Скопскиот поетски фестивал ја потврди својата неопходност во културниот живот на Скопје

Домаќини и гости на третото издание на Скопскиот поетски фестивал / Фотографија: Диме Данов

Шест поети од странство и повеќе од 60 домашни поети пред публика од вкупно околу петстотини присутни настапија на третото издание на Скопскиот поетски фестивал, што се одржа на 27 и 28 септември на повеќе локации во Скопје.

Интернационално поетско читање на кое настапија поетите Марам ал-Масри (Франција/Сирија), Имануел Мифсуд (Малта), Лана Деркач (Хрватска), Мартин Глаз Серуп (Данска), Драгослав Дедовиќ (Србија), Ален Брлек (Хрватска) и Николина Андова Шопова (Македонија) се одржа на последната вечер на третото издание на Скопскиот поетски фестивал, кој беше затворен на 28 септември со соло концерт на гитара на Александар Бошков и гостинот Ади Имери.

Настаните од фестивалската програма се одвиваа на неколку локации во Скопје, и тоа во Младинскиот културен центар ‒ Скопје (кино „Фросина“), во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје и во кафе-книжарницата „Буква“, а настапија шест поети од странство и повеќе од 60 домашни поети пред публика од вкупно околу петстотини присутни.

Во програмата на фестивалот се одржаа неколку поетски читања, промоции на книги, изложба на фотографии, беа прикажани неколку поетски филмови, се одржа мастерклас, односно работилница за креативно пишување поезија со Имануел Мифсуд (Малта), панел-дискусија за зголемување на видливоста на македонската книжевност во странство и јога во природа со поетска медитација.

Третото издание на Скопскиот поетски фестивал беше отворено на 27 септември со поетското читање под наслов „Воздух. Ветер. Дишење“. На отворањето настапија Санде Стојчевски, Лулзим Хазири, Моника Стојановска, Перица Сарџоски, Игор Трпчески, Николина Андова Шопова, Дарија Јовановска, Драгослав Дедовиќ (Србија), Лана Деркач (Хрватска), Ален Брлек (Хрватска), Марам ал-Масри (Франција/Сирија), Имануел Мифсуд (Малта) и Мартин Глаз Серуп (Данска). Читањето беше придружено од Перица Сарџоски, Владимир Мартиновски и Владимир Лукаш со музичка импровизација на дувачки инструменти.

Поетските читања на Скопскиот поетски фестивал се одржаа на сцената на кино „Фросина“ во МКЦ / Фотографија: Диме Данов

На настанот „Оut & About“, панел-дискусија за зголемување на видливоста на македонската книжевност во странство преку преводи и учество на книжевни фестивали, што се одржа во градската библиотека „Браќа Миладиновци“, искуствата ги споделија Тодорче Тасевски (директор на „Струшките вечери на поезијата“), Владимир Јанковски (уредник на издавачката куќа „Готен“), Дејан Трајкоски (директор на фестивалот „Про-за Балкан“), Билјана Црвенковска (преведувана авторка и уредник на издавачката куќа „Чудна шума“) и Петар Андоновски (преведуван автор).

На фестивалот беа промовирани поетските антологии „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“, приредена од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, издание на „ПНВ Публикации“, на која настапија триесетина од застапените четириесет и два млади поети и поетеси, и „Избор из савремене македонске поезије“, кој поетесата Валентина Бакти го приреди и препеа на српски јазик. Часовите по утринска јога со поетска медитација ги водеше Марија Георгиева во Паркот на франкофонијата.

Како преднастан на Скопскиот поетски фестивал, наменет за млади поети и поетеси на возраст од 16 до 25 години, на 24 септември се одржа „Отскочна даска #2“ во кафе-книжарницата „Буква“, каде учествуваа петнаесет млади поети и поетеси: Ангела Бошкоска, Сатја Александар Давитков, Софија Добревска, Дамјан Златановски, Христијан Илиевски, Дарија Јовановска, Макрина Јорданова, Марко Иван Кочишки, Ива Петреска, Теодора Прокоповска, Милена Сиљаноска, Стефан Спасовски, Пепи Стамков, Сара Стојановска и Методија Тасевски. Самите учесници, со гласање, за свој претставник на официјалното отворање на фестивалот ја одбраа Дарија Јовановска, млада поетеса од Скопје.

Истата вечер се одржа и поетско-музичкиот перформанс „Неисцрпен ‒ трибјут за Бошко Бозаџиевски“ на ВИС „Тркалезна маса“, посветен на поетот и актер Бошко Бозаџиевски (1981 – 2008).

Годинашното издание на фестивалот го овозможија Министерството за култура и „Традуки“, а негови помагатели беа Младинскиот културен центар ‒ Скопје, градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје, кафе-книжарницата „Буквa“, Хрватското друштво на писатели (HDP), Данската фондација за уметност, „ПНВ Публикации“ и „Бест Вестерн Хотел Турист“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 198, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30.09-01.10.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот