните на корисниците без нивно знаење за да бидат шпионирани, а со што им биле обезбедени и ископирани од телефоните и сите пропратни информации, пасворди, пораки од сите апликации, снимани им биле телефонските разговори, достап се имало до нивните фотографии и видеа, а софтверот можел и да ја вклучи и камерата и микрофонот на телефонот во реално време.

Кога Агенцијата се обидела да влезе и да направи инспекција во седиштето на „Интелекса“ во Атина, нашле дека внатре на адресата се наоѓа сметководствена фирма чии услуги ги користела „Интелекса“. Кога се обиделе да влезат во компаниските канцеларии во предградието Елинико во Атина пак, ги нашле трите спрата од зградата комплетно празни и без функционална мрежна инфраструкутра или ИТ систем. Сомнежите се дека „Интелекса“ била предупредена за оваа инспекција. Претходно, „Интелекса“ вербално се согласила дека  ќе соработува со Агенцијата за истрагата и ќе ги даде на увид документите за својата работа, но не соработуваше и затоа ја доби казната од 50 илјади евра.

Еден од новинарите од Грција предмет на шпионажа со „Предатор“ е Танасиос Кукакис, дописник за Си-Ен-Ен, Фајненшал Тајмс и Си-Ен-Би-Си и фокусиран на истражување корупција.

Покрај скопската „Сајтрокс АД“, САД на црната листа ја стави и „Интелекса Лимитед“ од Ирска, која што се поврзува со конзорциумот производители на шпионскиот инвазивен софтвер ширум светот. The Irish Times пишува дека со ирските фирми директорувала сопругата на Тал Дилијан, Сара Александра Хамоу, а дека најголем дел од продажбите, во вредност од 29.5 милиони евра им биле во држави од Блискиот Исток.

ЕУРОАКТИВ ОБЈАВУВА ИСТРАГА ЗА ДАНОКОТ, РЕМЕНСКИ ПРАШУВА КАДЕ СЕ МАКЕДОНСКИТЕ ИНСТИТУЦИИ

Еуроактив објави дека Европскиот јавен обвинител почнал истрага за извозот и за данокот на грчка „Интелекса“. Но, од Европското јавно обвинителство за „Слободен печат“ ниту ја потврдија ниту ја демантираа таа информација и не открија дали македонската „Сајтрокс АД“ е дел од истрагата.

„Како генерално правило, Европското јавно обвинителство не коментира за тековни истраги, ниту јавно потврдуваме на кои случаи работиме. Ова е за да не ги загрозиме постапките кои евентуално се водат и нивниот исход. Кога ќе имаме нешто да кажеме за нашите истраги, проактивно ќе го направиме тоа“, велат за „Слободен печат“ од Европското јавно обвинителство.

Софтверот, според Еуроактив, бил извезен во Саудиска Арабија, Судан, Мадагаскар и Бангладеш со дозволи за извоз што на „Интелекса“ ѝ ги издало грчкото Министерство за надворешни работи. Европскиот обвинител испитува дали грчката влада ја прекршила европската регулатива 2021/821 за дуална употреба на овој софтвер (софтверски производи што бараат посебна дозвола за извоз, затоа што можат да се користат за да причинат штета).

Друг извор за Еуроактив изјавил дека информациите што европската обвинителка Лаура Ковеси ги добила во Атина упатуваат на огромно затајување данок од страна на фирмите инволвирани во скандалот со прислушкувањето.

Непријавени плаќања, лажни факутри и тријаголни трансакции се некои од сериозните даночни криминали кои што се чини дека се сторени од страна на фирмите. Стотици лажни фактури и даночни пријави се доставени до канцеларијата на Европското обвинителство“, пишува Еуроактив.

Професорката на факултетот за безбедност, Фросина Ременски, пред неколку месеци го отвори прашањето за данокот и на скопската фирма „Сајтрокс“.

-Моето истражување се однесуваше исклучиво со спорните финансиски сметки на фирмите, преку документи што ги обезбедив преку централниот регистар, како и на промените во сопственичката структура. Дополнително, што една од фирмите во Скопје поврзана со овој софтвер, е основана од оф-шор компанија на Сејшелите. Потоа интересно е да се види начинот на прикажување на загуби на фирмата пред оданочување. Треба да се знае и дали производството и извозот на софтверот бил со дозвола од државата или не. Во двата случаи има проблем. Финансиската полиција и управата за финансиско разузнавање се најповикани да испитуваат по однос на работењето на фирмите. Дополнително што дел од нив имаа странски офшор капитал кој што не подлежел на проверка од аспект на перење пари. Наодите на моето истражување, се совпаѓаат со интересот на Европското јавно обвинителство кое што го посочува истиот модус-операнди систем и промени во сопственичката структура. Покрај безбедноста на комуникациите на граѓаните и приватноста, важен аспект во поглед на финансискиот систем, е начинот на финансиското работење на овие фирми. „Сајтрокс“ е една, а на истата адреса имало регистрирано повеќе фирми. Каде се институциите да реагираат?, прашува Ременски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот